Сеча на лекарите од пензиските комисии
Драма на клиниките, полицијата ги апсела лекарите од стручни колегиуми и од предавања
Љубиша Станковиќ
Лекари од клиниките во Скопје и од болници во внатрешноста на земјата и вработени во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување вчера во масовна акција на полицијата беа уапсени поради сомневање за малверзации со инвалидски пензии. Станува збор за четириесетина лица, меѓу кои и неколку звучни лекарски имиња, што директно од работните места со лисици на рацете беа спроведени од полицијата во Основниот суд Скопје 1. Меѓу уапсените има и членови на првостепената и на второстепената комисија што одлучува по барања за инвалидски пензии. Тие пред истражен судија даваа исказ дали ја злоупотребиле службената положба и го оштетиле ПИОМ. Можно е бројот на приведени да се зголеми.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека случајот се' уште не е затворен и се вршат дополнителни проверки во уште неколку градови во внатрешноста, односно во подрачните единици на Фондот и во домовите на осомничените.
Вистинска драма вчера се одвивала на клиниките во Скопје, но и во болниците и во ПИОМ каде што се спроведувала акцијата „Метастаза“. Според очевидци, уште во раните утрински часови во клиниките прво влегувале по двајца полицајци облечени во цивилна облека, додека надвор биле распоредени специјалци. На една од клиниките двајца лекари биле спроведени директно од стручен колегиум, додека на друга, пак, професор на Медицинскиот факултет бил уапсен за време на предавања. Лекарите биле избезумени, а конфузијата била целосна, па директорите почнале да ги пребројуваат вработените да видат дали некој недостасува.
Лекарите што вчера беа спроведени се осомничени дека преку посредници примале парични средства, а тие за возврат на некои граѓани им овозможиле да се здобијат со право на користење инвалидска пензија.
„Најголемиот дел се доктори од Скопје, но има и од Тетово, од Струга“, вели помошникот на министерот за информирање во МВР, Иво Котевски. Според него, повеќемина се од клиниките во Скопје, односно од ортопедија, кардиологија, психијатрија, неврологија, пулмологија. „Тие им овозможувале соодветни дијагнози со кои во натамошната постапка би се здобиле со право на користење инвалидска пензија“, рече Котевски. Тој додаде дека меѓу пријавените има членови на првостепената комисија и второстепена ревизиона комисија, што одлучува по барањата за инвалидски пензии, 17 доктори од повеќе приватни и јавни здравствени установи, како и посредници што ги наоѓале потенцијалните баратели на инвалидски пензии“.
Неофицијално, речиси нема клиника од каде што не е собран барем еден лекар. Така, се зборува дека од клиниките за кардиологија и ортопедија се уапсени по двајца лекари, а по еден од клиниките за пулмологија и неврохирургија, а меѓу уапсените имало и психијатри, невролози, интернисти и еден физиотерапевт.
Со официјален став за вчерашните апсења МВР ќе се произнесе во текот на денешниот ден, бидејќи претпоставките се дека полициската акција наречена „Метастаза“ ќе биде завршена и целиот случај ќе му биде предаден на Јавното обвинителство, а подоцна на кривичниот суд.
Иако од МВР не даваат други подробности, сепак, се дознава дека сега приведените веќе неколку месеци се предмет на опсервација на органите на прогонот, токму поради сомневањата дека правеле малверзации со издавањето инвалидски пензии. Нашите информации велат дека полицијата, со дозвола од судот, повеќе од три месеци води интензивна истрага во која се користеле таканаречените „посебни истражни мерки“, односно примена на аудиоснимки и видеоснимки, како и прислушување на телефонски разговори и нивно снимање.
Апсењето на осомничените, но и нивното приведување во судот, вчера изродија многу шпекулации. Така, во судските кулоари се говореше дека како посредници, при исплата на средства во висина од по 1.500 евра, наводно, се јавувале адвокати и дека токму поради ваквото нивно постапување имало и приведени.
Денес ќе се знае дали Основното јавно обвинителство задолжено за гонење на организираниот криминал и корупцијата до судот ќе поднесе барање за поведување кривична истрага. Барањето за истрага се однесува на две кривични дела: злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.
Вчерашниот случај се доживува како продолжение на полициската акција наречена „Столб“, што беше реализирана во текот на минатата година кога вработени во Фондот за ПИОМ беа осомничени за злоупотреби при доделување пензии. |