ИНТЕРВЈУ
Македонското општество омекнува

Јас сум сто отсто против компромис за името. Јас сум против промена и на една буква, вели професорот Ферид Мухиќ
Соња Крамарска
Професоре, како се случи да ги загубиме координатите во општеството?
Зар сме ги имале, па да ги изгубиме? Она што го немаш, не може да го загубиш. Целиот тој период од 17 години (транзиција, н.з.) нема координати кои би биле постојано во игра. Еве, на пример, нашата меѓународна политика која се засноваше порано на еквидистанца, всушност, не беше координата, туку потреба што беше изведена од надворешните околности (распадот на Југославија и тензиите што настанаа потоа) и не беше внатрешна. Така беше и со внатрешната политика, со етничките прашања, а и со економијата. Проблемот беше во тоа што нашите влади, исто како и другите влади во други земји, во процесот на глобализација немаат автономија во водењето на политиката.
Алудирате и на денешната политика што се води во Македонија?
Ми пречат оцените и изјавите дека нема алтернатива и избор. Социјално тоа е дефетистички, а психолошки тоа е очајнички. Демократијата е токму изјаснување „за“ или против нешто. Само очајник може да помисли дека нема што да прави...
Тоа Ви е критика кон оние што велат дека немаме друга алтернатива освен ЕУ и НАТО?
Апсолутно, да. Во тој контекст ние мораме да бидеме свесни дека имаме алтернативи. Лично сметам дека денес секое општество би можело да опстане дури и ако не се интегрира. Сметам дека не држат тие катастрофични сценарија дека никој не може сам. Опстанокот е можен, но со различен степен на инфраструктурни и други достигнувања што ги опкружуваат граѓаните.
Колку македонското општество со својата социјална конфигурација и сите мани што ги стекна за време на транзицијата е подготвено на „средба“ со глобализацијата?
Тоа е тешко да се каже, но сметам дека македонското општество е се' поподготвено. Овде терминот „подготвено“ го користам со значење како во кулинарството. Нас не' ’готват’ за тоа. Ние сме во лонец и полека омекнуваме, сега сме на ’пареа’, па ќе не' ’похуваат’ итн. Но, лично сум против какво било условување за зачленување во политичките институции. Има една радикална, драстична противречност меѓу принципите на политичко здружување и принципите што ни ги наметнуваат ЕУ и НАТО. Од каде сега измислија толку услови за пристапување кон политичка заедница како што е ЕУ? ЕУ мора да е отворена за сите европски земји, а заедничките стандарди ќе бидат исполнувани откако земјите ќе се зачленат. Мора да се каже и дека во однос на името е без преседан, бидејќи никогаш на земја што сакала таму да се зачлени не и' било барано промена на име. Мислам дека ништо не е врзано за вербална промена на името, туку е и нешто друго. Менувањето на името е понижување до тој аспект да не може човек потоа да си погледне в очи. Некои велат дека името „Горна Македонија“ е многу добро. Но, ние не се викаме Република Горна Македонија, туку Република Македонија и нема тука што да се менува.
Значи, Вие сте против компромис со Грција околу името на нашата земја?
Да, јас сум сто отсто против! Јас сум против промена и на една буква. Ние се бориме против корупција, а тоа е корумпирање на една цела нација. Да се согласи на промена на името за да влезе во ЕУ! Принципиелно зборувајќи, јас сум против какво било условување на нашето зачленување во ЕУ. Бидејќи тоа противречи на карактерот на политичката организација. Но, сакам да укажам и на ирационалноста на поделбата на бранковисти и грујовисти околу ова прашање. Демек, Бранко е предавник затоа што сака да го смени името, а Груевски е патриот, бидејќи не сакал да го смени или ќе го смени „принципиелно“ во преговори. А, всушност, постои само еден став за тоа прашање. Или се преговара или не се преговара. Тука меѓу нив двајцата нема разлика, односно стојат на иста позиција. Разлика би имало ако Бранко е за преговори, а Груевски ги прекинува.
Како се снаоѓа македонското општество во тој судир со модернизмот?
Опкружени сме со празнина, а борбата против неа се води со свеста, со верба, доблест и убавина. Тоа е обидот да се избориш за нешто што е средство, а не цел. Македонското општество е прилично подготвено за глобализација и за пасивно следење на диктатот во обид да се покаже како добро учениче. Се изврши едно големо вредносно поместување кон она што се нарекува континентални вредности. Тука особено предничат младите кои брзо се приспособија на новото време. Новата генерација се' повеќе е водена од она што јас го презирам, а тоа е реал-политиката.
Каква улога може тука да одигра веронауката што се воведе во училиштата?
Воведувањето на веронауката во училиштата е катастрофа! Она што не сакаат да го разберат оние што ја воведоа е дека дефиницијата на секуларност на државата никако не значи забрана на религијата, туку значи токму слободна и рамноправна афирмација на сите религии надвор од можноста државата да фаворизира или да ја сопира која било од религиите. Секој од нас има услови да направи верска школа. Меѓутоа, државата што го прави задолжително верското учење прави дискриминација, бидејќи секогаш остануваат религии кои не се во игра.
Дали можеби тоа е очајнички обид да се вратат моралните вредности кои се изгубија во транзицијата?
Не мислам така. Моралните вредности не се изгубија во транзицијата. Напротив, моралните вредности не се во никаква релација со теизмот и атеизмот. Не мислам ниту дека религијата е гарант на моралноста, иако се стреми кон некои вредности и е еден од начините да се соочиме со празнината. Меѓутоа, многу работи можат и да бидат изманипулирани од религијата. Многу војни се провоцирани од религијата. Верувам дека некои родители сметаат дека нивните деца учејќи религија ќе станат поетични, но тоа не е точно. Имате психопати кои се длабоко религиозни. Има убиства од религиозни мотиви како неодамна во Русија кога беа изедени четворица луѓе. Во нашиот случај религијата може да биде спорна и од друг аспект. Не знам дали религијата ќе ги зближи луѓето, односно учениците, бидејќи тие потекнуваат од различни вери. Дури и во едно училиште може да има ученици од различни вери. Замислете што ќе се случува ако на одморите учениците почнат да отвораат дискусии околу религијата. Тоа ќе ја зголеми дистанцата меѓу нив наместо да ги интегрира. Да бидеме начисто, религијата може како сакате да ја дефинирате, но таа не е толерантна. Така што кај нас е направена една крупна грешка и се надевам дека по една-две години ќе биде поправена.
Господине Мухиќ, Вие сте надворешен советник на претседателот Бранко Црвенковски и го водите неговиот серијал „Дијалози за Македонија“. Но, еве сега забележавме дека со шефот на државата не се согласувате во ставовите за едно фундаментално прашање, како што е спорот околу името на државата!? Сте му го кажале ли на Црвенковски Вашиот став околу тоа?
Да. Приближно тоа што го кажав тука му го имам кажано и нему. Дури и многу порадикално го формулирав на седница на неговиот Кабинет. Советник не значи да ги поддржувате сите ставови, туку некогаш да укажете и на можноста за друга опција или поинакво мислење. Ако говориме за принципиелност, не се потребни никакви преговори за името. Најдобро беше да нема никакви разговори со ЕУ и со Грција околу името на нашата земја. |