Дежа ву скандал во Стразбур со името

Според Иванов, кавгата меѓу Македонија и Грција како спорот меѓу Лилипутанците од „Гуливеровите патувања“

Од нашиот дописник
Тони Гламчевски


Стразбур - Посетата на претседателот Ѓорге Иванов на Советот на Европа повторно се најде под призмата на проблемот со името и за малку ќе ја засенеше главната порака што сакаше да ја испрати од Стразбур - Македонија со интеграцијата без асимилација како модел на идна Европа. „Она што денес е Македонија, утре ќе биде Европа“, нагласи Иванов одговарајќи на пратеничко прашање.

Но, во Европа, во која владеат принципи и норми, сепак, има причини за незадоволство, барем за нас, Македонците. Шпекулациите дека генералниот секретар на СЕ, Торбјорн Јагланд, со писмо наредил да не се користи терминот македонски во паневропската организација, кои беа објавени во грчките медиуми и преземени во нашите, предизвикаа големо вознемирување во Стразбур. Прашан околу тоа писмо, претседателот на ПС, Мевлут Чавошоглу, беше категоричен и јасен: „Ја почитувам одлуката за македонско претседателство. Оваа одлука треба да Bildunterschrift: се почитува. Проблемот со името е реална пречка на патот кој води кон евроатлантската интеграција на земјата“.

По средбата со Иванов, Јагланд нагласи дека тој се придржува кон политиката на организацијата дека спорот за името не се решава во СЕ, туку дека за тоа постои процес во ОН. „Ова претседателство има многу комплексна агенда, а прашањето за името не е на агендата“, рече Јагланд.

Јагланд испрати индиректна критика на сметка на медиумите, појаснувајќи дека нивната улога „е да ги прикажуваат фактите, а не да ги искривуваат, а во овој случај се работи за искривување на фактите заради политички цели“. Забелешката ја упати на грчките медиуми за пишувањата за наводен документ од Секретаријатот со кој се бара да не се применува терминот „македонско претседателство“.

Сепак, на некој начин, Јагланд призна дека постои документ околу именувањето на земјата и претседателството. „Требаше да го информираме Секретаријатот за формалностите во однос на ова за луѓето вработени во Секретаријатот да се придржуваат до формалната политика на СЕ. Но, она што го видов во медиумите не се однесува на содржината на тој документ, кој е употребен за политички цели“, изјави Јагланд по средбата со Иванов. Тој додаде дека за време на посетата на Скопје му пренел на државниот врв дека е запознат со намерата да го користат тоа име за време на претседавањето со СЕ, но дека Советот на Европа ќе го користи името под кое земјата е признаена во ОН.

Претседателот Иванов, од своја страна, рече дека се создава конфузија во однос на примената на референцата под која сме примени во СЕ и именувањето на претседателството со придавката македонско, која, како што вели, не е спорна ниту во ОН ниту во СЕ.

Претходно, Иванов беше уште појасен, оценувајќи дека Македонија троши многу време и енергија во објаснување на дводеценискиот спор за името наместо на перспективите и евроинтеграциите, иако за младите ова прашање личи на приказната за бесмислениот конфликт меѓу Лилипутанците од романот „Гуливеровите патувања“, бидејќи поминаа многу генерации млади кои заборавија дека постои Резолуција на ОН со која исклучиво разликата за името е предмет на овие разговори. Според него, сега спорот влезе во една забранета сфера, односно сферата на самоопределување, па ја предупреди меѓународната заедница дека и да се дојде до решение, прашање е како тоа ќе биде имплементирано, бидејќи Стразбур ќе биде затрупан со индивидуални апликации на граѓаните кои ќе се жалат на оспорување на правото на самоидентификација.

Во обраќањето пред парламентарците, македонскиот претседател предупреди на обидите за запирање на процесот на европското обединување поради актуелната криза, мислејќи притоа на процесот на проширувањето на Европ��ката унија, што го оцени како „единствената одржлива алтернатива за регионот и за Македонија“.

„Нема поголема движечка сила за нашите општества од интегративниот процес. Способноста на Европа да влијае врз своето соседство, без притисок, без сила, да ги привлекува соседните држави во своето соѕвездие на демократски и просперитетни држави, е една од најголемите сили на Европа“, рече тој. Индиректно Иванов испрати порака и за лидерството што го бара толку меѓународната заедница од него и од премиерот, нарекувајќи го „стар стереотип тоа дека лидерот мора да биде тој што ќе пресече, што ќе се справи со проблемите на недемократски начин“. Напротив, порача Иванов, лидер може да се биде и во принципиелна борба за идеалите на Европа, за слободата и за човековите права, на кои денес навистина им е потребен херој и застапник.

Иванов и Груевски прочитаа ист говор

Претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски стануваа политички близнаци или, пак, се цитираат меѓусебно, читајќи на разни дестинации говор, кој личи како напишан на исто место.

„Повеќе од кога било е потребна Европа како отворен простор во кој има слобода на движење на луѓе, на идеи, капитал и на производи. Отворен простор каде што има толеранција и славење на различностите. Каде секој со себе ќе ги носи своите права и својот идентитет. Отворен простор во кој секој ќе биде почитуван за тоа што е, без оглед каде живее и каде работи. Отворен простор што претставува плодна почва за градење внатрешна доверба и доверба меѓу државите“, порача вчера Иванов во Стразбур. Еден ден претходно истото тоа го кажа Груевски во Истанбул:

„Денес, повеќе од кога било, на нашиот регион му е потребно да биде дел од отворениот простор во кој има слобода на движење на луѓе, идеи, капитал и производи, отворен простор во кој секој во себе ќе ги носи своите права и својот идентитет и каде што сите ќе бидат почитувани за тоа што се, без оглед каде живеат и каде работат“. (Н.Р.)


#