Манастирот Бигорски добива автентичен лик
Се очекува до 11 септември, патрониот празник, целосно да заврши зафатот во манастирскиот комплекс
Киро Кипроски
„СВЕТИ ЈОВАН БИГОРСКИ“ - Манастирот „Свети Јован Бигорски“ го добива автентичниот лик. Со донации на верници, фирми, иселеници, финализира изградбата на источен палат, што ги поврзува Долниот и Горниот палат. Манастирскиот комплекс се заокружува во една целина, како што изгледал во 19 век. Се очекува до 11 септември, патрониот празник на Бигорскиот манастир целосно да завршат работите и тогаш да се изврши осветување.
Петнаесетина монаси на Бигорскиот манастир во наредните денови ќе се сместат во новоизградените простории. Како што е познато, ќелиите со целиот имот на монасите, облеката, обувките и книгите изгореа во пожарот што избувна лани на 30 септември во горниот дел од Бигорски. Пламените јазици ги проголтаа и во пепел ги претворија машката трпезарија, галеријата за икони, кујната, библиотеката, гостинските одаи, магацинот.
Во богатата манастирска документација, архимандритот Партениј, игумен на Бигорски манастир, пронашол фотографии од неговиот претходник, игуменот Арсениј, кој бил насликан пред конаците на источен палат. При расчистувањето на просторот биле пронајдени и остатоци на ѕидови од монашки ќелии, што е доказ дека на овој простор имало конаци.
Источен палат, кој е на три ката, располага со 3.600 квадратни метри корисна површина. Тука има 20 монашки ќелии, параклис посветен на свети Никола, манастирска библиотека, саат-кула со зографилница висока десетина метри, магацински простор и репрезентативни одаи.
Од идниот месец, како што вели архимандритот Партениј, ќе се интензивираат работите за обнова на изгорениот Горен палат. Заводот за заштита на споменици ја подготовува обемната документација за реконструкција и изградба на манастирските конаци и на другите простории на Горен палат.
„Дозволата за изградба ја очекуваме кон средината на идниот месец“, најави архимандритот Партениј. Тој појаснува дека од првиот ден по пожарот почнала обновата на манастирските конаци. „Илјадници кубици отпадоци внимателно беа расчистени и положени во депонија. Успешно се санираа ѕидовите што останаа. Специјална фирма мошне квалитетно ги подготви темелите каде што се наоѓаше галеријата на икони и големата трпезарија. Опожарените дрвени греди на ѕидовите, над вратите и над прозорците се заменети со бетонски армирани греди. Така ѕидовите добија цврстина, како да се ново соѕидани“, вели архимандритот на Бигорски манастир и додава дека целиот зафат ќе заврши до крајот на идниот месец.
Потоа следува друга фаза - изградба на бетонска конструкција на целиот изгорен простор. Наредната година, пак, ќе се продолжи со поставување на дрвените елементи на надворешниот и внатрешниот дел, со санирање на сите инсталации, електрична, водоводна... |