Трајко Велјановски нов спикер на парламентот?
Иако е најбројна пратеничка група, во ВМРО-ДПМНЕ признаваат дека изборот за челната позиција во собранието е стеснет
Оливера Војновска
Новиот парламентарен спикер најверојатно ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која на изборите освои најмногу мандати - 54, а нејзината „портокалова“ коалиција - 64 места, велат извори од владејачката партија. Сепак, иако е најбројна пратеничка група, во ВМРО-ДПМНЕ во неформални разговори признаваат дека изборот за челната позиција во парламентот е прилично стеснет. Како најсериозен кандидат за наследник на Љубиша Георгиевски ( кој е еден од малкутемина пратеници кои премиерот Никола Груевски не ги стави на кандидатските листи), се споменува Трајко Велјановски, кој се става, пак, и во комбинациите за министер за правда. Пред две години, се говореше дека спикер ќе биде Гордана Јанкуловска, меѓутоа Груевски тогаш во последен момент се премисли и и' го довери министерското место во МВР. Сега се тврди дека Јанкуловска ќе ја задржи оваа позиција.
Партијата на Груевски моментно е сконцентрирана на прегласувањето на проблематичните избирачки места со доминантно албанско население и оттаму нагласуваат дека за сите други прашања, вклучувајќи го и тоа кој ќе раководи со парламентот, ќе се знае по 15 јуни. ВМРО-ДПМНЕ се подготвува нивни пратеници да ги мониторираат избирачките места каде што минатиот пат имаше насилство и пукотници, со цел репризното гласање да помине фер и достоинствено. „Ќе се направи се' за да не се повтори грдата слика од изборите на 1 јуни. Тоа не смее да се случи, бидејќи може да биде причина за пролонгирање и на конститутивната седница на Собранието и на изборот на Владата“, велат партиски извори.
Инаку, не се исклучува до крај можноста втората по важност функција во државата да одигра значајна улога во распределбата на власта. Во коалициското друштво има многу апетити, владиниот колач е премал за да може да ги задоволи сите кои се вртат околу Груевски, а се' уште не се знае и која партија од албанскиот блок ќе влезе во владината коалиција. Така што спикерската фотелја во парламентот може да биде искористена како џокер во комбинациите за поделба на власта.
Во ВМРО-ДПМНЕ нема некаков отпор оваа функција да му припадне на коалицискиот партнер, што ќе ги претставува Албанците. Напротив, велат дека биле задоволни како Бесим Догани во минатиот парламентарен состав раководел со седниците, дека „се покажал повешт од Георгиевски“. Додаваат дека и во пратеничката група на ДУИ, исто така, има личности кои може да застанат на чело на парламентот. (Теута Арифи минатиот пат се спомнуваше како еден од кандидатите за претседател на Собранието.) За ВМРО-ДПМНЕ дилемата е во нешто друго. По пукотниците и инцидентите на гласачките места во кои се инволвирани членови, но и високи функционери на ДПА и на ДУИ, размислувањата се во правец на тоа дали може да се има доверба и на споменатите партии да им се даде оваа државна функција.
Овој шести парламент ќе има прилично едноличен состав. Во Собранието ќе има само четири пратенички групи: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Дел партиите кои беа дел од двата блока „За подобра Македонија“ и „Сонце - коалиција за Европа“ обезбедија влез во парламентот, но недоволно пратеници - минимум пет за да формираат пратенички групи. НСДП и ЛДП имаат по четири пратеници, СПМ - двајца, ДС, ОПР, СРМ, ДПТ, ДОМ, ЛП, Нова алтернатива, Демократската лига на Бошњаците, ПЕИ и, најверојатно, ПДП по еден пратеник.
|