Манипулациите на ВМРО-ДПМНЕ!

Mарина Mанојловска


Нашиот народ има една клетва што често ја употребува кога на правдина некој го клевети, а гласи „криво зборуваш, да даде Господ устата да ти се искриви”. Очекувам во наредните месеци нечии усти да се искриват толку колку што носот на Пинокио раснел со секоја лага, бидејќи едно е да излажеш еднаш или двапати, ама ако пет години непрекинато исто правиш, ни Бог ни народ не ти простуваат.

Во секој напишан текст или изјава во овие пет години има такви лаги и клевети колку сакате, претпоставувам дека или не сте ја чуле клетвата или, пак, не сте ја читале сликовницата „Пинокио“, една од најубавите и најпоучните бајки во светот. Пет години ВМРО-ДПМНЕ е на власт и имаше можност во фирмите на „Перо Наков” б.б. да влезе барем илјада пати. Што е тоа што ги спречуваше - опозицијата, Грција, меѓународната заедница, Фуере, Рикер или Мугабе?

Почитувани од ВМРО-ДПМНЕ, се' додека ги корумпиравте медиумите со буџетски пари за реклами тие беа послушни, ве рекламираа и фалеа, сега, нема пари – нема реклами, па и љубовта престана, ама за тоа не е виновен ни Б.Ц. ни СДСМ, туку вашата партија и вашиот лидер Никола Груевски. Тврдите дека станува збор за милионски криминал, од каде знаете, имате судска пресуда со точно утврдена сума или, во штабот на вашата партија ги броевте парите, всушност, еве и да ви поверуваме дека е така, зошто пет години го толериравте Рамковски!?!

Зошто, за тие пет години не ви пречеше неговиот милионски криминал и како партија што се изјасни дека не ги дели луѓето по која било основа не извршивте финансиска контрола на „Перо Наков” б.б. во 2006, 2007, 2008, 2009 година, туку по цел ден вашите реклами се вртеа на таа телевизија во овие години. Се надевав дека како Вистинска македонска револуционерна организација ќе покажете доблест, храброст и кураж, па ќе признаете пред македонската јавност дека промашивте, дека вашата преродба беше на хартија, ама во реалноста беше чиста загуба и потрошено време на граѓаните на Македонија.

По се' изгледа дека доблест немате, по се' изгледа дека храброста оперативно ви е отстранета, по се' изгледа името на партијата го украдовте од историјата на македонскиот народ за евтини приказни пред граѓаните, по се' изгледа момчиња млади немате ниту искуство ниту морал ниту чесност за некого да дискредитирате и напаѓате. СДСМ не застана во одбрана на Велија Рамковски, СДСМ застана во одбрана на слободниот збор, застана во одбраната на демократијата, застана тогаш, а верувам ќе застане и денес, ќе застане и утре. Манипулирајќи пет години со македонскиот народ навистина помисливте дека успеавте од сивото да направите портокалово, за жал се потешко се живее, се потешко се лекува, се потешко се школува, се потешко и потешко народот прифаќа дека мора да мисли онака како што вие мислите. Маршот што СДСМ го организираше со цел да сфатите дека вака не бидува, вашиот премиер го претстави со бројка од 8.000 граѓани што се развлекле за да изгледаат повеќе, ама при тоа беше со модро-зелено-жолта боја. Тврдите дека луѓето со сила биле принудувани да одат на митинг, можеби вие така ги уценувавте оние истерани од Центарот за социјални грижи, или оние од болниците, или оние од образованието, или оние од градинките, од армијата, од полицијата... Немајќи аргументи за сите овие случаеви вие се обидовте со манипулирање без пардон да го свртите вниманието со цел, народот побргу да заборави на оние јадни жени, момчиња и мажи кои ги истеравте од овие институции само затоа што немаат ваша членска карта. Срамота! Да, СДСМ го организираше Маршот за демократија, да - во Скопје имаше 50.000 луѓе на маршот, да-бевме таму и не направивме државен удар за кој вашите партиски мегафони урлаа две недели пред маршот, да- стравот кај вас веќе е влезен во коски затоа што знаете што се направивте во овие пет години, да почитувани мои, во христијанската религија е правило да не му го правиш на друг она што не сакаш тебе д�� ти го прават, затоа вашиот страв е толку голем и со последни сили се трудите семето на злото што го посеавте во овие пет години да изрти. Тоа не поминува!


#