ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ најпосле стапија во коалиција
Со влезот на ДУИ во коалицијата, парламентарното мнозинство ќе брои 82 пратеници
Соња Крамарска
По долги преговори, ВМРО-ДПМНЕ викендот ја обелодени коалицијата со ДУИ. Одлуката ја донесоа највисоките партиски органи - Извршниот и Централниот комитет кои заседаваа во петокот вечерта како финале на повеќенеделните разговори меѓу партиските лидери Али Ахмети и Никола Груевски.
Коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе коалицира со Демократската унија за интеграција и Партијата за европска иднина, соопшти директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, кој рече дека се воделе паралелни преговори со двете албански партии ДУИ и ДПА, но тие одбиле заедно да партиципираат во владата.
„Оваа одлука оценивме дека е најдобра за Македонија и за државните и национални интереси“, рече Димовски при објавувањето на одлуката, којашто, впрочем, веќе беше позната откако претходната вечер телевизиите го држеа под опсада хотелот „Континентал“, каде што до доцна вечерта заседаваше Централниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ.
Со влезот на ДУИ во коалицијата, парламентарното мнозинство предводено од овие две партии ќе брои 81 пратеник, а со Партијата за европска иднина 82 пратеници, како што рече и Димовски, се обезбедува Бадинтерово мнозинство и непречено носење закони, како и двотретинско мнозинство, што при некои одлуки е неопходно.
Како новитет е спомнат и фактот дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се согласиле и за пролонгирање за уште четири години на спојувањето на Кичево со другите околни општини, кое требаше да се случи во март следната година.
Димовски рече дека сето тоа било невозможно да се постигне преку коалиција со ДПА поради помалиот број пратенички места (11) што ги освои оваа партија на изборите на 1 јуни.
ВМРО-ДПМНЕ се пофали дека нивниот некогашен ривал ДУИ ја прифатила нивната „преродба во 100 чекори“, вклучувајќи го и ставот околу спорот со Грција. Нема информации што се случило со ставот на ДУИ за брзо признавање на Косово од страна на македонската влада.
Наспроти неофицијалните информации од ДУИ дека се предложени и имињата на идните министри за петте ресори што ќе ги водат во владата, извори од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ДУИ дала по тројца кандидати за секој од петте ресори (економија, труд и социјала, здравство, животна средина, локална самоуправа), како и за вицепремиерското место за исполнување на Рамковниот договор. Премиерот Груевски, велат изворите, ќе разговара со секој од нив и ќе одлучи кому ќе му ја довери министерката палка.
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се согласиле да ги продолжат разговорите за донесување закон за јазиците согласно со Уставот и Охридскиот рамковен договор, а прашањето на жртвите од конфликтот во 2001 година да се реши во рамки на постојните закони без носење нов закон, согласно со принципите кои претходно биле декларирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ, велат во владејачката партија.
„Двете партии се согласија дека во овој мандат нема да се дискутира прашањето за промени во Законот за употреба на знамињата и Законот за полиција. Партиите се согласија дека покрај овие, нема да има отворање други прашања со етнички предзнак во претстојниот мандат заради целосно фокусирање на реформите во економијата и напорите за зачленување во НАТО и во ЕУ, како и укинувањето на шенген-визите за македонските граѓани“, тврди директорот за комуникации Илија Димовски.
Постигна била согласност и за побрзо завршување на демаркацијата на границата кон Косово, согласно со планот на Марти Ахтисари, и за донесување нов деловник на Собранието.
Со распределбата на ресорите, на ВМРО-ДПМНЕ ќе и' останат министерствата за внатрешни и за надворешни работи, министерствата за правда, за финансии, за образование, за земјоделство, за транспорт и врски, за култура и Секторот за евроинтеграција, а ќе раководи и со новото министерство за информатичко општество. Имињата на кандидатите за министри ќе се разгледуваат следите денови, велат од партијата, а кон крајот на неделата Груевски, најверојатно, ќе го соопшти и составот на владата. |