Огромно интересирање за влезници за концертот посветен на Тоше
На 5 октомври на Градскиот стадион се очекуваат над 30.000 посетители од целиот Балкан
Над 30.000 посетители се очекува да бидат дел од спектакуларниот концерт посветен на нашата најголема пејачка ѕвезда Тоше Проески, кој ќе се одржи в недела (5 октомври) на Градскиот стадион во Скопје, под мотото „Те сакаме сите, Тоше!“. Интересирањето за влезници непосредно пред големиот и долгоочекуван настан- е огромно. Пред продажните места (продавниците на „Космофон“, „Германос“ и „Импулс“, цвеќарницата „Розе“ во „Веро 2“ и музичката продавница „Југотон“) има редици на луѓе кои сакаат да бидат дел од атмосферата на Градски на истиот ден на коj Тоше Проески, точно пред една година, го одржа својот величествен хуманитарен концерт.
„Интересирањето за влезниците е навистина големо и постојано се бараат нови, ни рече Камелија Левенска- Николовска, директор на „Примарк комуникации“ задолжени за ПР на концертот.
Во продажба се пуштени влезници кои се продаваат по цена од 200 денари, како и специјални ВИП-влезници, кои не се достапни во широка продажба, туку се наменети за компаниите и другите институции кои пројавуваат интересирање за следење на настанот. „Убаво е да се спомне дека ВИП-влезниците најчесто ги купуваат компании од земјава кои потоа им ги подаруваат на децата со посебни потреби, децата без родители...“, вели Левенска- Николовска, објаснувајќи дека со овие карти ќе може да се присуствува во делот непосредно пред сцената, со што одблизу ќе може да се проследат настапите на најавените учесници- музичари од целиот регион.
Во акцијата за продажба на влезници е вклучена и Младинската асоцијација на средните стручни училишта во Македонија (МАССУМ), која врши продажба на карти во средните училишта и пред Градскиот стадион на денот на концертот. Резервација на билет може да се направи и преку електронски пат на адресата [email protected], а ќе може да се подигнат во билетарницата пред Градскиот стадион на 5 октомври од 18,30 до 20,30 часот.
Покрај обожаватели од Македонија и Балканот, на концертот ќе присуствуваат и голем број претставници на седмата сила надвор од земјава, чии барања за акредитација секојдневно пристигнуваат на мејлот на Фондацијата „Тоше Проески“.
Листата на учесници ја сочинуваат: Наум Петрески, Калиопи, Аки Рахимовски, Руслана, Аленка Готар, „Синтезис“, Биља Крстиќ, Виталиј Козловски, Санди Ценов, Марија Шестиќ, Бојан Маровиќ, Нина Бадриќ, Тони Цетински, Иван Плавшиќ, Тифа, Симон Трпчески, Гоца Тржан, Адријан Гаџа, Маја Татиќ, Леонтина, Ањеза Шахини и Жељко Самарџиќ, кои ќе бидат придружувани од Оркестарот на Македонската опера и балет под диригентската палка на Саша Николовски- Ѓумар и бендот на Тоше - „Блу фанки индивидуалс“.
Организатори на големиот хуманитарен концерт „Те сакаме сите, Тоше“ е меѓународната фондација „Тоше Проески“- Крушево и Владата на РМ, а како што дознаваме неофицијално, пред публиката на Градски стадион на 5 октомври се очекува да се обрати и премиерот Никола Груевски. (К.Ш.)
Пренос и специјална емисија
Македонската телевизија на својата Прва програма ќе врши директен пренос од концертот во чест на Тоше Проески, под мотото „Те сакаме сите, Тоше“, кој ќе почне од 19,30 ч., а ќе трае до 23,30 ч. МТВ, која се јавува како продуцент и медиумски покровител на настанот ќе воспостави видеомостови со повеќе телевизиски центри од Балканот каде што концертот ќе се следи директно.
На денот на концертот, пред директното вклучување од Градскиот стадион, на националната ТВ-куќа ќе се емитува и специјалната емисија, насловена „За Тоше, со љубов“. Станува збор за отворена програма во која ќе учествуваат повеќе пријатели и соработници на Тоше, чиј автор и водител е Миланка Рашиќ.
Патем, од МРТ информираат дека сателитскиот сигнал ќе го дадат бесплатно на користење за сите за��нтересирани ТВ-центри, кои со посредство на европската радиодифузна мрежа ќе го емитуваат концертот. |