18.09.2012, 14:01
Францускиот суд пресуди во полза на Кејт и Вилијам



Блокирано е понатамошното објавување на топлес фотографии на војвотката од Кембриџ, Кејт Мидлтон, направени за време на приватниот летен одмор во Франција

Францускиот суд пресуди во полза на принцот Вилијам и Кејт, блокирајќи го понатамошното објавување на топлес фотографии на војвотката од Кембриџ, направени за време на приватниот летен одмор во Франција.

Забраната уследи откако принцот Вилијам и војвотката Кејт го тужеа француското списание „Closer“ кое прво ги објави сликите од разголената принцеза. Судот им наложи на издавачите во рок од 24 часа да ги предадат оригиналите на кралската палата. Тие се соочуваат и со парична казна од 8.000 евра доколку повторно го сторат истото- односно ги објавуват или дистрибуираат фотографиите.

Фотографиите беа направени додека војвотката се сончаше со нејзиниот сопруг во францускиот замок на внукот на кралицата, лорд Линли во Прованса, Франција.

Двојката соопшти дека со објавувањето на фотките од страна на списанието е прекршена нивната приватност. Но, адвокатот на магазинот „Closer“ тврди дека реакцијата на кралскита двојка е диспропорционална.

Делфин Пандо изјави дека топлес фотографии повеќе не се сметат за шокантни и негираше дека замокот били недостапен за јавноста. Таа, исто така, рече дека списанието не ги поседува правата за сликите.

Ниту еден британски весник не ги објави топлес фотографиите на Кејт. Италијанскиот магазин „Ки“, заедно со „Closer“, во сопственост на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони издаде специјално издание на повеќе од 20 страници со фотографиите на Кејт. Во меѓувреме, уредникот на ирски Дејли Стар , Мајк О Кејн, беше суспендиран и се спроведува внатрешната истрага по објавувањето на фотографиите.

Кралската двојка се наоѓа во финишот на својата деветдневна турнеја низ Азија и Пацификот, а во моментов е на островот Тувалу.