Маршеви на младешкиот бунт

На протестите поради убиството на младиот Мартин се приклучија и Албанците, извикувајќи „Заедно сме посилни“

Бојан Шашевски


Веќе седми ден во континуитет продолжуваат протестите во Скопје и во неколку други градови како реакција на грозоморното убиство на 22-годишниот Мартин Нешкоски од припадник на специјалната единица „Тигри“. Со свирчиња, пароли, налепници, беџови, со извикувања „Правда за Мартин“, „Доста беше молк“, „Ние не сме убијци“, „Вчера беше Мартин, утре може и ти“, „Алфашизам“ граѓаните неуморно и викендов маршираа низ скопските сообраќајници и го искажуваа својот револт кон полициското насилство.

По протестниот марш во кој неколку илјадници незадоволни млади поминаа и низ Старата чаршија и плоштадот пред споменикот на Скендер-бег, крај Камениот мост масовно им се приклучија и младите Албанци. Овој пат, паролите се извикуваа и на македонски и на албански јазик, а пораката е: „Заедно сме посилни“.

Луѓе од чаршијата аплаудираат, довикуваат од локалните дуќанчиња и кафеанчиња, а на демонстрантите постојано им се придружуваат групи слободни минувачи. Учесниците во протестите остро реагираат и веднаш спречуваат секаков обид индивидуалци што сакаа да пренесат некаква партиска порака и да внесат политичка димензија во мирниот протест.
На протестот, велат, секој е добредојден, но нагласуваат дека на какви и да е политички обележја местото не им е на ова масовно и континуирано изразување револт кон насилството што имаше трагичен крај за младиот Мартин.

„Овие протести не ги свикува никој, овие протести ги повика Мартин“, се зборовите на чичкото на Мартин Нешкоски, кој заедно со дел од семејството, роднините и пријателите на убиеното момче, им се придружија на граѓаните што протестираа близу зградата на Министерството за внатрешни работи.

Семејството на настраданото момче ги замоли демонстрантите протестите да бидат мирни и им даде голема фотографија од Мартин. Дел од присутните на полицајците им делеа пченица за Задушница. На блокираната улица пред МВР громогласно ечи песна посветена на Мартин. Се виори црно знаме во знак на жалост, а пред униформираните лица се креваат раце и се покажуваат гестови во знак на мир, разбирање и солидарност.

Скопје, но и Македонија не паметат толку долги, спонтани и решителни граѓански собири, освен можеби демонстрациите во 2006 против воведувањето педагошка евиденција на албански јазик што го предводеше ВМРО-ДПМНЕ.

„И порано сме протестирале, сме се обидувале да поведеме иницијативи, но, еве, сега младите навистина покажуваат знаци на живот. За прв пат по толку години се собираат заедно и маршираат против насилството и бруталноста. Протестираат со иста цел. Младите наутро се будат и стануваат со јасна мисла што сакаат. Тие ги конкретизираат своите барања и местото на собирање и поаѓање секогаш е исто - Спомен-куќата на Мајка Тереза, каде што секојдневно се одржува ’мало собрание’, кое им овозможува на граѓаните слободно и демократски да си ги изразат своите мислења и дадат идеи за натамошно подобрување на целите и барањата на протестантите“, вели долгогодишниот активист Бранко Петрушески. Петрушески вели дека континуираните случувања зад Спомен-куќата на Мајка Тереза полека, но сигурно, веќе поставуваат темел и претставуваат одлична основа за формирање независно граѓанско тело.

На сцената зад Спомен-куќата на Мајка Тереза секојдневно се одржуваат трибини. Тоа е своевиден јавен форум на кој насобраните граѓани, без никаков лидер, разменувајќи го мегафонот од рака во рака, сосема самостојно, слободно и без притисоци од останатите, гласно споделуваат искуства, идеи, насоки на протестот. Тоа место стана македонски Хајд парк.

Социологот Илија Ацевски во изјавата за „Утрински весник“ вели дека протестите што секојдневно ни се случуваат, навидум, изгледаат едноставни, нормална реакција за еден одземен млад живот.

„Ако е ова протест каде што нема да биде можна инволвираноста на политички партии, туку револт што избива од незадоволството, тогаш говориме за зрела реакција на граѓаните“.

Ацевски додава дека на такви протести не може јасно да се одвои и политиката, меѓутоа, за пофалба е фактот што младите бараат граѓански одговор. Младите не веруваат во Министерството за внатрешни работи, не веруваат во институциите на државата, туку одговорот го бараат на друга страна. „Македонија е слаба држава, со слаби институции и слаб, партиски обоен невладин сектор. И што се случува? Ние не можеме да ја контролираме слабата држава. Сепак, оставката на министерката Гордана Јанкулоска е потребна и од морален аспект таа мора да се случи бидејќи граѓаните го бараат тоа поради убиството на еден млад човек“, вели Ацевски.

Воедно, универзитетскиот професор оценува дека ваквите реакции на младите се добри бидејќи на институциите на државата им испраќаат сериозна порака дека нивните несоодветни реакции водат во вакви трагични настани. (Б.Ш.)

Што бараат младите

Учесниците во протестите бараат политички оставки и целосно расчистување на немилиот настан и преземање конкретна одговорност на сите претставници на МВР. Исто така, се бара фер судска одлука за припадникот на специјалната единица „Тигар“, но и независна истрага за идентификација на припадниците на МВР, кои ноќта кога се случил немилиот настан, му помогнале на осомничениот И.С. да го прикрие делото и не го пријавиле случајот во МВР. Освен распуштање на „алфите“ и на „тигрите“, за специјалните полициски сили се бара соодветна стручна подготовка утврдена со независно граѓанско тело, контрола при вработување нови лица во МВР, психолошки тестови на кадрите.


#