Александар како роденденски подарок за Нимиц
Медијаторот вчера прослави 72 години, а спорот за името никако да се затвори
Слободанка Јовановска
Медијаторот за името, Метју Нимиц, денес ќе го прослави својот 72. роденден. За подарок од Македонија доби нова главоболка, односно нова пречка повеќе за решавањето на спорот околу името на Македонија - џиновската статуа на Александар Македонски. Нимиц вчера беше зафатен за да каже како ќе се одрази статуата на преговорите меѓу Македонија и Грција и дали овој потег ќе му овозможи и следниот роденден да го прослави со се' уште актуелен спор за името. Нимиц буквално остаре преговарајќи за името, бидејќи кога стапи на сцената и се зафати со проблемот, имаше само 55 години, а сега, 17 години подоцна, работите не се мрднати од почетокот, па се дури и полоши.
Што мисли за ваквиот „подарок“ за медијаторот и колку џиновскиот споменик, што е џиновска порака до светот дека нема да го менуваме името, е компатибилен со денешниот свет, коментираше за „Утрински“ Роза Барфур од Европскиот центар за политика во Брисел.
„Споменикот не изгледа како избор заснован на уметнички критериуми. Според формата и големината, повеќе е потсетување на минатото во Македонија и не е во духот на регионалното помирување. Генерално, обидите да се присвои историја што е различна од сегашната за да се зајакне национален идентитет е политичка манипулација. Таа се користи за политички цели со кои не би се согласил и самиот Александар Велики“, вели Барфур. Затоа, според неа, поставувањето на споменикот нема да им помогне на преговорите за името со Грција, како што им наштети претходно преименувањето на аеродромот.
„Без оглед кој е во право или не околу спорот, главно е колку се сака да се постигне решение или не. Ова сигурно ќе биде протолкувано како активна провокација од страна на Грција. Евроинтеграцијата на Македонија е блокирана од спорот, а Атина досега не доби основа врз која ќе ги поддржи преговорите за членство“, оцени таа. Според неа, сакале или не, спорот е реалност, како и фактот дека балансот на моќ е во полза на Атина, а тоа е нешто за што нашата Влада треба да биде свесна кога носи одлуки како оваа. |