Клуч за забните ординации?

Истекува рокот на лиценците за работа, а голем дел од стоматолозите не ги исполнуваат законските услови за нивно продолжување

Јасмина Јовановска

Стоматолозите можат да продолжат со лекување заби доколку одново полагаат стручен државен испит. Во спротивно, ќе мораат да стават клуч на своите ординации. Истекува рокот на лиценците за работа со важност од седум години, а голем дел од стоматолозите не ги исполнуваат законските услови за нивно продолжување. Но, не по нивна вина. Некои од стоматолозите не успеале да соберат 140 бода за стручна континуирана едукација, бидејќи откако се вработиле, имало кратко време за одење на семинари. Други стоматолози немаат доволно години работен стаж зашто не се вработиле навреме, а законите бараат најмалку четири години работен стаж во дејноста за периодот од седум години. Проблем имаат и оние што не успеале за седум години да се вработат како стоматолози. Но, и заболекарите кои се пред пензионирање. Тие на стари години не сакаат да полагаат државен стручен испит или, пак, да се обучуваат кога за три-четири години ќе заминат во пензија.

„Во 2007 година успеав да отворам ординација. Досега имам само три и пол години работен стаж. Бодовите за едукација некако ги собрав, но што да правам кога претходно работев во други ординации и немав ниеден ден стаж. Зедов кредити за да отворам ординација и да купам опрема. Стекнав доверба кај доволен број пациенти, а ординацијата добро работи. Сега што да правам, да полагам повторно државен испит што ќе ме чини пари, а веќе потрошив многу за едукација или да ја затворам ординацијата и пациентите да ги оставам на цедило“, прашува револтирано заболекарка од Куманово. Таа вели дека не е проблем да даде околу 350 евра колку што чини државниот испит, но парите за едукација ќе бидат залудни. „Ако веќе полагам, тогаш нека ми го вратат вложеното“, смета оваа заболекарка. Таа додава дека ординацијата и' е единствен приход во семејството, а исплаќа и кредити.

Заболекар од Гевгелија има сличен проблем, зашто откако се вработил, два пати бил на подолго боледување поради сериозни здравствени проблеми. И сега му недостига работен стаж. „Што да правам кога се разболев и два пати бев на операции. Некако успеав да ги соберам бодовите за едукација, но не можам да го надоместам стажот“, објаснува овој стоматолог, кој, за среќа, сега е во добра здравствена состојба и може слободно да работи.

Најалармантно е кај невработените. Тие немаат ни стаж ни бодови, немале пари да се едуцираат, а една едукација ги чини околу сто евра. „И за државен испит ми требаат пари, а од каде да ги најдам кога не сум вработена. Како можеле да донесат ваков закон? Зошто не ни нашле работа, па да ги исполниме овие услови. Сега сосила не тераат друго да работиме“, реагира млада заболекарка, која завршила пред четири години, но се' уште измеќари во други ординации.

Од Министерството за здравство велат дека нема измени во законските услови за продолжување на лиценците и дека тие мора да се почитуваат. Топката за решавање на проблемите ја префрлаат на Стоматолошката комора, иако законот го донел Министерството за здравство.

Во Стоматолошката комора, која ги издава и продолжува лиценците за работа, атмосферата е дојдена до точка на вриење. Прашање на ден е кога ќе се случи некој инцидент, бидејќи револтираните стоматолози се во неизвесност за судбината на ординациите.

Од Стоматолошката комора смируваат. Засега на сите стоматолози ќе им издадат привремени дозволи во траење од шест месеци, а проблемите ќе ги решаваат етапно. Но, тоа не е решение. За половина година ќе мора, сепак, да ги исполнат законски зацртаните критериуми.

„Ќе се бараат преодни решенија за поголем дел од проблемите. Ова се случува зашто се донеле паушални прописи што не се спроведливи во практиката. Повторно ќе кажам, на компетентни места се наоѓаат некомпетентни личности“, укажува д-р Марија Накова, претседателка на на Стоматолошката комора на Македонија.

Во саботата на Извршниот одбор на Стоматолошката комора биле прецизирани одредени решенија. „Сите предлози ќе бидат ставени на хартија и денеска во писмена форма ќе му бидат доставени на министерот за здравство. За да им се излезе во пресрет на стоматолозите и да се направат некои отстапки во Комората, тоа може да значи кршење на законот, па потоа да и' се одземат ингеренциите на Комората. Затоа ќе се бара помош од Министерството за изнаоѓање соодветно решение“, вели Накова. Од Комората се надеваат дека неделава министерот ќе го одржи ветувањето да се сретна со стоматолозите и ќе најдат заеднички јазик за насобраните проблеми во Комората.


#