Фељтон
Рецидивите на македонскиот етнонационализам (8)
Овде е државата - пиемонт
Нашиот македонизам е мултикултурен, а не монокултурен
Тодор Атанасовски
Концептот од времето на НОВ и Антифашистичката борба, кој се официјализира и со Декларацијата на АСНОМ (дека Македонците не можат национално да се ослободат, ако во Македонија не бидат национално слободни сите што живеат во неа. Според тоа, македонската држава ќе биде гарант на националната слобода на сите во Македонија), го напуштивме и некритички го прифативме општојугословенскиот. Со тоа ние, Македонците, како мнозинска нација и нација именител на државата Република Македонија и' ја препуштивме нашата одговорност на заедничката држава. Ја изневеривме сопствената филозофија од НОВ и Антифашистичката војна. По ова не помогна ниту забележителниот напор на Крсте Црвенковски во Македонија да и' се вратиме на стратегијата во доменот на меѓунационалните односи од времето на НОВ и Антифашистичката борба. Не помогна, пред се', поради нашиот, македонски шовинизам, дури и во редовите на СКМ.
Накусо, никој не ни пречеше да ја продолжиме нашата политика на меѓунационални односи внатре во Македонија што ја имавме усвоено и ја практикувавме во НОВ и Антифашистичката борба 1941-1945 година. Таа вредност беше наша, иманентна на нашите македонски традиции. Всушност, сега и не знаеме дали некој би ни пречел во заедничката држава (Федерацијата) затоа што некритички ја прифативме југословенската тактика за братството и единството. Меѓутоа, етничките заедници во Македонија ја прифатија како своја онаа од НОВ и Антифашистичката борба 1941-1945 година. Таа, за нашето македонско искуство и традиции беше најпрогресивна, но не утопија, бидејќи ние не само што сме во битието рурална и неелитистичка нација, туку бевме, исто така, и рурален народ и општество. Тоа дека и немакедонските (условно кажано) заедници во Македонија без резерва ја прифатија нашата филозофија во сферата на меѓунационалните, меѓуетничките, мултикултурните и мултиконфесионалните односи, се потврдува и со фактот што Албанците, Ромите, Власите и другите, се' до 1953 година себеси се искажуваа како Македонци од албанско, турско, ромско, влашко потекло. Нашиот македонизам е мултикултурен, а не монокултурен.
Кога Југославија притисната од Сталин сакаше да ја обнови Малата антанта, на авторот на овој текст (Ниш, 1954 година), турски генерали од официјална делегација, во разговори тет-а-тет му се претставија како „Македонци“. Е, тогаш, и во тоа повоено време Македонците реагираа и ги критикуваа македонските граѓани од другите етнозаедници за лажно претставување, низ што почна да се искажува нашиот национализам и покрај тоа што мојот соборец и пријател Крсте Црвенковски постојано докажуваше дека хегемонизмот не е наш македонски иманент. „Македонскиот народ никогаш не бил хегемон“, рече во еден илинденски говор Крсте Црвенковски, напредно ама и наивно, бидејќи секогаш е можно и да се случи тоа, дури и карикатурално.
Да заклучам, напуштањето на нашата македонска филозофија и политика во југословенската федерација е уште една од причините за антагонизирањето на меѓуетничките односи по осамостојувањето на Република Македонија. Но, ниту на крај од умот не ми е да ги амнестирам политичките формации што по осамостојувањето се менуваа на управувачките позиции во Македонија. Ако бевме доследни по војната, верувам ќе немавме криза со острина на конфликтот од 2001 година, ниту потреба од Рамковен договор како диктат, затоа што ќе имавме надрамковен во сферата на меѓунационалните односи во Република Македонија. Во овој миг покрај доминантно криминогената слика на државата и нагласената партизација, во Република Македонија на сцената е македонски хегемонизам во неговата најпримитивна форма.
Нужно е да бидам попрецизен кога зборувам за плуралноста и за слоевитоста на етномакедонскиот национализам. Веќе спомнав дека овде не дојдоа ниту Егејците ниту Пиринците да ни наметнуваат свој македонизам. Ако понекогаш ние овде се враќавме назад во времето пред Илинден и потоа (би рекол не само понекогаш), туку тоа го правевме и правиме, ние, овде и одовде. Веќе е сосема јасно дека нашиот екстерен македонизам е далеку понапреден и попрогресивен од нашиот овдешен, во државата. Нас не ни бараат ни пари ни имаат какви било други понагласени барања и поддршка од (и) нивната национална држава во борбата што тие ја водат во општествата каде што се во овој миг ситуирани. Сум разговарал со многу луѓе Македонци, Албанци и други од дијаспората. Тие сите таму се чувствуваат нашинци и така се однесуваат меѓусебно. Ние одовде зрачиме речиси секогаш еднонационално, иако сме мултиетничко и мултикултурно општество. Сите тие сакаат да ни биде единствена, сложна, просперитетна и безбедна државата. Моментно тие силно ја поддржуваат и помагаат нашата борба за името и за идентитетот, меѓутоа не ретко имаат проблем токму со нас. Со нашата недокваканост и националистичка исклучивост. Реално, и Егејско и Пиринско се во ЕУ и во тие услови Македонците се борат за човекови права и самоопределување. А дијаспората во развиените земји е секојдневно во допир со високите достигања во општествено-економскиот развој, кој за нас, овде, се' уште е недостижен.
Значи, и оревот и каменот се овде - кај нас. Овде е државата, чиј именител сме ние. Според тоа, ние овде мораме да бидеме на ниво на пиемонт - тоа не е право на хегемонизам, туку мошне одговорна мисија. Тоа не го разбравме во повоениот развој до осамостојувањето, а еве, речиси две децении потоа не ни успева да го разбереме. За тоа не е вината ниту во измислениот комунизам ниту во социјализмот. Социјализмот не можеше да биде, ниту беше пречка консеквентно да си ги градиме и следиме националните интереси. Се промени или се менува општествениот систем, а ние ниту денес не го правиме тоа што треба. Во стагнација или ретерирање не може да се реши ниту едно прашање, па ни националното. (Продолжува)
(Авторот е воен аналитичар и генерал во пензија) |