Љупчо: Ме собориле од власт со воен удар
За поранешниот премиер е неразбирлив молкот на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски
Оливера Војновска
Експремиерот Љупчо Георгиевски се фрапирал кога ја видел информацијата за досието под псевдоним „Ибар“, кое води до врвот на ДУИ и „мозокот“ на битката за човекови права и воениот конфликт во 2001 година, што избувна во време кога тој беше претседател на владата. Георгиевски неколку пати го читал и го препрочитувал досието што го објави „Дневник“ и не можел да си дојде на себе. „Текстот го прочитав најмалку три пати и не можев да се приберам од шок, не верував дека тоа може да биде вистина. Приказната дека во раководството на ОНА седат соработници на СДБ, во раната криза беше пласирана од ДПА. Но, вакво досие надминува каква било размисла во тој правец. Шокот е огромен. Излегува дека тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДПА е соборена со воен удар. Така што мојата љубопитност да се открие вистината дали тоа е вистина или не, е огромна“, ни раскажува поранешниот премиер како го доживеал обелоденувањето на досието што се однесува на поранешен командант на ОНА, висок функционер на ДУИ, а сега пратеник. Тој смета дека „Ибар“ сам треба да сака да се расчисти мистеријата со досието, бидејќи тоа изобилува со тешки обвиненија за албанската кауза, но и исклучително деликатни персонални квалификации за „хомосексуални склоности и педофилија“. „Обелоденети се многу сериозни тврдења за негово дејствување против албанската емиграција, но и многу чувствителни лични обвиненија. ’Ибар’ треба да се бори тоа да се расчисти и да бара вештачење за веродостојноста. Бидејќи, ако е така, тогаш тој треба да си прострела куршум в глава“, вели Георгиевски. За него е неразбирлив молкот на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Никола Груевски.
Расветлувањето на ова кодошко досие, кое ја фрли на колена целата лустрација, според него, има клучна судбинска важност за иднината на државата, но и пошироко. „За Македонија е од животна важност да се открие вистината за ’Ибар’. Битни се три моменти: позицијата на денешна Србија, внатрешните албанските односи и дали ќе излезе дека НАТО, кој тогаш застана на страна на ОНА, всушност, наседнал на најголемата игра на УДБА. Многу нешта треба се разјаснат докрај. Ако се покаже дека станува збор за веродостоен документ, тогаш се поставува дилемата дали Србија ја организирала војната во Македонија. Но, прашањето е која Србија. Јас сум убеден дека тоа не е демократската власт на Зоран Ѓинѓиќ и затоа сметам дека е во интерес и на Србија, поради нејзиниот имиџ, нештата да се расчистат докрај“, вели Георгиевски.
Тој се потсетува на еден официјален настан со српските власти што се случил непосредно пред почетокот на конфликтот, а кој го доживува како искрено пријателство. Имено, тогаш неочекувано била иницирана средба со поранешниот српски премиер Ѓинѓиќ. „Десет-дваесет дена пред избувнувањето на кризата добив ненадејна покана да го посетам Белград. На средбата со Ѓинѓиќ присуствуваше и Зоран Живковиќ, тие настапија многу пријателски. Ни кажаа дека нивните тајни служби ги информирале оти во Македонија се подготвува голем бунт на Албанците. Ни посочија десетина села каде што имало активности во овој правец. Тој момент долго го анализирав и тогаш, но и подоцна. Убеден сум дека тогаш Ѓинѓиќ и Живковиќ настапија искрено и со добри намери да не' предупредат. Претпоставувам дека удбашките структури ги информирале, меѓутоа, тие не знаеле што се готви во кујната на тајните безбедносни служби. Затоа велам дека треба да се разграничи која Србија“, нагласува Георгиевски. Како интересен момент посочува дека истиот ден кога тој бил во Белград, ексминистерот за внатрешни работи во неговата влада, Павле Трајанов (кој тогаш веќе не беше на таа функција), одржал прес-конференција на која ги кажал истите работи.
Георгиевски тврди дека како премиер никогаш не добил сериозен извештај од која било институција задолжена за безбедносни прашања, што ќе го предупреди дека во Македонија ќе има голем бунт на Албанците. Затоа се изненадил од информацијата што му ја кажал Ѓинѓиќ.
Тој не ја исклучува можноста нашите служби за безбедност да знаеле, а да не му кажале и за „Ибар“ и за подготовката на конфликтот. „Секој премиер, секој претседател на држава може да биде манипулиран од тајните служби. Секаде во светот е така, службите се посебна приказна. На сите министри за внатрешни работи - Павле Трајанов, Доста Димовска и Љубе Бошкоски им велев да ги отвориме тајните досиеја. Сите тврдеа дека документацијата е уништена. Не знам дали и нив службите ги манипулирале“, вели Георгиевски.
Во настапите на некои од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ (Трајанов) и тезите дека војната во 2001 година била договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, препознава тенденции нештата да се пренасочат во сосема погрешна насока. „Војната почна на врвот на економските резултати на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, кога имавме идеални коалициски односи во власта. Човек треба да е тотално луд да прави договорено сценарио и самиот да се минира кога е на врвот“, вели Георгиевски. Во прилог на тоа дека конфликтот не бил во негова режија, посочува дека ВМРО-ДПМНЕ и ДПА по војната ја изгубија власта.
И поранешниот премиер Владо Бучковски, кој во времето на кризата беше министер за одбрана, тврди дека ништо не знаел за досието „Ибар“ и оти се фрапирал кога го прочитал новинарскиот текст. „Од ниту една служба, структура не ми беше навестено дека постои такво нешто. Затоа кога ја видов информацијата за досието се шокирав“, вели Бучковски.
Ексминистерот Павле Трајанов воопшто не сака да го коментира досието „Ибар“. „МВР нема увид во досиејата што ги правела СДБ на СФРЈ, затоа не сакам ништо да коментирам“, се оградува Трајанов.
Според документите за „Ибар“ што ги објави „Дневник“, формирањето и раководењето на штабот на Оружената војска на Косово (ОВК) било во организација и под директна команда на српските тајни служби.
Од досието се гледа дека за активностите и за ангажманот на „Ибар“ знаела и СДБ на Македонија. На еден од документите на ресорот за ДБ на српското МВР, кој датира од 1 март 1996 година, класифициран како државна тајна, има рачно запишана забелешка „Итно! Види со СДБ на Македонија“.
|