Откупот на дворовите ќе ги раскара соседите
Не е праведно некој да плаќа 60 денари, а друг 1.500 денари за квадрат дворно место
Билјана Ангеловска Деспина Трајковска
„Стотици илјади македонски граѓани еднаш засекогаш ќе ја обезбедат сопственоста на дворното земјиште за себе и за своите поколенија. Тоа е праведен општествен процес во кој и тие конечно ќе почувствуваат придобивки од транзицијата, од преминот кон приватна сопственост“, рече премиерот Никола Груевски на одржаната прес-конференција деновиве кога ја најави одлуката за намалување на цената на дворовите. Со оваа одлука квадрат од земјиштето што припаѓа на дворовите на куќите, станбените објекти, објектите за спорт и рекреација, инфраструктурните објекти и јавните институции ќе се продава по едно евро, поточно за 61 денар.
Колку може да се говори за, како што потенцираше премиерот, праведен процес, допрва ќе се покаже. Но, веднаш се огласи експертската јавност, а реагираа и граѓаните. И тоа оние кои веќе ги откупија своите дворови уште пред неколку години. Тие не само што не најдоа ништо праведно во оваа владина одлука, туку се почувствуваа онеправдани, бидејќи за да ги откупат дворовите на своите куќи, мораа да платат 25 пати поскапо. Оттаму, се чини, сосем оправдано нивното барање државата да им ја надомести разликата во однос на цената што ќе ја плаќаат нивните соседи кои се' досега калкулирале со откупот. Оти, не е сеедно ако некој за 500 квадрати платил 12.500 евра, а друг само 500 евра.
Но, државата нема намера да враќа пари. За министерот за финансии, Зоран Ставрески, граѓаните кои го почитувале законот и навреме ги откупиле дворовите се „мал клуб капиталисти кои во 90-тите години стекнаа се'“, па затоа тој смета дека нема потреба да им се враќаат пари.
„Мнозинството граѓани кои го немаат откупено земјиштето се сиромашни и со ова им овозможуваме и тие да добијат дел од општественото богатство по цена пристапна за нив и да почувствуваат придобивки од воведувањето пазарна економија. Тоа треба да им овозможи и на тие кои беа губитници во транзицијата да добијат нешто во овој процес“, рече Ставрески.
Приватизацијата на дворовите, всушност, стартуваше во почетокот на 2003 година, кога државното земјиште беше поделено во пет зони според кои беше одредена и неговата цена. Тогаш земјиштето имаше исклучително висока вредност, односно, чинеше дури 1.500 денари квадрат во првата зона. Набрзо се увиде дека квадратот е прескап, а интересот за откуп слаб. Поради тоа, цените беа преполовени, така што вредноста на земјиштето беше одредена на 600 денари квадрат во најскапата, прва зона, до 30 денари во селата.
Уредбата со која беа пропишани ваквите цени важеше до крајот на октомври 2004 година, по што се чекаше да се донесе новиот закон и да се одреди нова вредност на земјата. Меѓутоа, иако законот беше усвоен во јануари 2005 година, долго се „крчкаа“ новите цени, па од тие причини имаше застој во откупот на дворовите. Во тој период граѓаните беа оставени без објаснување што да прават, дали и натаму да аплицираат или да ги чекаат новите цени, за кои државата најавуваше дека ќе бидат намалени.
Владата во февруари минатата година, конечно, ги објави новите цени на градежното земјиште. Според Уредбата од февруари 2008 година, градежното земјиште беше поделено на пет реони во кои беа распределни општините, а секој реон, пак, на три зони: централно подрачје, вонцентрално подрачје и населено место. Најскапиот квадрат беше во централното подрачје во општина Центар, во Скопје и за објектите за индивидуално домување имаше вредност од 800 денари, а за колективното домување 500 денари. Цената паѓаше со оддалечување на зоните и реоните во кои се наоѓа земјиштето, така што најевтиниот квадрат во последниот петти реон се движеше од 100 до 70 денари.
Иако граѓаните беа изненадени од повисоките цени, од Министерството за финансии уверуваа дека земјиштет�� не е поскапено, туку дека со цените кои важеа до 2004 година, кога најскапиот квадрат беше 600 денари, морало да се плати и данок на промет на недвижен имот во висина од три отсто од пазарната вредноста на земјиштето, давачка што ја немаше со цената од 800 денари за квадрат.
Истовремено, законот ги обврза граѓаните кои сакаат да си ги откупат дворовите да го сторат тоа најдоцна до 25 јануари 2009 година, а по тој рок ќе мора да плаќаат кирија. Но, се чини ниту намалените цени, како што сакаше да ги прикаже државата новите вредности, ниту, пак, зацртаниот краен рок не беа доволни да ги испровоцираат граѓаните да се одлучат да ги откупат дворовите.
Бидејќи, оние кои веќе ја имаа почнато постапката на приватизација на земјиштето, пренесуваа многу непријатни искуства. Луѓето реагираа на долгата и компликувана процедура, којашто, според некои примери, трае и по неколку години. Надлежните не успеаја да ја поедностават процедурата, која очигледно ги колеба граѓаните да ја почнат постапката. Имено, за да се откупат дворовите, не само што е потребно да се соберат неколку килограми хартија во која треба да бидат содржани документи и елаборати од повеќе институции од различни области туку тоа чини и дополнителни 200 - 300 евра.
Очигледно сметајќи дека цената е главниот фактор што влијае на интересот за приватизација на градежното изградено земјиште, државата го презеде последниот потег, драстично ја намали цената и сега ја продава земјата за само едно евро по квадрат. Така сега, земјиштето независно каде се наоѓа, дали во Скопје, Тетово, Охрид, Крива Паланка, Штип, дали е под или околу индивидуална куќа, под станбена зграда или, пак, под спортски објект, се продава за 61 денар по квадратен метар. Владата несомнено донесе одлука со која им даде реална шанса на сите граѓани кои досега не го сториле тоа, да си ги откупат дворовите. Но, притоа заборави дека на тој начин практично ги казни оние кои почитувајќи го законот, го испочитувале законскиот рок и навреме ја почнале постапката.
Од друга страна, очигледно е дека кога Владата ја носеше одлуката воопшто не мислеше на општините. Бидејќи 80 проценти од средствата од продажбата на градежното земјиште одат во општините, излегува дека со оваа одлука директно засега во приходите на локалната самоуправа. На тоа укажа и градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, кој појасни дека сега приходите од продажба на имот ќе се намалат за 13 пати.
„Како може кога се продава земјиштето да чини 60 денари, а кога државата купува при експропријација, тоа да биде од 3.000 до 6.000 денари. Тоа нема никаква логика. Апелирам до централната власт ваквите решенија и уредби што засегаат во локалната самоуправа да не ги носи со одлуки, туку со законски решенија кои ќе ги разгледуваат пратениците и стручната јавност.
Ова е класичен пример на дискреционо право, а дали ќе го примени министер или цела влада, сеедно. Важно е дека се прави на штета на локалната самоуправа и тоа се' со изговор дека е криза. Па, ако е криза, тогаш е криза и за трибините“, револтирано вели Јакимовски и додава дека општините веќе се во постапка државното земјиште да се пренесе на локалната самоуправа. Оттаму, се прашува што ќе им пренесе централната власт ако сега го продаде целото земјиште по едно евро. (Б.А-Д.Т.) |