Крпен живот од ден за ден

Армијата сиромашни ги има регрутирано во своите редови, освен најсиромашните и оние што имаат некакви примања, но недоволни

Александрија Стевковска
Соња Маџовска


„Живееме само за лепче. Нека дојде некој, Груевски, или кој било министер, пратеник да види дали може да се живее од социјална помош од 2.000 денари, колку што тие им даваат на своите деца дневно за џепарлак. Многу е тешко. Народот отиде по странство за парче леб, а и оттаму не' бркаат. Не плаќаме ниту вода ниту струја! Од каде да плаќаме? А сакаме! Сакаме и да работиме, не бегаме од работа, но не можеме да најдеме. Не сакаме да јадеме од ѓубре, сакаме и ние да можеме понекогаш да си купиме и сирење, и кашкавал, и месо од продавница, каде што купуваат другите. Но, нема. Едвај преживуваме. Имаме и внуци, некои се во средно училиште, други во основно, а најмалите не помислуваме да ги испратиме в градинка. Ниту за нас постарите, ниту за младите има работа. Одвреме-навреме не' бараат за чистење, за растоварување и толку“, ни раскажаа вчера две сиромашни скопјанки, кои се обидуваа дента да заработат парче леб за своите фамилии продавајќи чорапи на улица.

Вчера разговаравме со нив, но покрај овие луѓе минуваме секој ден и ги гледаме како просат, како по контејнерите бараат храна, облека. Одамна го немавме слушнато и оној познат глас на човекот со количка кој вика „старо купувам“, а сега го слушаме секој викенд.

Армијата сиромашни во своите редови, освен најсиромашните, ги има регрутирано и оние што имаат некакви, но недоволни примања за да живеат убаво. Тие обезбедуваат едвај скромен живот. Поскапувањата само ги дотолчија и нивните семејни буџети. Веќе не се гледа како, туку само да се преживее месецот. Луѓето не избираат меѓу поскапата и поевтината варијанта на некој производ. Изборот е однапред предодреден. Се' повеќе се пазари само најнеопходното и најевтиното. За ништо друго примањата не стигнуваат, па луѓето прават приоритети за купување. Овој месец чевли, наредниот јакна, третиот месец ќе се платат заостанатите сметки за струја.

„Ние не сме до толку утепани, што подразбира дека имаме пари за храна секој ден и толку. Дали тоа не' вбројува во богати? Не би рекла, работам, па нема потреба да просам, ама земам 15.000 денари, маж ми не работи, имам две деца во основно училиште. Каде се трошоците за струја, вода, огрев? Да не е помошта од родителите-пензионери, не би имале за ништо“, вели скопјанката Анита Николовска.

Вака или слично живеат 31,1 отсто од македонските граѓани, или приближно секој трет во земјава. Според објавените официјални податоци од Државниот завод за статистика, кризата го зела данокот таму каде што е најтенко. Според најновите податоци, најранливи се невработените и семејствата со повеќе члена. Околу 54 отсто од сиромашните живеат во домаќинства со пет и повеќе члена. Стапката на сиромаштија кај невработените е 40,5 проценти, односно 42,7 отсто од сите сиромашни се невработени лица. Образованието на главата на домаќинството, исто така, влијае врз бројот на сиромашни лица, или 56,7 отсто од сиромашните лица живеат во домаќинства во кои носителот на домаќинството нема или има завршено максимум основно образование. Најсиромашни се оние од 49 до 59 години, или 56,8 отсто се на оваа возраст. Исто така, најголем број сиромашни живеат во рурални средини или 42,3 отсто, 28,2 отсто од сиромашните живеат во Скопје, а останатите во другите средини.

Во анкетата спроведена од Државниот завод за статистика, 53,7 отсто се изјасниле дека лани живееле исто како и претходната година. Дека им е малку полоша финансиската состојба се изјасниле 27,4 отсто од сиромашните, а оти им е многу полоша посочиле 12,1 процент. Мал е процентот на оние што се пофалиле дека живееле многу подобро во 2009 година во споредба со 2008 година, или само 0,8 отсто, а само 6 проценти живееле малку подобро од 2008 година.

За да излезат од социјалниот амбис и од групата сиромашни, над 40 отсто од нив сметаат дека им се потребни повеќе од 30.000 денари месечно за нормален живот. Околу 27,8 проценти би сакале да имаат месечни приходи од 23.000 до 30.000 денари, 13 отсто сметаат дека би можело да го преживеат месецот со приходи од 19.000 до 23.000 денари, а само 10 отсто сметаат дека им се доволни од 14.000 до 18.000 денари. Незначителен е бројот на оние што мислат дека со 5.000 денари можат да го прехранат семејството. Податоците од Статистика експертите ги анализираат со недоверба. „Процентот на сиромаштија што го измерила Статистика е релативен. Карактеристично е тоа што ние и немаме методологија за мерење на сиромаштијата, па немаме увид кој е навистина сиромашен, а кој има малку повеќе од најсиромашните, но, сепак, не може да се вброи во групата богати. Статистичката сиромаштија е во апсолутен поим, иако во нејзини рамки има поделби. Тоа значи дека за сиромашни се сметаат оние што немаат елементарни услови за живот и немаат секој ден да купат храна, но тука влегува и онаа група луѓе што имаат живеалиште, имаат да се прехранат, но немаат работа и сигурна иднина“, вели социологот Илија Ацески. Според него, во Македонија околу 10 отсто од граѓаните живеат во длабока беда, што е, сепак, премногу. „Наспроти овој процент на луѓе кои живеат на дното, имаме и мал процент на најбогати и тоа раслојување кај нас е многу позабележливо отколку, на пример, во САД или во Европа, па сето тоа создава социјални тензии. За да не дојде до социјална експлозија, имајќи ја предвид сиромаштијата и големата невработеност, состојбата ја смирува и ја замаглува сивата економија, која е над 50 отсто и која обезбедува преживување на одреден процент на населението“, додава Ацески. Тој потсетува дека пред неколку години заедно со Светска банка земјава изразила желба да се бори со сиромаштијата, оформувајќи ја Стратегијата за борба со сиромаштијата, која, сепак, останала само мртва буква на хартија. „Владата во најбрзо време ќе мора да ја обнови и да почне да ја применува во практика борбата против сиромаштијата на продуктивен начин“, заклучува Ацески.

За премиерот Никола Груевски растот за сиромаштијата се однесувал за минатата кризна година, кога во сите држави дошло до зголемување на невработеноста, а автоматски и на сиромаштијата. „Жалам што е така. Не велам дека нема сиромаштија во Македонија. Далеку од тоа, но треба да бидеме свесни дека во годината во која имаше најголема светска економска криза во последните 80 години природно во најголем дел од државите да се јави поголем процент на сиромаштија“, посочи Груевски.

И министерот за финансии, Зоран Ставрески, вината за растот на сиромаштијата ја гледа во глобалната криза.

„Не е неочекувано во услови на криза да се има мал пораст на сиромаштијата. И во другите земји е идентичен трендот на пораст на сиромаштијата“, истакна вчера Ставрески.

Тој смета дека порастот на стапката е незначителен и оти за Македонија е значајно да постигне пад на сиромаштијата од 30 на 20 проценти што, пак, ќе се постигне со раст и со зголемување на вработеноста.

Порастот на сиромаштијата во 2009 година во однос на 2008 година, според министерот Ставрески, е очекувано затоа што кризата немаше влијание во 2008 година, туку во 2009 и во 2010 година. Министерот за финансии укажа дека и во земјите од опкружувањето стапката на сиромаштија е приближно иста.




















#