Поглед

Данок од еден денар

Мирче Јовановски

Стара е изреката дека секој човек единствено што мора да направи е да плати данок и да умре. Се' друго во живот може да се избегне.

За волја на вистината, прва работа од која граѓаните во развиените пазарни економии тешко можеа да се спасат, кај нас долго време беше релативизирана, да не кажеме извитоперена до апсурд. Па, така, токму оние што не плаќаа даноци живееја (и се' уште живеат) многу поубаво и подолго од обичните смртници, кои пред себе секојдневно ја имаа предвид мантрата дека давачките треба да се платат, а за другото, ако остане.

Дека кај нас е исплатливо избегнувањето на плаќањето на обврските кон државата, но и кон деловните партнери, е докажано многу пати. За тоа постојат бројни примери: од простувањето на данок на имот, преку намалувањето или бришењето на обврските за социјалните придонеси, неплаќањето сметки за парно, струја, вода...

Управата за јавни приходи од година в година навистина прави напори да го стесни просторот на оние што неплаќањето даноци го практикуваат како спортска дисциплина, па секој пат се обидуваат да го соборат националниот рекорд, или барем да постигнат личен најдобар резултат.

Но, во својата ревност, по се' изгледа, даночниците понекогаш како малку да претеруваат. УЈП и годинава ги доставува решенијата до граѓаните за персонален данок од доход. Ништо необично, би рекле. Но, работата е во тоа што во некои такви решенија стои долг од 1 (еден) денар. За даночниците долг е долг, било да станува збор за милион денари или само за еден денар. Проблемот е во тоа што писмото и самото даночно решение чинат барем десет-дваесет пати повеќе од долгот. Да не зборуваме за манипулативните трошоци, па и времето што треба да се потроши за да се плати тој еден денар.

 


#