Поради кризата, му ја намалиле дневницата од 23 денари на 18,5

Кирил Маџунаров за само 560 денари месечно секојдневно врши метеоролошки мерења

Иван Бојаџиски


Штип - Шеесетгодишниот штипјанец Кирил Маџунаров за само 560 денари месечно секојдневно врши метеоролошки и хидрометеоролошки мерења за потребите на УХМЦР. Станувајќи пред седум часот и во атарот на штипско Ново Село точно навреме извршувајќи десет метеоролошки обврски, Маџунаров дневно на својата „сметка“ прима по 18 денари за секој одработен ден! Оваа работа штипјанецот ја врши од 1993 година, наследувајќи го својот татко Тодор, кој секојдневно ги набљудувал водостојот во Брегалница, наносите во речното корито, врнежите, температурата на воздухот и на водата во реката од 1979 година до денот кога го наследил неговиот син.

„Со Управата за хидрометеоролошки работи имам договор, со кој сум се обврзал секој ден, точно во седум часот да извршам десет хидрометеоролошки работи. Од набљудувања на врнежите од дожд или снег, до мерење на нивото на водата во реката Брегалница. Сето тоа го забележувам во своите книги, а на крајот од месецот правам извештај и го испраќам до УХМЦР. Иако во договорот стои дека сум ангажиран за повремени вршења работи, јас, сепак, морам секое утро да ги констатирам и да ги забележам сите тие работи“, вели Маџунаров.

До пред две години тој за овој ангажман бил „наградуван“ со 700 денари месечно, но минатата година до него стигнало известување дека хонорарот ќе му биде намален за 20 проценти. „Ме информираа дека причина за тоа била светската економска криза, иако за време на кризата платите во сите државни институции беа зголемени. Односно, дека дневницата од 23 ми се намалува на 18 денари. Ама, јас се чувствувам убаво што можам да кажам дека дека сум дал придонес Македонија најбезболно да ја преброди кризата во економијата“, саркастичен е Маџунаров.

Сепак, од неговите дневници, кои исклучително педантно ги води цели осумнаесет години, можат да се видат многу интересни работи, особено по прашањата на врнежите во Штипско и водостојот на најголемата река во Источна Македонија во нејзиниот долен тек. „Во последните две децении Брегалница остана речиси без вода во 1993 година кога преку целото лето од браната Калиманци во речното корито се испушташе само биолошкиот минимум за да не се случи да го снема растителниот и животински свет во неа. Тоа лето и Штип имаше силни рестрикции во водоснабдувањето, бидејќи градот се снабдува со вода од бунарите покрај реката кои останаа на суво. Во во јули, 2007 година, во Штипско не падна ниту капка дожд. За разлика од тие сушни периоди, од минатата есен наваму во Брегалница течат големи води, најголеми во последните пет децении, а нивото на водата во континуитет е над два метра. Според моите анализи, во едно деноноќие низ реката протекува огромна количина вода од над 4,5 милиони кубни метри. Друг проблем е што ние немаме стратегија да ги ставиме тие силни води во служба на економскиот развој на државата“, вели Маџунаров.

Овој упорен штипјанец ќе продолжи да си ја врши работата како што го правеше тоа во изминатите осумнаесет години само поради тоа што такво ветување му дал на својот татко. „Подготвен сум на нова жртва, на ново намалување на мојата дневница, ако е тоа услов сосема да закрепне нашата национална економија “, на шега вели Кирил Маџинаров.


#