Новата Влада со старите министри од ВМРО-ДПМНЕ
Партиски извори тврдат дека Груевски нема да направи големи промени кај министрите
Оливера Војновска
Во новиот владиниот кабинет, што според уставните рокови треба да се формира најдоцна до 6 август, речиси е извесно дека ќе седат истите министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Партиски извори тврдат дека премиерот Никола Груевски нема да направи големи промени во министрската екипа од неговата партија и дека се можни рокади од еден во друг ресор. Истите извори се убедени дека Груевски ќе им се заблагодари на соработката на министрите од НСДП, Лазар Еленовски, Живко Јанкуловски и Вера Рафајловска, иако тие на изборите му искажаа поддршка. Ресорите, пак, што ги имаа новите социјалдемократи ги зголемија апетитите во ВМРО-ДПМНЕ, чија коалиција на изборите освои 64 мандати, од кои 54 се на партијата на Груевски.
Инаку, со сигурност се тврди дека Зоран Ставрески останува на вицепремиерското место. Гордана Јанкулоска, најверојатно, ќе ја задржи челната позиција во МВР, но се спомнува и како прв човек во Министрството за одбрана. Миле Јанакиески, наводно, од Министрството за транспорт и врски би преминал во Министрството за финансии, а на негово место би дошол Ивица Коневски, директорот на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор. Сегашниот прв финансиер Трајко Славески, пак, би застанал на чело на Министерството за економија. Во калкулациите за новиот кабинет на Груевски актуелниот шеф на дипломатијата, Антонио Милошоски, се спомнува како вицепремиер за евроинтеграции. Сегашниот министер за правда, Михајло Маневски, не се става во ниту една комбинација. За него и за вицепремиерката Габриела Конеска-Трајковска, се говори дека нема да бидат дел од новиот владин тим. За министрската функција во правда, наводно, бил заинтересиран Трајко Велјановски, кој пак се спомнува и како иден собраниски спикер.
Инаку, околу формирањето на новата влада има повеќе непознатици. Во моментов е неизвесно која од двете партии на Албанците, ДПА и ДУИ, ќе биде дел од владиното друштво, како и тоа колку министерски места би добиле. Во сегашниот владин состав ДПА имаше шест претставници - еден вицепремиер и пет министерски места: здравство, образование, култура, локална самоуправа и животна средина. Но, тоа не значи дека партијата од албанскиот блок што ќе влезе во владата и овој пат ќе ги добие истите ресори. Во барабанот на коалициските пазарења веројатно ќе биде и Министрството за труд и социјална политика, со кое досега раководеше либералот Љупчо Мешков.
Премиерот Груевски, како што рече самиот, иако повеќе ја посакува ДПА за коалициски партнер, сепак, во владата ќе соработува со партијата што ќе добие мнозинство од гласовите на Албанците. Нештата веројатно ќе бидат појасни по неделното прегласување, се разбира ако помине во нормална атмосфера - без инциденти. Доколку, сепак, се случи најнепосакуваната варијанта - да се повтори сликата од изборите на 1 јуни, тоа може да доведе и до пролонгирање на конститутивната седница на парламентот и на формирањето на владата. Груевски веднаш по изборите рече: „Нема да дозволиме ниту еден пратеник во Собранието да ја добие функцијата на нелегитимен и недемократски начин. Јас нема да ја составам новата влада се' додека не видам дека и во оние 1 до 2 проценти од избирачките места се одржале фер и демократски избори и дека волјата на граѓаните е во целост изразена“. |