02.08.2012, 16:05

Трајановски ќе плати над 100.000 евра за (себе)реклама

„Не е кампања, туку целта е јавноста дополнително да се информира за проектите сработени во изминатите четири години“, велат од Градот

Деспина Трајковска



После централната власт и градската власт почна да го одврзува ќесето за реклами. Како за почеток, ќе потроши над 100.000 евра за рекламни спотови и друг начин на рекламирање за сработеното во досегашниот мандат на актуелниот градоначалник. Иако по најавите за нарачка на рекламите реагираа од опозициската СДСМ, кои потенцираа дека тоа ќе бидат ненаменски потрошени пари од граѓаните а истовремено и нелогична набавка, сепак, Трајановски остана имун на прозивките.

„Дали скопјани од нивните пари, ќе ја финансираат кампањата на кандидатот за градоначалник на Скопје, Коце Трајановски за следните локални избори во 2013 година. Зарем граѓаните скопјани живеат во друга држава и не можат да ги видат проектите, па, е потребно да се потрошат нови милиони за да им се презентираат истите преку спотови на телевизија“, реагира Александар Наумовски, советник од СДСМ во Советот на Град Скопје.

Градот пред некој ден потпишал договор за рекламирање преку „Кваза филм“ која има обврска да осмисли и реализира ТВ спотови за презентирање на позначајните проекти на Градот за периодот 2009-2012. Договорот вклучува изработка на 15 ТВ спотови со снимени кадри од постоечките локации, продукција на еден ТВ спот за туристичка промоција на Скопје, изработка на четири комплетни 3Д визуелизации со 3Д визуелни ефекти а истовремено избраната рекламна агенција има обврска да закупи простор на минимум четири интернет портали на кои ќе ги претстават дел од рекламите.

За сето ова градските власти ќе потрошат околу 115.000 евра. На повикот за избор на рекламна агенција понуди доставиле три агенции, а пресудно при изборот биле гаранциите за квалитетот.

Градските власти неодамна рекоа дека ова не е невообичаена зделка. Пари за набавката на услугите била одобрена автоматски со усвојувањето на тековниот буџет.

И додека дел од рекламите веќе се вртат по дел од медиумите, во очекување да платат за слични услуги се и од општината Кисела Вода која веќе е во потрага по рекламна агенција а за услугите планира да плати најмногу до 82.000 евра. Градоначалниците од Гази Баба и од Бутел неодамна најавија дека ќе го направат истото. Единствено, исклучок е градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски, кој по бурните реакции на јавноста се откажа од „себе – рекламирање“. Градоначалникот на Карпош, пак, Стевчо Јакимовски, смета дека нема потреба од ТВ спотови. „Што ќе ми се реклами, дали и што сработила општината и јас како нејзин градоначалник се гледа на секој чекор. Тоа е залудно трошење пари од граѓаните“, рече тој.