Ја губи ли власта пропагандната војна?

Впечаток е дека власта влегува во дефанзива, соочена со опасноста од аферите што потресуваат дел од нејзините ресори

Александра М. Митевска

Конфронтирање со медиумите, редовни контрареакции на опозиционите реакции, префрлање на друга адреса на одговорноста за погрешните чекори, потреба да се дообјасни секој потег за кој се кренал поголем прав во јавноста... Така функционира пропагандната машинерија на власта последниве денови, соочена со опасноста аферите што потресуваат дел од нејзините ресори и конфликтите што искрснуваат во повеќе области да и' го нагризат грижливо градениот рејтинг. Дали ова е знак дека власта почнува да ја губи пропагандната војна, во која дарежливо инвестираше минатите години? Нејзината офанзивност спласнува и без пожестока активност од опозициониот табор каде што се' уште се преокупирани со внатрешните реформи.

Еден гест, што помина речиси незабележано во јавноста, практично откри дека владините кампањи веќе не постигнуваат исти ефекти како порано: ВМРО-ДПМНЕ, како партија, почувствува потреба да ја поздрави одлуката на Владата (предводена, исто така, од ВМРО-ДПМНЕ) за намалување на ДДВ за становите!

„Се забележува дека во последно време е сменета кампањата на власта. Колку што повеќе аферите излегуваат во јавност, толку таа се' поочигледно влегува во дефанзива. Тоа е сигнал дека се менува перцепцијата на народот за Владата“, оценува политикологот Виктор Георгиески, докторанд по меѓународна политика.

Тој посочува дека секоја влада има свој циклус и оти во случајов треба да се имаат предвид и најавите за консолидирање на опозицијата, како потенцијална опасност за разнишување на позициите на владејачката десница. „Луѓето почнуваат да се заситуваат од власта, особено во ситуација кога таа не продуцира поконкретни резултати на меѓународен план или во сферата на економијата. Тогаш народот станува жеден за нешто ново“, објаснува Георгиески, посочувајќи дека и власта станува свесна оти мора да понуди нешто ново, нешто со што повторно би ги поттикнала граѓаните да ја слушнат.

Ако до пред извесно време „тврдината“ на премиерот Никола Груевски беше отпорна на афери кои, и ако се појавеа не добиваа поголем одек во јавноста, сега ситуацијата изгледа поинаква. Рекламите за достигнувањата на власта во образованието, здравството, економијата... и натаму во чести интервали се вртат низ телевизиските екрани, но впечаток е дека погласно од нив одекнуваат вестите во низа за случаите со маичките и со панцирите за МВР, со ревизорскиот извештај за Министерството за транспорт и врски, со дворот на министерот за правда... Фокусот на публиката се' повеќе е насочен кон случувањата околу плоштадот во Скопје, кон поправаните скулптури наменети за центарот на престолнината, кон чистките во образованието... И ретко кој обрнува внимание на владините оправдувања дека овие случаи се дело на локалната самоуправа (каде што контролата, повторно, ја има ВМРО-ДПМНЕ).

Но, и покрај се', факт е дека ВМРО-ДПМНЕ и натаму е на врвот на топ-листите на популарноста и оти премиерот Груевски останува политичар со највисок рејтинг. Слична е ситуацијата и во албанскиот блок, каде што ДУИ и Али Ахмети водат во анкетите. Но, факт е дека повторно почнува да се зголемува и бројот на неопределени гласачи, кои не знаат кого би го поддржале или не би гласале за никого кога сега би се одржувале избори.

Аналитичарот Ѓунер Исмаил во неодамнешната изјава посочи дека за опозицијата е клучно да понуди вистинска алтернатива во политичкиот простор. „За СДСМ, како партија со најголема гравитациска моќ, најважно е да успее да се претстави пред граѓаните како сериозна политичка опција, која може да биде алтернатива на власта. Во овој момент и Груевски да реши да оди, и целата негова екипа да ги спакува куферите, на политичката сцена ќе нема алт��рнатива“, оцени Исмаил.

Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, на тригодишнината од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ рече дека неговата партија има обврска да понуди сериозна, кадровски и програмски значително поквалитетна алтернатива која ќе ја заслужи довербата на граѓаните.

Дане Талески, член на ИО на СДСМ, во изјава за „Утрински весник“ наведе дека власта почнува да ги губи сите лостови преку кои обезбедуваше влијание во јавноста, оти буџетот и социјалните трансфери се намалени. Според тоа, агресивната кампања е единствен метод што и' станува за да го зачува рејтингот. „Сликата за Владата почнува да се менува и таа станува се' понегативна. И, колку повеќе Владата е дефанзивна, таа ќе станува се' поагресивна. Колку повеќе ја губи површината под нозете, толку поинтензивно ќе владее со ширење страв и со притисоци, а тоа значи дека станува опасна. Дека нема аргументи, па влегува и во лични конфронтации“, вели Талески.

Политикологот Георгиески, пак, смета дека власта ќе продолжи со досегашната пропагандна политика. „Не сум сретнал пример влада да закупува толку голем простор во медиумите за себепромоција, со пари што би требало да се наменат за решавање на проблемите на граѓаните. Го гледав ребалансот на буџетот и не забележав дека има кратење на ставките за реклами, така што може да се очекува Владата да продолжи со истата политика, барем до следниот ребаланс“.

Како што наведува Георгиески, тешко се излегува од дефанзивна позиција, а ако Владата има намера тоа да го стори, ќе треба да ги реши сите проблеми и да исполни се' што ветила. Тоа, пак, смета нашиот соговорник, е речиси невозможно. Или можеби би било можно кога би живееле во еднопартиски систем – без опозиција (каква и да е таа во одреден момент).


#