Срамно интервју на Груевски за Б-92

Наум Андонов

Пред неколку дена можевме да го видиме интервјуто на премиерот Груевски за српската телевизија Б-92. Искрено, се изненадив кога видов дека премиерот прифатил интервју, а тоа да не е со стандардните водители каде што Груевски гостува во овие 4 години - Јанко, Миленко или Латас. Ми падна чудно затоа што навикнавме да го гледаме само кај едни исти луѓе, како надолго и нашироко одговара на договорени прашања. Сега тоа не беше случај. Сега Груевски беше оставен сам на себе, да се снаоѓа во одговорите на прашањата што не му се познати. Се чудам како Протуѓер можел да договори такво интервју, знаејќи дека неговиот шеф може да се снајде само кај своите новинари.

Интервјуто беше многу смешно. Премиерот одговараше како средношколец на испрашување кога наставничката го прашува зошто не научи за денес, а тој и вели зошто да не научам. Оној Груевски, кој велеше дека одговара повеќе од десет минути затоа што имал што да каже, сега не можеше да скрпи две реченици за да одговори повеќе од една минута. Поради маратонските интервјуа кај Јанко и кај Миленко сега не можеше да се снајде. Срамно за еден премиер. Сето она што со саати многу години го зборуваше кај своите новинари во договорените интервјуа, сега за само триесет минути успеа да го уништи. По интервјуто на В-92 Груевски не може да го спаси ниту Миленко ниту Латас. Јас како граѓанин сум разочаран од премиерот Груевски и дури сега (за жал) разбрав дека сум бил во заблуда дека Груевски е вистинскиот избор за лидер на нашата држава.

Јас како граѓанин чувствувам обврска да одговорам на неодговорените прашања на премиерот и да го потсетам малку премиерот дека и тоа што го одговори не е баш така како што мисли тој. На прашањето дали медиумите во Македонија се под притисок, премиерот и' рече на новинарката дека треба да живее во Македонија и да ги гледа медиумите како известуваат. Еве затоа што новинарката не живее тука јас ќе одговорам затоа што цели триесет години живеам во Македонија. Кај нас медиумите се се само не независни. Еве ако ги гледаме како известуваат ќе видиме дека Канал 5, Сител и МТВ се медиуми на власта. Доволно е да се земе во предвид само тоа дека сопствениците на тие медиуми се во коалиција со Груевски. Понатаму може да се земе фактот дека ВМРО-ДПМНЕ се рекламира само на овие медиуми. Премиерот или некој министер кај овие медиуми може да долета за пет минути, додека кај другите тоа не е така. Како за крај може да се земе пропаднатото собрание на Здружението на новинари од пред неколку недели кога власта сакаше да направи упад во Собранието на здружението на новинари сакајќи да постави свои претседател. Ова се вашите „независни“ медиуми, премиере!

Не сум баш убеден, но се надевам дека доколку ги знаел прашањата, премиерот ќе имал подобро интервју.

#