Непресушна тага по Тоше
Крушево вчера беше претесно да ги прими илјадниците обожаватели кои дојдоа да ја одбележат годишнината
Валентина Тодоровска
КРУШЕВО - Вчера Крушево беше претесно да ги прими сите пријатели, фанови, сите што го сакаа Тоше, кои дојдоа да ја одбележат првата годишнина од неговата смрт. Трагичното загинување на оваа наша легенда остави трага во неговиот роден град. Сега, една година подоцна, согласни сме и знаеме дека бевме привилегирани што живеевме во времето на Тоше. Гордост и тага беа испомешани вчера во Крушево.
„Чувствуваме голема празнина по Тоше и сега го сакаме уште повеќе“, ни кажаа средношколците од училиштето „Таки Даскалот“ од Битола, кои дојдоа да го посетат гробот на својот идол. „Од него научивме да бидеме уште подобри, похумани и почовечни“.
Неколку илјади луѓе вчера го посетија вечниот дом на Тоше на Гумење каде што запалија свеќи и уште еднаш се збогуваа со него. „Што да се каже во вакви моменти“, ја сретнавме Каролина Гочева на Гумење, која меѓу првите дојде да му оддаде почит на Тоше. „Тажно и празно. Тоше навистина беше еден и единствен“.
Така зборуваа и средношколците кои организирано дојдоа од цела Македонија. Неговите, пак, крушевчани, децата од училиштето „Никола Карев“ вчера имаа скратена настава. „Чест ни е што учиме во истото училиште како и Тоше“, ни рекоа петтоодделенците. „Нашите детства се во знак на Тоше. Ги пееме неговите песни и засекогаш го носиме во срцето“.
Инаку, светата литургија со високи црковни великодостоинственици се одржа во раните утрински часови во црквата „Света Богородица“ и на гробиштата на Гумење. Неутешни беа неговите родители Никола и Доминика. Потоа, според верските обичаи, семејството даваше ручек за душата на Тоше.
„Денес љубовта ми е храна“, полна со тага беше и пријателката на Тоше, Весна Петрушевска. „Со него замина и дел од мене и никогаш нема да ми се смени чувството што сега ми тлее во градите“.
Крушево вчера на 16. ден од октомври навистина беше во знакот на Тоше. Многумина во знакот на хуманоста, во име на љубовта го посетија манастирот „Преображение“ и запалија свеќи. „Чувството дека го нема е неверојатно“, ни спомнаа неговите обожаватели од Суботица. „Тоше е херој на нашата младост и оваа година без него е само доказ за тоа колку го сакаме“.
Кафулето „Планет“, омилено сврталиште на Тоше, беше преполно. Се слушаа неговите песни, а гостите низ солзи ги пееја хитовите „Ден за нас“, „Игри без граници“, „Тајно моја“...
Покрај многубројните поборници на песната на Тоше, Гумење вчера го посетија и луѓето од Владата - министерот за образование Перо Стојановски, Иво Ивановски, министер за информации и технологија, потоа градоначалникот на Прилеп Марјан Ристовски, хрватскиот амбасадор во РМ Иван Кујунџиќ...
Гробот го прекрија со солзи и неговите соработници од бендот, менаџерката Лилјана Петровиќ, Мартин Вучиќ и Антонија Шола, која низ солзи ни кажа дека е многу тажна.
На вчерашниот ден минатата година со 26 лета загина најдобриот машки вокал во историјата на Балканот. Момче чии концерти беа масовно посетувани и кој постави сосема нови стандарди во музиката. Тоше стана симбол на Македонија.
Последните години од животот тој стана најпродаван музичар и беше сигурен дека понатамошната кариера ќе ја насочи кон светот. Смртта навистина го зеде прерано, но љубовта што ја имаме кон него ќе го одржи жив во нашите сеќавања. |