Холбрук ја седна Грција на маса со Македонија
Во последното интервју за дописникот на „Утрински весник“ од Брисел творецот на Привремената спогодба, Ричард Холбрук, изрази жалење што таа не се почитува ни од Грција, ни од НАТО, ни од ЕУ, но, сепак, според него, ја одиграла улогата и ги подобрила односите меѓу Грција и Македонија.
„Не сум веќе активно инволвиран во тоа прашање. Но, договорот меѓу Македонија и Грција што го договоривме ние беше добар. Ја отвори границата, ја помогна трговијата меѓу двете земји и ја помогна економијата. Ситуацијата сега е многу подобра отколку во септември 1995 година кога го постигнавме договорот“, изјави Холбрук на 24 март 2009 година за „Утрински весник“.
Ангажманот на Ричард Холбрук го крена 20-месечното ембарго на Атина спрема Македонија, а Скопје прифати безимена спогодба и по еден месец го промени знамето. Американецот од болниот Андреас Папандреу изнудил договор со Скопје (како што раскажуваше сопругата на премиерот, Димитра Лијани) во исто време кога Холбрук на другата линија го имал Киро Глигоров. Дваесетмесечно ембарго беше тргнато, но остана грчкиот цврст став дека би било предавство на грчките национални интереси доколку Грција прифати постоење на држава со име Македонија на северната граница.
Односите меѓу Македонија и Грција се помрднаа од мртва точка по потпишувањето на Привремената спогодба за соработка по укинувањето на едностраното ембарго. „Првата страна“ и „Втората страна“ претставувани од тогашните министри за надворешни работи, Стево Црвенковски и Каролос Папуљас, кој сега е претседател на Грција, на 13 септември 1995 во Њујорк, во присуство на американскиот дипломат Сајрус Венс, потпишаа Привремена спогодба за пријателски односи и градење доверба и за заемно почитување на територијалниот интегритет и суверенитет.
Во 2002 година, за време на едно предавање на универзитетот Џон Хопкинс во врска со ситуацијата на Балканот и македонско грчкиот спор ќе ги изнесе своите изведувања одговарајќи на прашањата на присутните меѓу кои и претседателот на Обединетата македонска дијаспора, Мето Колоски:
Прашање: Како треба Македонците да се нарекуваат себе?
Одговор: „Македонци“
Прашање: А нивната земја?
Одговор: „Македонија“
Прашање: Нивниот јазик?
Одговор: „Македонски“
Прашање: Како треба да го решат проблемот со Грците?
Одговор: „Грците ќе мора да научат да се приспособуваат“.
|