Нимиц донесе модифициран предлог
Се работи за името, а не за идентитетот, рече медијаторот
Тамара Грнчароска
Медијаторот од ОН, Метју Нимиц, вчера во Скопје го донесе модифицираниот октомвриски пакет-идеи за решавање на спорот околу името меѓу Македонија и Грција. Иако вчера по средбата со премиерот Никола Груевски, со претседателот Ѓорге Иванов и еден ден претходно со шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, не изнесе детали за какви измени станува збор, сепак, Нимиц рече: „Направив приспособување и измени на мојот предлог од октомври, што владата треба да го разгледа како пакет во целина“. Нимиц најави детални разговори околу тоа и дека и Македонија и Грција ќе треба сериозно да размислат.
За средбите со македонскиот државен врв, тој рече дека биле конструктивни, изразувајќи надеж дека такви ќе бидат и средбите денес во Грција. Според него, средбите биле многу позитивни и му оставиле чувство дека има повеќе доверба отколку во минатото. Истовремено, според него, има многу работи кои се во тек, а кои даваат уверување дека можеби може да има некаков вид решение. „Целта е да се изнајде достоинствено решение што ќе им одговара на двете страни, да се зачува идентитетот на земјата и да се реши проблематичното прашање во регионот“, рече Нимиц.
Македонскиот државен врв вчера се воздржа од коментари за новите идеи на Нимиц, неофицијално информирајќи дека ќе почека посредникот да и' ја врачи понудата и на Атина.
Нимиц вчера не ги откри измените на предлогот од октомври, бидејќи, како што рече, не ги конкретизирал оригиналните идеи. Според него, некои луѓе не го знаат ова прашање и им изгледа како нешто едноставно, „но, повеќето од вас кои ја следите оваа ситуација знаете дека тоа е премногу комплексно, бидејќи има многу различни аспекти: употребата на името, како и каде, и други последователни прашања“. „Некои се поважни од другите, но сите прашања ги засегаат и двете страни“, смета Нимиц, велејќи дека идеите што ги дава како можност за решение ги базира врз гледиштата на двете страни во спорот.
Според Нимиц, некои идеи му пристапуваат на овој проблем на начин на кој и двете страни може да речат дека „ова не е совршено“, но е многу логично. „Владите се соседи засекогаш, тоа е трајно и тоа е решението на проблемот“, смета Нимиц.
Посредникот вчера негираше дека постои спор за тоа дали постои јазик или националност. „Луѓето треба да бидат уверени дека се работи за името, а не за идентитетот“, потенцира Нимиц. „Зборуваме за името на земјата“, рече тој, нагласувајќи дека не слушнал ниту еден грчки официјален претставник некогаш да негира дека „оваа земја и нејзиниот народ имаат уникатен идентитет и уникатен јазик“. „Што се однесува до мене, веќе 15 години работам на ова прашање и знам дека оваа земја има идентитет и јазик, и мислам дека никој во светот не го оспорува тоа“. Според Нимиц, постојат прашања за референцата, за тоа како ќе биде во англискиот јазик или во други јазици, „но не е прашање дали постои јазик, дали постои националност“.
Одговарајќи на прашањето дали крајот на годината е рок до кога треба да се реши спорот, тој кратко изјави: „Не поставувам рокови. За мене, 31 декември е само уште еден ден од годината“, се пошегува Нимиц, велејќи дека „сепак, смета оти ова е решливо прашање и постои голем интерес да биде решено“.
Таков впечаток Нимиц добил и од вчерашните средби со претседателот и премиерот, а тоа е дека постои вистинска желба ова прашање да се надмине и да се продолжи со агендата, која е многу важна во регионот. „Сметам дека и двете страни се подготвени и сакаат да го направат тоа“.
Посредникот од ОН не го загрижува можноста од предвремени избори во Грција. Тој рече дека дискусиите се водат веќе 15 години и во тој период имало избори во двете земји во различно време. „Избори се избори“, смета Нимиц, додавајќи дека станува з��ор за демократски земји кои кога имаат избори, имаат избори. „Мојата филозофија како медијатор е дека тоа не е мој проблем“, ноншалантно изјави Нимиц. „Има влади на двете страни, тие преговараат, тие сакаат да разговараат“. Иако вели дека кога ќе има избори, ќе биде известен навреме, сепак, Нимиц смета дека сега е шанса да се продолжи да се разговора за ова прашање, целиот процес да се движи напред и „да не се грижиме за политиката во другата земја“. |