„Скопје 2014“ како неостварен детски сон?
Опозицијата обвинува дека проектот е синоним за неизграден идентитет, лицемерие на еден коркач
Мораториум на проектот „Скопје 2014“ побара опозицијата, бидејќи во него препознава „симбол на корупцијата, криминалот и безмилосното трошење народни пари“. СДСМ предлага да се оди на предвремени избори, на кои власта ќе ја тестира довербата од граѓаните дали ќе добие мандат да го доврши проектот. Со вакви барања излегоа завчера опозиционерите откако Собранието, конечно, по десет месеци, расправаше за проектот „Скопје 2014“.
Експремиерот Владо Бучковски праша кому му текна во вакви околности да троши милиони евра за споменици и излезе со конкретен предлог: „Ако победите на избори, довршете го проектот“!
Според потпретседателот на Собранието, Јани Макрадули од СДСМ, „Скопје 2014“ е „синоним за одликите на оваа влада: нереализирани детски соништа, неизграден идентитет, кукавичлак, осмислен јавашлак, лицемерие на еден коркач“. Во истиот манир возврати пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски: „проектот Скопје 2014 чини толку колку што пари украдовте од ТАТ“.
Одговарајќи на нападите на опозицијата министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска рече дека оваа власт не е расипничка, туку гради и зад себе остава трајни дела. „Имавте можност, но не создадовте ништо трајно. Ние работиме за повисоки цели“, истакна министерката.
Пратеникот од СДСМ Емилијан Станковиќ смета дека „дрим-тимот на портокаловата изродба нема никакво познавање од културата“. „Половина од овие пратеници да ги викнете, да ги поканите на ’Лебедово езеро‘ ќе дојдат со костими за капење. Толку знаете култура“, убеден е Станковиќ.
Во ваквиот настап неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Китановски, препозна недостаток од домашно воспитување. „Домашното воспитување се добива дома, ако тоа ви недостасува овде никој не може да ви помогне“, реплицираше Китановски. (П.Р.)
|