Анализа

На А1 не ни се случи народ

Ерол Ризаов

Пред и во А1 телевизија завчера вечер не ни се случи народ. Не видовме романски директен пренос од Револуција. Видовме многу вооружени полицајци и чувме многу борци за човекови права и слободи. Беше тоа една тажна ноќ од македонската незавршена транзиција. Ноќ на демонстрација на сила на власта, злоупотреба на полицијата и немоќ на демократските сили. Додека Владата преплашена заседаваше како кризен штаб, Скопје не можеше да испорача критична маса во одбрана на демократијата. Се редеа на екранот, главно, функционери и активисти на опозицијата, нешто новинари-критичари на Владата, неколку десетици вработени во компаниите на Велија Рамковски, сопственикот на А1, и стотина-двесте граѓани кои не прифаќаат загроза на демократијата. Скопје дремеше во својата транзициска летаргија и духовна филозофија: не бранувај.

Не видовме на А1 министри, преставници на власта, пратеници од редовите на коалиционите партнери во Владата, директори во Управата за јавни приходи и надлежни финансиски инспектори. Не видовме независни и компетентни интелектуални елити, новинари блиски на провладините медиуми. Некои од нив ги видовме на други телевизии, поддржувачи на Владата. А најубаво видовме колку е поделена и партизирана Македонија, колку е ниско нивото на политичката и комуникациска култура и колку е мал прагот на заштитата на демократијата.

Дали ова што се случуваше во А1 има свои подлабоки корени и една посложена анатомија. Апсолутно - да. Кажано наједноставно, секогаш кога властите толерираат кршење на законите, кога фаворизираат подобни медиуми, кога инсталираат нерегуларен медиумски пазар со селективно рекламирање, ќе се соочат со својот краен производ, што го видовме во директниот пренос на А1. Никогаш македонската полиција немаше да упадне во А1 или во компаниите на Велија Рамковски ако тој и' даваше поддршка на власта. Портпаролот на МВР тврди дека цели осум месеци Велија Рамковски не дозволува финансиска контрола на неговите компании. Притоа, мислам дека овој наш поранешен колега не е свесен со оваа реченица каква осуда изнесе за целиот систем, за сите институции на системот, за Владата и лично за премиерот Никола Груевски. Прво, ако е точно ова тврдење на портпаролот на МВР, а досега не е демантирано од никого, тогаш најлогично прашање е зошто за тоа не знае македонската јавност, каква е таа сила која ја поседува Рамковски неговите компании да не можат да бидат контролирани од надлежни служби. Дали овие осум месеци беа период на заплашување на А1 да ја смени својата уредувачка политика и критичка опсервација на власта, или беа период на пазарење меѓу Владата и Велија Рамковски. Што може да мисли обичен граѓанин на Македонија ако на Владата и на надлежните служби им требаат осум месеци само да влезат во компанија за да извршат финансиска контрола. Па, за тоа време можат да се направат комплетно нови финансиски извештаи и сите неопходни преправки и доправки.

Овој македонски медиумски магнат долги години на ред прави флагрантно кршење на законите. Си инсталира непречено нерегуларен медиумски пазар. Практикува драматична нелојална конкуренција и никој не го санкционира. Ниту една влада. Поголема злоупотреба на медиуми и новинари тешко може да се замисли. Велија Рамковски најдрско го прекршува законот за радиодифузија, кој не дозволува сопственик на електронски медиуми да има и печатени весници и списанија. Тоа го знаат и го гледаат сите македонски премиери, влади, надлежни министри и комисии. И никому ништо. Велија Рамковски може да раздава весници без пари на места каде што се продаваат весници за пари. Тоа не е дозволено никаде во светот. Бесплатните весници мора да бидат во специјални сандачиња, оддалечени најмалку 100 метри од киосците каде што се продаваат весници за пари. Велија Рамковски прави синергија во продажбата на рекламниот простор на гледаната А1 со весниците. Тие што ќе рекламираат на А1 и во весниците и списанијата на Рамковски, ако целиот буџет за реклами го насочат кон компаниите на А1, попустите се огромни. Во ова антимонополската комисија не гледа сериозен прекршок.

И оваа Влада, како и другите, никогаш ништо не презеде во врска со овој проблем. Напротив, ваквото незаконско работење е стимулирано со огромни износи за рекламирање на владините кампањи и на јавните државни претпријатија.

Се' додека властите во Македонија прават дил со сопствениците на медиуми за политичка поддршка и толерираат незаконско работење поради политички и партиски интереси, македонскиот медиумски простор ќе остане крајно загаден, а новинарите ќе бидат колатерална штета.


#