„Kaтимерини“: Лавовски кич во Скопје
Од нашиот дописник,Миркица Поповиќ
Атина - Скопските „постмодернистички“ лавови осамнаа на насловната на неделното издание на „Катимерини“. Големата врева околу поставувањето на лавовите стигна и до Грција, па весникот покажува интерес за темата со обемна репортажа со наслов „Лавовски кич во Скопје“.
Преку репортажата е претставен целиот проект, неговата вредност, разните видови скулптури кои се веќе поставени и кои се предвидени да осамнат во Скопје.
„Националистичкиот пароксизам на Никола Груевски сликовито е пресликан во центарот на Скопје. Гигантска статуа на Александар Велики, скулптури на херои на ’македонскиот народ‘, кои за свои ги смета и Бугарија, но и лавови се наоѓаат на главниот плоштад и низ целиот град, вештачки создавајќи ’македонски’ морал за населението“, пишува „Катимерини“.
Според весникот, целиот проект само дополнително ја потхранува антигрчката клима во државата и меѓу народот. „Жртва на ваквата антигрчка атмосфера неодамна беше грчкиот фудбалер Сотирис Кирјакос, кој на натпреварот Ливерпул - Работнички во Скопје беше исвиркуван и навредуван секогаш кога топката ќе се доближеше до него“, се заклучува во репортажата на весникот.
Овој текст на „Катимерини“ е еден од ретките што покажуваат интерес за тоа што се случува во Скопје, малку и надвор од спорот со името. Во репортажата се претставени ставовите и на Владата и на опозицијата, како и различните реакции од албанските партии, на бугарската влада, но и реакциите и незадоволството на граѓаните за проектот.
Сепак, спорот за името и случувањата во нашата држава остануваат многу ниско на скалата на интерес на официјална Атина и на грчката јавност во овој период. Јанис Михалетос, аналитичар за Балканот при Институтот за анализа на безбедност и одбрана во Атина, вели дека повеќе од една година спорот за името е речиси изоставен од грчката политичка агенда поради домашните проблеми.
Според Михалетос, мали се шансите за наоѓање решение за името во скоро време, особено бидејќи во преговорите е вклучена и трета сила, Обединетите нации, која не е директно засегната за тоа кога ќе се најде решение, па може да го одолжува процесот за да се врши притисок врз двете држави за одредени теми кога е потребно тоа. Целосно решение со кое ќе се стави крај на спорот, според него, тешко ќе се најде, бидејќи постојано ќе излегуваат проблеми од некоја страна. За договор околу спорот за името пред ноември, односно пред локалните избори во Грција, според Михалетос, не може ни да стане збор, бидејќи довербата во Јоргос Папандреу и неговата влада и онака е значително ослабена, поради што постои голема шанса ПАСОК да биде поразен на локалните избори.
Тој потсетува дека консеквенциите од економските мерки на владата на Папандреу ќе се видат во септемвриските плати и сметки, што ќе предизвика дополнителен шок и нагли негативни реакции во Грција, па владата не ќе може да ризикува да се справува со уште еден проблем како овој за името.
Според Михалетос, стабилноста на Балканот може да се постигне доколку дојде до договор меѓу Атина, Белград и Скопје, трите главни оски во регионот. Меѓутоа, додава тој, моменталните услови не даваат можност за постигнување таков договор. (M.П.) |