05.10.2012, 18:28

„Карфур“ ја раздвижи конкуренцијата

Пониските цени во новиот хипермаркет поттикнаа некои маркети во Скопје да ги намалат цените на одредени производи

Деспина Траjковска


И вториот ден по отворањето на хипермаркетот „Карфур“ реки народ со натоварени ќеси излегуваа од новиот трговски центар. Други, пак, со нетрпение очекуваа да влезат бидејќи поради големата навалица, влезот во хипермаркетот беше регулиран со обезбедување, кое вчера на секои дваесетина минути пропушташе групи потрошувачи.

Гледано од страна, човек да се запраша толку ли е евтино, што е тоа што го има таму, а го нема во другите маркети? И, додека во „Карфур“ врвулици од народ се разминуваа по рафтовите, во другите поголеми маркети во Скопје атмосферата беше неспоредливо поразлично. Но, сепак, далеку од вообичаената. Во некои од нив, сведочат одредени дистрибутери, речиси и да немало потреба од надополнување со роба, што инаку им било вообичаена секојдневна активност. Во „Карфур“, пак, одредени рафтови се празнеа за час, дотур на стока на некои производи се вршеше на секои дваесетина минути, се' течеше како на филмска лента. Но, тоа не беше случај и на касите, кои втор ден по ред дали од турборабота или од други причини, на моменти се блокираа. Потрошувачите што вчера ги затекнавме пред „Скопје сити мол“ излегуваа натоварени со најмалку 7-8 кеси од „Карфур“. Секој од нив имаше различно искуство и впечаток.

Некој дошол да пазари од љубопитност, некој да провери дали навистина некои производи буквално се со преполовена цена во однос на другите на пазарот, а други само за да ги споредат цените со другите големи маркети во градот. Дел од оние што пазареа рекоа дека дошле дури од Сопиште, имаше граѓани и од Скопје Север. Сепак, вчера најбројни беа пензионерите, некои поради ниските пензии, а начуле дека во „Карфур“ е евтино, други, пак, само од љубопитност, и онака градскиот превоз вчера им беше бесплатен.

Но, сите тие граѓани констатираа дека францускиот синџир маркети го раздвижи пазарот. Конкурентните маркети (не)очекувано почнаа со слични акции и тоа на сродни производи кои во „Карфур“ овие два дена се по багателни цени. Останатите скопски маркети „удрија“ на рекламирање, одредени производи преку ноќ почнаа да ги продаваат по цени двојно, па и тројно пониски од вообичаените. Купувачите што случајно се затекнаа во овие маркети, а не знаеја за намалувањата, земаа по неколку парчиња од еден ист производ, бидејќи, како што велат, не се знае кога повторно ќе начекаат така ниски цени.

Сепак, некои маркети продолжија само со вообичаените викенд или неколкудневни акции на одредени производи со верување дека „треската“ што ја предизвика „Карфур“ ќе трае кусо, само неколку дена. А, дали е така, ќе покаже времето. Но, факт е дека на Скопје му требаше хипермаркет од ваков тип и тоа токму во време кога перманентно се бележи пад на потрошувачката моќ на граѓаните како резултат на секојдневниот раст на цените.