5 прашања 5 одговори

Бугарската независност нема ништо со Македонија

Бугарија настојува по секоја цена да одбележува некои празници заедно со Македонија, вели историчарот и академик Иван Катарџиев

Тамара Грнчароска

Бугарскиот премиер Сергеј Станишев во Скопје ги прослави 100-те години независна Бугарија. Има ли порака во тоа за Македонија?

Речиси сум сигурен дека тоа е резултат на една политика која се провлекува од средината на деведесеттите години на минатиот век, од кога Бугарија настојува по секоја цена да одбележува некои празници заедно со Македонија и на тој начин да ја потврди тезата дека ние правиме една целина. Tоа е нонсенс, ние сме за меѓусебна соработка и за празнување, но откако некои услови ќе се исполнат: прво, тие да не го оспоруваат нашиот национален идентитет и јазик, и второ, да се договориме да ги празнуваме оние празници и личности кои не' поврзуваат, како на пример основањето на македонскиот литературен кружок. Има прекрасни личности кои апсолутно заслужуваат да бидат одбележани и во нашата јавност, но не и диво натурување да се одбележува еден датум кој навистина нема врска со Македонија и значење за нас.

Какво е вистинското значење на овој датум за нашата земја?

Тој датум за нас нема никакво значење, бидејќи тоа е датум на кој по Младотурската револуција, Фердинанд, кнезот на Бугарија, прогласил независност на Бугарија од Турција. Таквата постапка на Бугарија спрема Турција имаше негативно влијание во Македонија, бидејќи она што се создало во почетокот на прогласувањето на Младотурската револуција, ентузијазам, блискост, надминување на целиот оној чемер што се создавал во претходните години, наеднаш исчезна. Не би сакал да и' го негирам на Бугарија правото да го слави својот ден на независноста, но во контекст на Македонија тоа нема никакво позитивно влијание. Ние немаме никакви компактивни елементи што би ни дале право на тоа, дури и во желбата за најблиско пријателство меѓу двете земји тоа не може да биде празник за заедничко одбележување и затоа се чудам на дрскоста на бугарската амбасада по секоја цена да го организира празнувањето на 100-годишнината на бугарската државност во Скопје. Се знае со каква конотација е сето тоа - во знак на една теза и идеологија по секоја цена да не' изедначат со нив. Ние тоа нема да го прифатиме.

Каде тука се вклопува подбивањето на Станишев со македонското малцинство во Бугарија?

Тоа беше подбивање со иницијативата на ОМО „Илинден“-ПИРИН да се користи со демократските права да биде регистрирана како политичка партија. Сето она што му се прави на ОМО „Илинден“-ПИРИН е со цел да се спречи таа да биде легален политички субјект и на тој начин да дојде до израз желбата на некои Македонци, кои не се антибугари и кои не сакаат одделување од Бугарија, туку да се почитува нивниот идентитет.

Оправдано ли е барањето на Бугарија за поставување споменици од нејзиното историско минато во Македонија.

Сметам дека ние треба да имаме ист однос спрема гробиштата на сите паднати војници во текот на војните на територијата на Македонија, без оглед на чија страна на фронтот биле, и во Првата и во Втората светска војна. Сето тоа треба да биде засновано врз еден принцип кој важи и за гробиштата на Германците, Французите, Англичаните. Секаков друг третман, поставување нови споменици, што би било привилегија на паднатите војници на Бугарија тука, би значело дека тие паднале за слободата на Македонија, што апсолутно не може да се прифати. Тие се бореле за интересите на Фердинанд, на великобугарската идеологија.Мислам оти е во право премиерот кога рече дека ние мора да се однесуваме согласно со меѓународните принципи кои важат за ваквите обележја на војници кои паднале на територијата на Македонија и не би требало да правиме никакви исклучоци.

Што е она што на соседите им пречи од Македонија?

Мислам на соседите им пречи македонскиот културно - националниот идентитет. Свеста дека ние сме посебен национален субјект се изедначува со името. Тие се потполно две исти работи со различни имиња и нашите соседи не можат да го прифатат тоа. Битката за името на Македонија и за постоењето не е од сега, таа е многу стара, од средината на 19 век. Македонската јавност треба да се подготви на долго траење на спорот и да не очекува дека Грција така лесно ќе го прифати македонското име, јазик, култура, идентитет, што за нив би значело прифаќање на геноцидот што го извршиле врз Македонците и прифаќање на постоење македонско малцинство во Грција. Кај Бугарија проблемот е во друга смисла. На Бугарија и' пречи македонскиот идентитет и таа, исто така, нема да го прифати.