Македонија во шок по апсењето на новинарот што убивал жени

Полицијата тврди дека Владо Танески ги убил двете кичевски вдовици од своето соседство


Танески ги носел жртвите во викендичката на ужасот

Даниела Трпчевска

Новинарите од скопските редакции во петокот изутрина го бараа својот дописник од Кичево за да провери што се случува со разоткривањето на серискиот убиец кој веќе подолго време ги држеше кичевци во страв и неизвесност. Кога неговиот мобилен телефон со часови остана недостапен, никој не можеше ниту да претпостави дека токму хонорарниот дописник на неколку медиуми од Кичево Владо Танески е уапсен и однесен во полициската станица во Гостивар поради убиство на две негови сосетки.

Тој се поврзува со убиствата на уште две пензионерки од градот, но засега нема цврсти докази за тоа. Според МВР, покрај ДНК-анализите на Танески кои се совпаднале со примероците пронајдени кај убиените жени, го откриле и текстовите објавени во дневните весници, во кои тој детално пишува за убиствата.

Истражниот судија на Основниот суд во Гостивар завчера попладне, по неколкучасовното сослушување, на новинарот му одреди мерка притвор во траење од 30 дена. По сослушувањето веднаш беше однесен во тетовскиот затвор. Од МВР велат дека за време на 24-часовното испрашување од страна на полицијата, Танески се бранел со молчење. Според Кристе Николоски, претседател на судот во Гостивар, по барање на осомничениот, му е определен бранител по службена должност.

Македонија се' уште е шокирана по веста што беше обелоденета во петокот. Новинарот кој ги силувал, а потоа со кабел ги задавувал своите жртви, за потоа опширно да известува за тоа, деновиве се најде на насловните страници на сите светски медиуми. Танески, кој дваесетина години беше дописник на „Нова Македонија“, а извесен период хонорарно пишуваше и за „Утрински весник“, колегите го паметат како мирен и повлечен човек.


Куќата на Владо Танески

Сите се шокирани од веста дека траумите од детството и лошите односи со неговата мајка, наводно, биле причина за да посегне по животот на неколкуте жени. Кобно за нив било тоа што нивниот профил, според полицијата, се совпаѓал токму со оној на неговата мајка - четирите жени биле на поодмината возраст, живееле во ист дел на Кичево, имале понизок степен на образование и главно заработувале како хигиеничарки.

„Ваквиот профил на жртвите делумно соодветствува со профилот на покојната мајка на осомничениот, која работела како хигиеничарка во болница и со која, според документираните сознанија, тој бил во исклучително лоши односи“, вели помошник-министерот за односи со јавност, Иво Котевски. Мистерии се поврзуваат и со смртта на неговиот татко, кој бил пронајден мртов во истата викендичка, во која потоа се претпоставува дека Танески ги носел своите жртви.

Педесет и шестгодишниот Танески во петокот беше приведен во полиција откако ДНК-анализите потврдиле дека тој го извршил убиството на Живана Темелкоска (65), која беше пронајдена мртва во мај годинава, десетина дена по нејзиното исчезнување. Нејзиното тело беше пронајдено на дива депонија во близина на стадионот на ФК Влазрими во Кичево. Тој е осомничен и за смртта на Митра Силјановска (62), која беше пронајдена кај столбовите на недовршената спортска сала во Кичево.

Се' уште се бараат докази дали Танески ја убил и 56-годишната Љубица Личовска, чиј труп во февруари беше пронајден на дивата депонија во близина на Стража. Се проверува и негова поврзаност со исчезнувањето на кичевката Горица Павлеска, за која од 2003 година нема никаква трага.

„Карактеристично за сите четири жени е дека се на поодмината возраст, сите живееле во ист дел на Кичево, имале понизок степен на образование и главно заработувале како хигиеничарки. Карактеристичен з�� жртвите, со исклучок на Павлеска која се' уште се води како исчезната, е и начинот на кој биле убиени. Во трите случаи станува збор за изживување и нивно сексуално и физичко малтретирање. Според сознанијата на МВР, сите три се пронајдени голи, врзани со телефонски кабел, задавени и завиткани во најлонски ќеси, а потоа фрлени на различни места.



„Кај сите се констатирани бројни повреди по надворешноста и внатрешноста на телата. Кај Живана Темелкоска е утврдено дека само на черепот имала 13 повреди, а и' биле скршени и поголем број ребра од двете страни на градниот кош. Кај Темелкоска и кај Симјаноска беше пронајдена и сперма која помогна при подоцнежната ДНК-идентификација на лицето што ги силувало и убило“, велат во МВР.

Според нивните сознанија, новинарот добро ги познавал убиените, живеел во нивна близина и воопшто немал проблем да ги намами. Во полза на тоа му одел одвоениот живот од сопругата, која работела и престојувала во Скопје, и од синовите, од кои едниот бил во странство, а вториот секојдневно бил на работа и често службено отсуствувал.

„Во спроведената истрага е утврдено дека осомничениот, злоупотребувајќи ја својата професија како новинар, честопати ги посетувал семејствата на жртвите и контактирал со овластени лица за да дојде до некакви сознанија за напредокот на истрагата за случаите. Во дел од своите текстови кои како дописник ги испраќал до националните медиуми наведувал и детали од случаите кои во ниеден официјален извештај ниту информација не стоеле, што беше уште една причина повеќе за да се испита неговата поврзаност со убиствата“, вели Котевски. При претресот во куќата на Танески се пронајдени порнографски материјали, а бил извршен претрес и во неговата викендичка кај селото Карбуница.

Танески известуваше за неколку медиуми за случувањата во Кичево. Во текстот за исчезнувањето на Темелковска, тој пишуваше дека „кога излегла од продавницата, застанало возило од кое и' се обратил некој по име и и' рекол дека син и' преживеал сообраќајка и е однесен во болница. Вознемирената Темелковска ги фрлила торбите со купените продукти и мобилниот телефон и се качила во возилото со затемнети стакла, но од тој момент и' се губи секаква трага“. Известуваше и за судењето на двете момчиња обвинети за убиството на Радослав Божиновски, кого го малтретирале, силувале и ограбиле во неговата куќа во Малкоец, како и на Митра Силјаноска, за која сега се покажа дека не биле виновни.

„Со лисици на рацете и со заскитани погледи, Анте Ристески и неговиот другар Игор Мирчески влегоа во судската сала. Отсутно зјапаа во некоја точка на таванот и одвреме-навреме како во себе да шепотеа: се предаваме и сега ќе платиме за грешките што ги направивме“, известуваше од судските рочишта новинарот од Кичево.

Полицијата се сомнева дека полициски инспектор бил инволвиран во прикривањето клучни докази, кои укажувале дека момчињата не ја убиле Силјаноска. Процесот за нив може да се очекува да биде преотворен и да одговараат само за убиството во Малкоец, што го признале.