Груевски ќе остане, но кој ќе си оди!?

Конгресот ќе биде добра можност за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да расчисти со малобројната опозиција што ја има во партијата

Светлана Унковска


Пролетен конгрес и подготовки за парламентарните избори и' претстојат на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која е исправена пред можноста за значителни промени во партијата, но и во Владата. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е како пред шаховска табла, бидејќи од него се очекуваат потези со кои треба да ги размести позициите на неговите соработници без да предизвика внатрепартиски незадоволства. Дојде ли моментот за поголема реконструкција на владиниот кабинет или промените на „Илинденска“ ќе се изведат со оставки на некои министри како најбезболен начин за владино проветрување? Иако опозицијата го засилува притисокот со постојани обвинувања кон министрите, малкумина веруваат дека Груевски ќе се откаже од своите лојални соработници. Наместо тоа, се очекува на партискиот конгрес Груевски да се обиде да си ги зајакне позициите со тоа што малку ќе зачисти низ партиските редови, кои би ги освежил со неколку нови фигури, кои ќе имаат цел да го привлечат огромното неопределено гласачко тело.
Политичките аналитичари се уверени дека почетокот на 2011 година ќе биде пресуден не само за зацвртување на партијата на власт, туку и за идните владини политики. Претпоставките се дека Груевски ќе ги влече потезите со голема прецизност за да не се забележи во јавноста дека постојат некакви незадоволства во партијата или во Владата.

Поранешниот функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски, вели дека не треба да се очекуваат поголеми прекршувања - ниту пред партискиот конгрес ниту по него. „Мислам дека главното тежиште ќе се пренесе во ВМРО-ДПМНЕ за пред најавениот конгрес евентуално да се исчистат од луѓе што би им пречеле. Најверојатно, ќе има наплив на кадар што би требало да го рашири распонот и да ги опфати неопределените гласачи, кои се околу 50 проценти“, вели Петровски, кој смета дека ќе се засилат позициите на Влатко Ѓорчев и на Антонио Милошоски.

„На нив двајца ќе им биде дозволено да даваат радикални изјави за да го држат членството во популистички занес. Иако тоа се покажа многу штетно за меѓународната позиција на Македонија, како во случајот со нападите на Ѓорчев врз евроамбасадорот Ерван Фуере или со изјавите на Милошоски против Израел, сепак, тие имаат потреба да го одржуваат радикализмот во тимот“, нагласува Петровски. Тој вели дека Груевски, веројатно, нема никого да жртвува „особено не оние што се фатени на ’орото’, бидејќи тоа не е добро за ’политичкото здравје’ на Груевски“.

Професорот Јове Кекеновски оценува дека во почетокот на 2011, практично, неколку месеци пред партискиот конгрес, Груевски мора прво да ја реконструира Владата, а потоа и високите партиски органи. Според него, владиниот ремонт ќе биде добра можност да се покаже дека се останува цврсто на заложбата за спроведување на реформите, а партиските промени се потребни за зајакнување на партијата пред избори.

„Мислам дека со конгресот Груевски ќе ги зацврсти позициите и дека тоа му е добра можност да расчисти со онаа мала опозиција што ја има во партијата. Затоа може да се очекува да се направи одредена реконструкција и во Извршниот комитет, во кој би влегле повеќе интелектуалци, бидејќи не гледам дека таму отскокнува некој идеолог“, смета Кекеновски.

Тој оценува дека иако Груевски и сега има цврста позиција и, во суштина, нема конкуренција, тој апсолутно ќе се зацврсти на тронот. Но, како што вели нашиот соговорник, ако Груевски сака победа и на наредните избори, тој мора кадровски да ја зајакне партијата со луѓе што ќе знаат да се справат со предизвиците. (Св.У.)


#