Градоначалник лобира за студирање во Бугарија

Иван Бојаџиски


ДЕЛЧЕВО - Горан Малешевски, градоначалник на Делчево, лобира кај младите да студираат во Бугарија, поточно да се запишуваат на Американскиот универзитет во Благоевград. Тој дури ветува материјална поддршка за сите што ќе го прифатат неговиот совет и ќе заминат на студии кај овој наш сосед. Малешевски го направи овој чин во време кога во соседниот град Берово се затвори одделот за информатика, кој беше отворен минатата година, во рамките на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Во тоа име, Горан Малешевски и Дејвид Хјувилер, ректор на Американскиот универзитет, изминатиот викенд во Делчево потпишаа договор за соработка.

„Идејата ја дадоа млади од Делчево што студираат во Благоевград, кој е оддалечен само педесетина километри од градот. Јас бев таму, го посетив универзитетот и се информирав што нуди за студентите. Восхитен сум од условите за студирање и од сместувачките капацитети“, изјави градоначалникот Малешевски.

Тој најави стипендии од по 50 евра за секој студент што ќе се запише на Американскиот универзитет на кој студирањето чини десет илјади долари годишно. Кон неговата иницијатива се придружи и Митко Антовски, директор на делчевската гимназија, кој најави дека до крајот на оваа година во Благоевград ќе ги води сите 113 матуранти за лично да се запознаат со условите за студирање на Американскиот универзитет. Антовски е претседател на општинската организација на ВМРО-ДПМНЕ на која и' припаѓа градоначалникот Малешевски. Ќе биде интересно да се види реакцијата на нивната партија, која вложи максимум напори и обезбеди големи пари (дури 400 милиони денари годинава) за нормално и успешно функционирање на Штипскиот универзитет. Со ваквото лобирање, градоначалник од нивните редови, всушност, ги заведува студентите за тие да студираат на странски високообразовни институции.

Во целата оваа приказна се поставува прашањето од кои пари делчевскиот градоначалник ќе дели стипендии, макар тие да се и минимални. Ова ако се знае дека пред неполн месец Советот на Делчево констатира катастрофално ниско исполнување на буџетот од само 34 проценти и во услови кога општината подолг период е во перманентна блокада. Локалното раководство се жали на фактот дека од Владата досега не добиле ниту денар поради што и капиталните инвестиции во градот се реализирани со само 0,3 проценти.

За оваа иницијатива на делчевскиот градоначалник се обидовме да добиеме мислење и од раководството на штипскиот универзитет, но до затворање на весникот не успеавме да добиеме никого од најмладата високообразовна институција во државава.


#