„Сонце“ обвини дека неопределените биле заплашени и останале дома

Од коалицијата „Сонце“ не криеја дека се непријатно изненадени од резултатите

„Очигледно сценариото за заплашување на граѓаните имаше одредено влијание врз неопределените гласачи.Стравот од изборните инциденти го стори своето“, вака портпаролот на СДСМ, Емилијан Станковиќ, синоќа го објасни слабиот изборен резултат на „Сонце-коалиција за Европа“, но истовремено нагласи дека нивните противници - коалицијата „За подобра Македонија“ не ја оствари целта од 61 пратенички мандат заради која и ги распиша изборите.

Сепак, кај коалицијата „Сонце“ постои надеж за извесни изненадувања, пред се' од поголемите градови во државата, иако од тоа не можеше да се почувствува од атмосферата во Централниот изборен штаб на СДСМ каде што синоќа владееше нерасположение и целосен молк. Никој од носителите на изборните листи не се симна во прес-центарот, а одделни членови на опозицискиот СДСМ, кои добиваа информации на мобилните телефони, не криеја дека се непријатно изненадени од резултатите. Според нив, најкатастрофални се податоците дека ги изгубиле општините каде што СДСМ досега традиционално бил во водство. Неофицијално, се коментираат и чудните бројки на изборни резултати во некои села каде што на претходните парламентарни избори, на пример, вкупниот број на гласачи бил помал.

Излезноста беше многу поголема од онаа од пред две години, а според портпаролот на СДСМ, ова се должи на известувањата за инцидентите, меѓу кои беа и оружените престрелки со смртни последици, тешките ранувања, насилствата, заканите и киднапирањата и сите други сериозни нарушувања на изборниот процес по што излезноста нагло опадна.

Станковиќ им се заблагодари на сите членови на „Сонце-коалиција за Европа“ кои во многу сложени безбедносни услови ги издржале невидените притисоци од раководството на Министерството за внатрешни работи, не сакајќи да прецизира за какви притисоци станува збор. На првата средба со новинарите тој не сакаше да одговара на нивните прашања.

Незадоволството на партиските челници на коалицијата „Сонце“ беше повеќе од видливо. Обраќањето на лидерката на СДСМ, Радмила Шекеринска, кое беше најавено малку по 23 часот, беше одложено за подоцна,веројатно претходно за да се слушнат изјавите од противничкиот табор и да се одговори на нивните тврдења. (Б. Ј.)