За Ватикан не може, за Хунзите може

До први јули надлежноста околу сопственоста на земјиштето е кај централната власт, а Владата тврди дека не расправала за подарување

Билјана Јовановска

Кралското семејство на Хунзите од Пакистан, како што тргнала работата, многу лесно може да се распостели на 37.000 квадрати државно земјиште во Паљурци, што им го подари Општина Богданци. Ако на кралевите им се брза, тогаш ова барање ќе треба да им го реши некое од надлежните министерства, бидејќи до први јули надлежноста околу сопственоста на земјиштето е во рацете на централната власт.

Владата, пак, деновиве побрза најостро да ги демантира тврдењата, изнесени во одредени медиуми, дека ќе подарувала земјиште за изградба на кралска палата и хотели во општина Богданци. „Владата никогаш ниту расправала за донесување ваква одлука ниту, пак, има законска можност да го направи тоа“, се вели во владината реакција.

Доколку вакво нешто, сепак, се случи, тоа ќе биде школски пример како некој може и со државно земјиште да се поигрува како што сака. Бидејќи, сигурно, ниту еден жител на Македонија не успеал од државата да добие бесплатно земјиште од 50, а не од 37.000 квадрати!

Чија е идејата за населување на кралското семејство од Пакистан, кое се чувствува како наследници на Александар Велики, во моментот и не е најважно. Барателот - кралот Мир Газанфар Али Кан го доставил до општината Богданци преку својот застапник Марина Дојчиновска. Но, и покрај настојувањата на поединци во локалната власт да видат како изгледа еден кралски печат, на 28 април годинава добиле барање какво што веројатно веќе не поминува ни во месна заедница. Во 11 реда текст, во име на кралското семејство, на хартија без меморандум, без печат, па и судски доказ дека е правен застапник, Дојчиновска доставува барање во кое пишува: „Мир Газанфар Али Кан, Маргала Роуд – Хунза хаус Исламабад, Кралска резиденција Хунза. 

Ве молиме да не' планирате во Урбанистичкиот план населено место м.в. Болован, Паљурци, КО Богданци, за изградба на кралска резиденција и хотелско-угостителски комплекс на кралското семејство од Хунза со површина од 3 хектари. Важноста од овој потег најмногу би се отсликала во подобрување на врските што ги воспоставивме со народот Хунзи - Македонци од Хималаи, а во интерес на натамошно непречено комуницирање на културен, економски, македонистички план. Воспоставените врски ќе значат и можност за идни понатамошни заеднички проекти и од областа на туризмот, со што кралското семејство се занимава неколку години наназад“. И толку.

Советот на Општината веќе на 19 мај носи одлука за дополнување на Урбанистичкиот план, потпишана од градоначалникот Ристо Ичков од ВМРО-ДПМНЕ и на 27 мај таа веќе се најде и во општинскиот „Службен гласник“. Како што тврдат во Богданци, барањето го поддржале шестмина советници на ВМРО-ДПМНЕ и по еден од партијата Обединети за Македонија од Љубе Бошковски, од Социјалдемократската унија на Лазе Еленовски и еден независен, додека четворицата од СДСМ биле воздржани.

А дека работите со доделување државно земјиште не одат туку-така, потврдува случајот со овдешната Католичка црква, која токму во Паљурци цели осум години не успеа да ги добие деветте милиони квадрати земјиште, кое е сопственост на чесните сестри евхаристински, а за што имаат и тестамент и 30 тапии. Апостолскиот егзарх и скопски бискуг г. Киро Стојанов вели дека сега предметот е даден во Врховен суд, а доколку повторно добијат негативен одговор, за земјиштето во Паљурци ќе поведат постапка и пред Судот за човекови права во Стразбур. Во ова ја имаат поддршката на Ватикан, кој внимателно ги следи случувањата поврзани со Католичката црква во Македонија. Чашата е пред прелевање, бидејќи досега само добиваа ветувања, вклучително и од претседателот на државата Ѓорге Иванов, па не е исклучено државата Ватикан да ги преиспита односите со Република Македонија. Дотолку повеќе што ова не е единствениот проблем со кој се соочува овдешната Католичка црква.

Македонската православна црква, по обичај, молчи. Митрополитот Брегалнички Агатангел по камен-темелникот што го ставија католиците летоска во Паљурци, со надеж дека овој локалитет ќе го возобноват како свој духовен центар, побрза од власта да добие локација за црква. Меѓутоа, откако не му се допаднало местото, чека ново, а за барањето на Хунзите, не се огласи. А со оглед на фактот дека Хунзите се муслимани, логично е во близина на кралската резиденција да посакаат џамија, во која ќе ги извршуваат обредите.

Пред две години кога кралското семејство го разгледуваше комплексот „Св. Наум“ во Охрид, на располагање ги имаше, ни помалку ни повеќе - „мерцедесот“ и личниот возач на поглаварот Стефан! Тој за браќата од Хималаите во Соборниот храм во Скопје одржа специјална богослужба, а митрополитот Агатангел ги удостои и со пречек на аеродромот „Александар Велики“.

Како натаму ќе се одвиваат работите со барањето на кралот Газанфер од Пакистан, кај и да е, ќе излезе на виделина. Исто како што, веројатно, ќе се потврдат или ќе се демантираат тврдењата на богданчани дека во фамозното барање за 37.000 квадрати државно земјиште, вмешал прсти и македонскиот бизнисмен Владимир Ралев, кој, наводно, во Пакистан има големи плантажи на полиња со памук и одржува блиски релации со кралското семејство.

Во меѓувреме, богданчани различно го коментираат можното доселување на Хунзите. Додека едни на мајтап велат: „ајде, може ќе се измешаме со сината крв“, други на ова гледаат како на политички проект со сериозни импликации. Сепак, најактивни се советниците на Општина Богданци, кои многу сериозно ја сфатија работата и се дадоа во шиење костуми за да го пречекаат кралевичот. Но, посетата што требаше да се случи од 8 до 13 ноември е одложена, а кога ќе најдат нов термин во кралската агенда, се' уште не се обелоденува. (Б.Ј.)


#