На штипските факултети се запишуваат по два-тројца студенти

На Скопскиот универзитет најголем интерес за Правниот, Економскиот и за Медицинскиот факултет

Жаклина Хаџи-Зафирова

Турканици на првиот ден од уписите на државните и на приватните универзитети во земјава, кои ќе продолжат и во текот на денешниот ден. Државните и приватните универзитети вчера ја запишуваа првата генерација идни студенти кои нема да полагаат приемни испити, туку за бодување ќе им се сметаат поените од државната матура.

Куриозитет на овие уписи е неуспешниот старт на новите шест факултети во рамките на Штипскиот универзитет, а кои беа дел од владиниот проект за отворање 26 нови факултети. Податоците за овие факултети беа разочарувачки, бидејќи кај нив се запишуваа по двајца или тројца кандидати. Од Штипскиот универзитет велат дека е неизвесно дали новите факултети и понатаму ќе продолжат да егзистираат.

На некои универзитети вчера можеше да се слушне информација дека приемни испити ќе има, каков што беше случајот со насоката за англиски јазик на Филолошкиот факултет. Но, оваа информација вчера ја демантираа од факултетот. Како и да е, факултетите законски имаат можност да организираат тестирање ако се пријават повеќе кандидати со ист број поени.

На четирите државни универзитети за оваа академска година беа предвидени околу 19 илјади слободни места за нови студенти. На факултетите каде што ќе останат слободни места тие може да се пријават во вториот уписен рок, на 15 и 16 септември. По потреба, на универзитетите ќе има и трет уписен рок на 6 октомври.

"Државната матура не го намали бројот на кандидати", оцени министерот за образование и наука, Перо Стојановски, кој вчера го посети Природно-математичкиот факултет во Скопје за да се информира за интересот на кандидатите. "Интересот е голем и задоволителен и сметам дека државната матура не претставуваше отежнувачка околност за учениците што сакаат да го продолжат образованието. И универзитетите ги растоваривме од организирањето приемни испити, а на учениците им дозволивме полесен пристап до високото образование", изјави министерот Стојановски.

Скопскиот универзитет "Св. Кирил и Методиј" годинава има 8.950 слободни места, кои Владата годинава ги коригираше оставајќи повеќе слободни места за техничките, а помалку за општествените науки. Но, тоа не помогна многу да се стимулира интересот за техничките науки бидејќи, според упатените, вчера се пријавиле речиси ист број студенти како и лани. До вчера до 13 часот на Скопскиот универзитет се пријавиле 5.082 кандидати, а посебно голем интерес имало за Правниот, Економскиот, Медицинскиот и за групата англиски јазик на Филолошкиот факултет.

Вчера беше раздвижено во скопскиот универзитетски кампус. Средношколецот Мартин Кубелка ги поддаваше документите на насоката за археологија на Филозофскиот факултет, бидејќи отсекогаш го сакал тоа. "Верувам дека на овој отсек имаат добар кадар и дека факултетот е признат во странство. Државните имаат подобар квалитет од приватните, каде што се плаќаат оценките, бидејќи не може повеќе од два пати да се падне", ги објаснува тој причините зошто се запишал тука.

Вака размислува и Ива Кочовска, која се запиша на групата италијански јазик на Филолошкиот факултет во Скопје. Таа смета дека државните факултети нудат повеќе знаење од приватните.

На новите факултети на Штипскиот универзитет "Гоце Делчев" вчера имаше слаб интерес. Само двајца кандидати вчера се запишале на новоформираниот Технолошко-техничкиот факултет во Пробиштип. Слаб е и интересот на новите факултети, Машински во Виница и Електро-технички во Радовиш, каде што се пријавиле само тројца кандидати. Од Штипскиот универзитет велат дека ќе се преиспита одлуката за отворање на новите факултети поради слабиот интерес. Досега на Универзитетот се кандидирале 1.100 средношколци, а најголем интерес имало за информатичките науки.

Приватните се фалат дека уште на првиот уписен ден скоро ги пополниле местата. На ФОН велат дека од 2.000 слободни места се пополниле половина, колку што стандардно запишуваат секоја година. Кај нив има најголем интерес за Факултетот за детективи и безбедност.

Местата се скоро пополнети на Европскиот универзитет, каде што велат дека уште малку им недостига да ја пополнат квотата од 900 слободни места. На Штуловиот универзитет вчера беа пополнети 70 отсто од местата.