ИФИМЕС: „ВМРО-ДПМНЕ нема да составува влада“
Прогноза на Меѓународниот институт за блискоисточни и за балкански студии
Меѓународниот институт за блискоисточни и за балкански студии со седиште во Љубљана, ИФИМЕС, вчера објави анализа и изборна прогноза пред гласањето на 5 јуни во Македонија. Во опширната анализа се вели дека „во последните пет години по доаѓањето на власт на Никола Груевски нема напредок во евроатлантските интеграции“. Изборите се клучни за Македонија, се додава, бидејќи ќе го одредат правецот дали ќе се движи кон Европа или ќе се враќа кон антиката.
„Во првите десет дена од кампањата е видливо дека само владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат пари и дека трошат милиони државни пари за сопствена промоција. Агресивната кампања е знак за голема нервоза кај владејачката коалиција и таа е свесна дека ја губи основата под нозете и го употребува целиот расположив арсенал против опозицијата“, се вели во анализата.
За сторијата на А1 за гласање според списоци и под притисок се вели дека е скандал од огромни размери што во нормална држава ќе резултирало со оставка на Владата.
Во последните три години владеење на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ Албанците се мртва буква на хартија, вели ИФИМЕС и додава дека ВМРО-ДПМНЕ во 2008 година се плашела дека ДУИ ќе им ги загрози плановите при владеењето, но подоцна се покажало дека ДУИ е волк во јагнешка кожа. Прогнозите се дека Нова демократија на Имер Селмани нема да постигне важен резултат, а дека партијата на Руфи Османи се појавила предоцна за да ја загрози ДУИ, која и натаму ќе биде најсилен фактор кај Албанците.
Во однос на спорот за името ИФИМЕС вели дека во светот има многу региони што носат исто име, а им припаѓаат на различни држави, па не претставуваат безбедносна закана, како што стравува Грција од Македонија. „Се очекува Македонија да истрае во одбраната на своето уставно име Република Македонија, при што од исклучително значење е партнерството со САД и фактот дека повеќе од 100 држави ја признаа Македонија под уставно име“, се вели во анализата. Меѓународниот институт ИФИМЕС очекува ЕУ и САД да извршат дополнителен притисок врз Грција за брзо решавање на прашањето за името.
Аналитичарите оценуваат дека сегашната Влада е најслаба од прогласувањето независност, вели ИФИМЕС. „Меѓународниот институт ИФИМЕС смета дека новата влада во Македонија ќе ја состават повеќе македонски и албански партии, без учество на ВМРО-ДПМНЕ во неа“, се вели на крај. (П.Р.) |