Хилари не ја споменала Македонија во Брисел

Американската државна секретарка Хилари Клинтон не само што не дојде во Македонија туку на разговорите со шефицата на дипломатијата на ЕУ, Кетрин Ештон, не ја отворила нашата држава ни како тема. „Македонија воопшто не беше спомената во разговорите за Балканот“, изјавија од кабинетот на Ештон, дополнувајќи дека таа и Клинтон разговарале за дијалогот меѓу Белград и Приштина, за потребата да работат заеднички во БиХ и, генерално, како да се поттурне евроинтеграцијата на Балканот.

Посетата на Клинтон, според лондонски „Економист“, не донела никакви револуционерни пораки, па весникот прашува зошто воопшто доаѓала во регионот. Клинтон, според весникот, им порачала на Белград и на Приштина да седнат и да почнат да преговараат, а го критикувала лидерот на Србите во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, што работи на отцепување и распад на оваа држава. Неименуван дипломат за неделникот изјавил дека и натаму е неопходно да се врши притисок врз балканските политички лидери за да се договараат за регионот по неколку години одново да не се најде во вителот на нова војна. (Н.Р.)


#