Мислења
Мала, мала, мала... група
Петар Арсовски МАНУ и останатите кои ја водат пошироката „официјална“ политика за македонскиот идентитет се демистифицирани како дувло на неспособност, некомпетентност и антипатриотска политизација
Малечката Асемблеја на Наводно Учените (МАНУ), односно нашата автохтона „мала група“, деновиве целосно не' разголе. Таа врхушка на објективни научници посветени на потрага по вистината низ факти, таа колепка на прогресивното мислење и вистински вредности, со последниот енцикопедиски гаф и со последователната дебата го тргна килимот над неколку аспекти на македонскиот општествен дискурс. И нормално, од под килимот засмрде.
Прво, овие случувања покажаа дека меѓуетничките односи никако не се заздравени. Особено не кај етничките Македонци. Овој обид да се подметне едно вакво етноксенофобично толкување на македонската историја, дефинитивно, демистифицира дека етничкиот националистички комплекс е се' уште и тоа како присутен. Нервозните реакции на албанските центри на моќ само го засилуваат тој впечаток, кој збирно говори дека оставени самите на себеси, поверојатно е да се здавиме одошто да се здружиме.
Понатаму, целата рашомонијада доловува уште еден важен заклучок, а тоа е дека се' уште постои рецидив од национализмот кој пламна во 2001 година, вгнезден во некои официјални академски и државотворни кругови, кој смета дека суштински соживот со Албанците е невозможен. По тезата за размена на население и територии во 2001, МАНУ, со последниов дебакл дополнително го зацврснува овој заклучок. Исклучувањето на албанските научници од процесот на пишување, поставените тези, како и начинот на кој се промовираат, говорат дека оваа политика не е ставена ад акта, туку, напротив, се' уште витално се дебатира и се разгледува на највисоко ниво. Дополнително, евидентно е дека оваа појава е нормална последица на ширењето агресивен и ксенофобичен национализам, кој е спакуван во амбалажа на патриотски популизам, а се промовира низ медиумскиот и официјален дискурс веќе подолго време. Агресијата кон процесот за решавање на проблемот со името, самоуништувачките лапсуси од видот именување стадиони, аеродроми, автопати, заедно со една цела линија античко-бодречки реклами и новопроцесуирана историја, не можат, а да не се реперкуираат и на научниот дискурс поврзан со овие теми. Нормално, нашата „мала група елитни научници за широке народне масе“, побрзаа да застанат на чело на ваквиот долен, и во основа антипатриотски популизам. Кога можат сите, зошто не и тие?
Целиот галиматијас околу енциклопедијата покажува уште некои, подлабоки и посуштински проблеми. Првиот е очигледен: македонскиот национален идентитет губи со секој изминат ден. Напорите на владејачката елита да наметне ново толкување на нашите корени, проследено со интензивно препишување и антиквизација на нашето потекло, се во директна корелација со актуелната дебата „антички или словенски“. Како резултат на оваа дисонантна расправија, на македонскиот идентитет ’рбетот му е веќе скршен. Како аморфен мозаик, нашата национална свест се обидува да ги прими и процесуира сите тврдења за нашето потекло, без можност да ги одбие. Ова резултира со баналната констатација, која, за чудо, е блиску до актуелната дефиниција: ние сме античко-словенски, Гоцево-АСНОМ-ски Македонци, кои настанале приближно двесте милиони години пред да се појави првата амеба на Земјата. Само едно нешто е сигурно: ние сме помалку сигурни во сопствениот идентитет одошто пред да почнеме да го штитиме. Не знам како ќе најдеме заеднички јазик со Грција кога не можеме да најдеме заеднички јазик самите со себеси. Значи: „аман, немојте да не' браните“!
Можеби е најжално да се гледа анестетизирана реакција на овој гаф од страна на официјалниот социополитички дискурс. Со исклучок на неколку интелектуалци, општиот впечаток е дека оние кои се најповикани да ги бранат нашите демократски и научни вредности, односно политичките актери и научните установи, се огласија или грешно или немушто. Ова е уште пострашно ако имаме предвид дека капацитетот на нашето општество за развивање мултикултурна демократија не се огледа во спречувањето инциденти - будали имало и ќе има; туку во апсорпционата моќ на нашиот меѓуетнички дијалог тие инциденти да ги прими, да ги процесуира и од искуството да излезе посилен. Тука нашето граѓанско општество испитот го паѓа монументално. Од една страна, „официјалната“ политичка линија игра „ништо не знам“ сценарио: истите оние кои јавно ја промовираа енциклопедијата и ја фалеа како темелно дело на науката, сега или признаваат дека не го прочитале она што го пофалиле, или бегаат од прозивање и одговорност. Ова јасно покажува дека не се подготвени од дебаклот да научат. Од друга страна, многубројните научни институции, кокетирајќи со своите колеги од МАНУ, громогласно молчат. Најпоразителни се, сепак, реакциите на партиите, односно на оние кои претендираат да бидат гуруа на нашава мулти-култи, тути-фрути, државичка. Предвидливо и провидно, наместо да се фокусираат на проблемот, тие се настрвија еден на друг, односно наместо да понудат излез и решение, тие се занимаваат со тоа кој е виновен. Власта покажува со ова дека во основа е на иста линија со МАНУ, а опозицијата, наместо да понуди „решенија“, со однесувањето навестува дека, сепак, не е имуна на примитивниот популизам, кој се загна да го победува.
Ова е еден од најсуштинските проблеми на македонскиот политички дискурс, воопшто: партиите комуницираат самите со себе, а не со граѓаните. Граѓаните гледаат пинг-понг. Си мислам дека да не е ИРИ со нивните редовни анкети, поголемиот дел од партиите нема ни да знаат какво е мислењето на мнозинството граѓани за клучните национални приоритети, а за некоја посуштинска реформа на дискурсот не може сега да стане ни збор.
Сепак, на крајот, не можам да не помислам дека оваа „распаљотка“ делумно е добра, зашто ако ништо друго, дефинитивно, ќе ги демистифицира и МАНУ и останатите кои во моментот ја водат пошироката „официјална“ политика за македонскиот идентитет како дувло на неспособност, некомпетентност и антипатриотска политизација, сето засладено со енормна доза самобендисаност: „соба им је мала, ал је куќа велика!“
(Авторот е магистер по политичка
комуникологија) |