13.10.2011, 17:39 Македонија стана лош пример за регионот
Што го изнервира толку премиерот да го нападне лично еврокомесарот Штефан Филе?
Слободанка Јовановска
Приказната за големиот прогрес на Македонија не успеа да помине во Брисел. И да е сличен извештајот годинава на тој од лани (а не е бидејќи е полош), и да е позитивно тоа што третпат добивме препорака за преговори со ЕУ, тој официјализираше нова политичка реалност - дека две држави од регионот направија голем чекор, а нашата остана на истата позиција, па и заостана реално, бидејќи се нацрта нова евроинтеграциска карта на Балканот. Во недостиг на ЕУ амбасадор кој ќе ни биде виновен за тоа, премиерот Никола Груевски го искара еврокомесарот Штефан Филе бидејќи кажа дека во клучните области Македонија не направила којзнае какви реформи и, ако таквата состојба продолжи и натаму, можно е да се повлече препораката за преговори.Ова е првпат јавно и директно да се оспори извештај на Европската комисија за Македонија, иако на сите ни е јасно дека Брисел е екстремно педантен во забележувањето што е позитивно а што не е во реформскиот процес на земјата. Премиерот го обвини еврокомесарот дека пренагласено ја критикува Македонија, само со цел да направи притисок врз нас да се реши спорот за името на државата.Фалеше уште да каже дека Европската комисија е филијала на СДСМ, па да добие ново „браво„ во земјата од оние кои мислат дека Македонија не е доволно мала да се скара и со Европската унија.
Според премиерот, критиката на Штефан Филе била пренагласена во однос на судството, корупцијата и јавната администрација, проблемот со слободата на медиумите бил „наводен„, а критиката дека се половични реформите дошла во година кога, не со едно, туку со три срца сме ги спроведувале, откако претходните 17 години не ги спровел никој. Иако на премиерот, како и на сите во Македонија, не може да му се оспори правото да каже што мисли за извештајот, па и да го критикува, непродуктивно беше тоа да го прави на начин што ги загрозува позициите на земјата, која го избра да ја води напред а не да му лепи етикети на еврокомесарот за проширување на Европската унија. Односно критиката да не ја префрла на личен терен, па во стилот на кавгите со Ерван Фуере, Филип Рикер, Јелко Кацин и други европарламентарци да не качи едно ниво погоре во пресметката со тие на кои сме им дале право да не оценуваат, бидејќи сакаме да бидеме дел од ЕУ и НАТО. Дека кавгата нема тука да застане покажа вчера писмото на претседателот Ѓорѓи Иванов до претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, во кое се пожали на селективното почитување на стандардите на ОН во употребата на придавката „македонски„, нешто што го направи и лани а резултатот е уште полош. Годинава, имено, не само што не се спомена „македонски јазик„, туку не се спомена воопшто никаков јазик, па ни државен, кој лани беше предмет на силна критика од власта.
Реакциите на премиерот и на претседателот по извештајот на ЕК покажаа сепак дека двајцата добро ги сфатиле пораките, па побрзаа да им го сменат тонот. Дали им успеа, е друго прашање, особено по изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека извештајот е реален, па не сака да го коментира настапот на премиерот, бидејќи „ДУИ не прави површински туку содржински анализи на пораките што доаѓаат од Брисел„.Поблиску до земја беше и вицепремиерката Теута Арифи според која извештајот е тоа што ние го пишуваме за нас, т.е. нашата реалност, а датумот за преговорите како и изминатите две години е поврзан со решението за спорот со името. Таа повика на политичка волја во Македонија и во Грција и на малку помош од страна на Европската унија за да се реши спорот и Македонија побрзо да се вклучи во процесот, во време кога со новата реорганизација на Западниот Балкан други земји добиваат повисок статус во односите со ЕУ. „Како земја кандидат Македонија веќе чест години чека почеток на преговорите за членство. Поради оваа блокада, слободата на медиумите и владеењето на правото стануваат сериозно загрозени во земјата, а може да дојде и до одземање на препораката за преговори“, беше првата реакција на Јелко Кацин според кого на Црна Гора нема да и се повтори чекањето на Македонија и оваа земја станува нов предводник на евроинтеграцијата по влегувањето на Хрватска во ЕУ.Според Кацин испаѓа дека Македонија не само што заостанува туку станува и лош пример, па добро е што ЕУ најде друга земја да го влече овој процес на Балканот.
Што е тоа што, сепак, го изнервира толку премиерот, за да првпат му се обрати со ваков тон на еврокомесарот? Една од причините е желбата за дефокусирање на вниманието од губењето на чекорот со други земји во регионот, кое ја прави подалечна нашата евроинтеграција и ја тера јавноста да се запраша што ќе биде со Македонија ако остане закотвена со најпроблематичните држави во соседството. Втора причина е најавата на Брисел дека ќе и го одземе најсилниот популистички адут на Владата во создавањето алиби за невлегувањето во Унијата, спорот за името. Филе јасно најави на прес конференцијата дека и да се реши спорот со името реформите ќе бидат тие кои ќе ни пресудат натаму дали сме подготвени или не за преговори со ЕУ. Инфраструктура место споменици, медиумски слободи место притисоци, отчет место тајност на јавните трошоци, вистинска а не фингирана борба против корупција, јавна администрација а не владин сервис, почитување а не само носење закони и вистински преговори за името а не барање изговори - беше клучното барање на Европската комисија. Иако е легитимна реакцијата за спорењето на македонскиот јазик во извештајот на Европската комисија, прашање за нас е што успеа да постигне државниот врв оставајќи впечаток дека тој проблем го користи за да го сврти вниманието од критиките за реформите во земјата.Односно каква е таа политичка логика да презема потези кои на крајот ги чувствуваме на нашиот грб, и во однос на спорот за името, и во однос на јазикот и во однос на сега веќе највисокиот ешалон на функционери во ЕУ.
|