Тежок пат до сопственост
Стан под кирија или цел живот кредити
Работниот век поминува под стрес да се плаќаат ратите, но сатисфакцијата е што станот ќе остане во ваши раце
Соња Маџовска
Што е поисплатливо - да се купи стан на кредит или да се живее под кирија. Велат, кешот е закон, ама кај нас се ретки оние што можат да си го дозволат тоа задоволство, односно да купат стан во готово и да спијат мирно, без стресови секој први во месецот кога треба да се исплати ратата.
Македонските граѓани, главно, живеат на кредит. Дебел минус на дебитните, а уште поголем е оној на кредитните картички, кола на кредит, ама кредитот за стан е убедливо најстрашен. Сепак, и покрај стресот, 90 отсто од становите се купуваат на кредит.
„Подобро е да купам стан на кредит со висока камата и да го отплаќам и 30 години, ама барем знам дека еден ден тој ќе биде мој отколку да плаќам кирија. Така парите ќе одат во ветер, а и по 30 години плаќање месечна кирија во просек од по 200 евра, на крајот пак ќе немам ништо свое“, вели еден скопјанец. Како него размислуваат најголемиот број од нашите граѓани, кои заглавуваат со кредити до гуша за да имаат свој покрив над глава.
Решавањето на станбеното прашање е еден од најтешките проблеми, особено за младите брачни двојки. Секој сака да дојде до свој покрив над глава, но прашањето е што е наједноставно и најисплатливо. Младите најчесто се решаваат да купат стан на кредит, но само доколку им помогнат родителите со пари за учество, па останатото го плаќаат сами од нивните скромни плати.
Според пресметките што ни ги дадоа банките и Агенциите за недвижности, најмногу се бараат станови до 60 квадратни метри, по цена од 1.000 евра за квадрат, за кој треба да се платат вкупно 60.000 евра. Банкарите велат дека во овој случај најисплатлива варијанта е пола-пола, односно 30.000 евра да се платат во кеш, а за 30.000 евра да се земе кредит. Од Стопанска банка, каде што речиси секој втор има земено станбен кредит, велат дека најчесто станбените кредити се земаат со учество, бидејќи ретко некој е до толку кредитоспособен за да земе кредит за целиот износ на чинење на станот. Во оваа банка ни направија пресметка за купување стан, кој чини 60.000 евра, со учество од 20.000 евра, а кредит од 40.000 евра. Номиналната годишна каматна стапка е 6,5 отсто фиксна за првата година, а е променлива за останатиот период, но во моментов е 7,4 отсто. Ако отплатата е на 30 години, месечната рата во првата година ќе изнесува 252 евра, а потоа 277 евра во следните 29 години со сегашното ниво на камати. Вкупните потребни месечни примања на кредитобарателот и кокредитобарателите треба да изнесуваат 903 евра, или 55.531 денари.
За 30 години, за кредитот од 40.000 евра, клиентот ќе и' плати на банката 99.420 евра. Но, ако се земе и учеството од 20.000 евра, тогаш овој стан чини вкупно 119.420 евра.
Искуството на Агенциите за недвижности потврдува дека оние што имаат пари за учество, околу 30 отсто од цената на станот, и се кредитоспособни најчесто се решаваат да купат стан, додека оние што немаат ниту пари за учество ниту се кредитспособни, немаат друг избор освен да одат под кирија.
Месечната кирија за истиот стан од 60 квадрати чини 200 евра доколку станот е ненаместен. За овој стан кираџијата за 30 години ќе плати вкупно 72.000 евра доколку во меѓувреме не се зголемат кириите.
Според овие наши пресметки, излегува дека разликата меѓу купен и изнајмен стан е 47.420 евра, односно толку ќе платите помалку ако 30 години живеете под кирија, наместо да купите стан на кредит што би го плаќале, исто така, 30 години. Но, да нема забуни, станот под кирија ќе му остане на газдата, кој добро се збогатил од вашите пари, а оној што вие ќе си го купите, останува ваш или на вашите деца.
Од Агенциите за недвижности велат дека оној што има пари купува, а оној што нема живее под кирија. „При купувањето или изнајмувањето стан влијаат повеќе фактори. Локацијата, дали зградата е нова или стара. При изнајмување, на пример, важно е и дали станот е наместен и со каков мебел или е празен. За 60 квадратни метри стан кириите се движат меѓу 200 и 350 евра. Празен стан може да се најде и за 150 евра. Додека при купување нов стан, најважно е дали клиентот има 30 отсто да даде учество од цената на чинење и дали е кредитоспособен за останатиот дел од доплатата“, објаснуваат од Агенцијата за недвижности „Асторија“, додавајќи дека најбарани се малите станови.
Оттаму велат дека во овој период, сепак, повеќе се бараат станови за изнајмување, додека за продажбата интересот е помал.
Македонските граѓани велат дека повеќе би оделе на варијантата на купување стан отколку под кирија, но проблем се каматите. Тие постојано се жалат дека кај нас каматите се превисоки и затоа отплатата е долга и стресна.
Каматите за станбените кредити во домашните банки се движат околу 8 отсто, во Словенија тие се движат околу 4 проценти, во Хрватска до 7 проценти, во Германија малку над 3 отсто. Повисоки камати од нас имаат Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. (С.М.)
Цената на становите се зголемила за 50 отсто Истражувањето на Народна банка на Македонија покажа дека вредноста на становите во Македонија од 2000 до 2007 година пораснала за безмалку 50 отсто. Оваа анализа за првпат во Македонија дава индекс на цените на становите, според кој можат да се издвојат неколку тренда во движењето на нивната цена во периодот 2000-2007 година. Имено, во земјава има нагли промени на цената и на рентите, кои најмногу зависат од понудата и од побарувачката на станови. „Периодот од 2000 до крајот на 2003 година се карактеризира со силен пораст на цената, во просек од околу 10 отсто годишно. Во овој период становите поскапеле за околу 46 отсто. Исклучок од генералниот тренд за овој период претставува 2001 година кога цената бележи стагнација. Во периодот од 2004 година до крајот на 2006 година, цената на становите, главно, стагнира, со благ надолен тренд, при што тие на крајот од 2006 година биле поевтини за околу 9 отсто од крајот на 2003 година“, се вели во анализата на НБМ. Анализата покажува дека во 2007 година цената повторно забележала силен пораст, така што на крајот од годината, во однос на крајот на 2006 година, тие биле поскапи за околу 11 отсто. (Ек.Р.)
|