Мислења

Младите ќе експлодираат

Ивор Мицковски

Овде системот е загаден од корен и мора да се менува од корен

Францускиот филозоф, Жил Делуз ја опишува секоја личност како „мал пакет полн со моќ“ и дека од таа моќ потекнува и нејзината етика. Трагедијата со нашата власт и со лошата политика е што мислат дека и таа моќ им припаѓа ним. Инаку, власта е убедена дека моќта не е дистрибуирана во мали пакети. Така, сакаат двојно да не ограбат - и од нашата моќ и од нашите права и одговорности. Тоа што ми се допадна во овие протести е што и покрај огромните недостатоци, тие, сепак, се ерупција на нешто ново, навестување за иднината. Тие се најдобриот пример за тоа како дел од граѓаните, во нашиот случај, младите, си го бараат назад пакетот со моќ. Овие протести се еден нов почеток, нашите млади почнаа нешто, а сега сите ние треба да ги следиме и да им помогнеме. Ова што се случува, дури и да не успее, има иден потенцијал. Токму затоа, не смее да се потцени и треба да се прифати, а не да се игнорира или да се остави да помине како случаен инцидент.

Ова се денови на граѓаните кои со својот протест и преку активизмот на социјалните мрежи покажаа дека знаат да кажат - Не. Сепак, моја основна забелешка беше и останува дека тоа не е доволно. Тоа „Не“, не може да остане апстрактно или парцијално, туку мора да се конкретизира и да се објективизира. И тоа не може да се постигне со некакви 11 барања, од кои некои се генерични покани за почитување на човековите права, со петиции и слични ограничени потези. Што вредат 11 јасни барања, кога сите се насочени кон една иста работа – против полициската бруталност. Тоа, според мене, е во ред, но ако ја земеме пошироката слика, е целосна утка. Не може да се протестира само против полициската бруталност. Не може тоа да биде единствениот мотив, ниту пак е најважниот. Постојат милион причини за протест. Мене ми е кристално јасно дека врската помеѓу причините и поводот за овој протест се тесно врзани. Подеднакво ми е јасно дека не може секој протест да биде насочен кон многубројните причини, затоа што понекогаш треба да се тргне од посебното, за да се дојде до општото. Но, не сум сигурен дали состојбите во нашата земја го дозволуваат тоа. Затоа, едно од основните прашања кое треба да си го постават оние кои протестираат е дали тие сакаат да менуваат нешто во рамките на овој систем на власт или, пак, сакаат да го сменат самиот систем на оваа власт.

Што вреди ако протестираме против полицијата и што вреди дури и ако формално се воведат некои реформи, кога тие ќе останат само на хартија. Овде системот е загаден од корен и мора да се менува од корен. Што вреди каква било делумна реформа во земја во која не постои независно судство, каде нема почитување на личните слободи, каде власта не ги почитува граѓаните и останатите чинители во општеството. Зарем некој и понатаму верува во институциите на системот? Или уште повеќе, зарем не го препознаваме лицемерството кога партијата на власт ги поканува институциите да дејствуваат.

Не знам дали забележавте, но протестите продолжија со прифаќање на почетната хипокризија на власта. Младите, свесно или несвесно, се согласија со тезата на Груевски, да не се политизираат протестите. Мислам дека некои од нив брзо сфатија колку се изиграни, колку време и енергија изгубија на ескивирање, наместо на дејствување. Токму затоа, сметам дека ваквите движења колку што сакаат да се држат настрана од партиите, не смеат да се држат надвор од политиката. Не смее да се држат настрана или да ги туркаат од себе сите останати сили во општеството кои се борат за промени. Не може да се бега и од останатите милион причини за протест. И не ги прифаќам тезите дека едни ќе протестираат за демократија, други за транспарентност, трети за подобар живот. Не ја разбирам таа парцијалност кога сите сме во иста каша. Треба сите ние да протестираме за се она што не чини во оваа држава. Само обединети и со промена на се, може да се промени нешто, додека, поделени и со промена на само едно нешто (што нема да се случи), нема да смениме апсолутно ништо.

Демократија, меѓу другото, значи сите да имаме право на избор, на различно мислење, на различен вид на протест и тоа слободно да го искажуваме. Но, демократија која вистински функционира, значи да се има граѓани кои и покрај сите различни мислења, ќе имаат заеднички, споделиви и обединувачки политички ставови за својата земја, за нашата заедничка состојба и иднина. Мора да разбереме дека доаѓа времето и потребата од една мрежна политика, базирана врз движења, насочена повеќе кон граѓанинот, отколку кон потчинување на масите. Граѓаните стануваат се посвесни и се побесни. Тие веќе добро знаат како да ги ескивираат политички сервилните или припитомени медиуми. Добро знаат што треба од весниците да изберат, а што да игнорираат. На тој начин, доаѓа времето на младите граѓани кои постепено стануваат свесни дека треба да направат една генерациска субверзија, пред се преку социјалните мрежи, преку разно-разни движења и протести. Навиките се побрзо се менуваат и младите ќе бидат новите опинион-мејкери во рамките на семејството. Ова е неверојатен резервоар, една заробена и можеби се уште примордијална енергија, но енергија која ќе станува се посилна, се посвесна, се повеќе функционална.

Оставена сама на себе, оваа сила нема да биде целосно искористена и ќе имплодира или неконтролирано ќе експлодира. Затоа е потребно да се најде начин и да им се помогне на младите, но и тие да разберат дека им е потребна помош. Од оваа власт тоа не може да го очекуваме. Впрочем, таа докажа дека е најголемиот манипулатор, кој безобразно ги злоупотребува младите. Власта гледа непријатели насекаде, суштински е деструктивна и регресивна. Младите ниту се, ниту пак можат да се идентификуваат со политиките на власта.

Ова ново движење стигна до точката од која нема враќање. И не зборувам за замислените лидери или за некои од луѓето кои денес протестираат. Зборувам за емоцијата, за внатрешниот порив, за немирот што голем број млади луѓе го искажаа, а уште повеќе чекаат да го искажат. Доживуваме иднина, а таа иднина можеме да ја наречеме почеток на крајот на индиферентноста. Граѓаните, особено оние младите, но не само тие, се помалку ќе стојат на дистанца од тоа што се нарекува „res pubblica“, од одлуките кои сите не засегаат, од социјалните прашања, од злоупотребите и од причините за протест. Тоа што до вчера беше задача за една мала, авангардна група, од утре ќе стане една нормалност придвижена од повеќето. Тие што до вчера беа незаинтересирани, па дури и оние кои држеа или се уште држат една прагматична еквидистанца, во иднина ќе се активираат. Наречете ме наивен, но замислувам дека и кај нас ќе превладее свеста дека човечката волја и глас нема да можат да се купат за евтини пари, дека гледиштата на луѓето нема да се замаглуваат со скапи маркетиншки трикови. Граѓаните бараат одговори, ќе бараат да бидат убедени, ќе сакаат да одлучуваат. Ако тоа се постигне, ете револуција за нашата земја. Не насилна, не револуција на масите, туку револуција на човекот, оној кој знае да зборува со другиот. Ова е неизбежно, бидејќи се враќа потребата кај луѓето за обединување, за партиципација, за солидарност и правила, со еден збор, се враќа потребата за нормалност.

(Авторот е аналитичар)


#