Ужасна убавина се раѓа

Живко Богоевски, Прилеп

Јејтс, славниот ирски поет запишал: „Многу долго жртвување може да создаде камен во срцето”. Тие зборови зачудувачки точно ја отсликуваат нашата реалност. Сите во градите имаме скаменето срце од долгите жртвувања низ транзицијата, градењето на државата, нацијата и националната гордост, копнеењето по европска почит и респект, сонување за достоинствен живот, мир, благосостојба и среќа. По сите овие долги години ветувања, откажувања и саможртвувања, во име на остварувањето на спомнатите соништа, што низ вековите ги сонувале безброј генерации наши дедовци и прапрадедовци, кога го видовме плодот, „Розмариното бебе”, што се роди и распосла низ нашите простори, во градите ни зачука камено срце, кое со силните удари на ладна бесчувствителност, со секој удар ни ја крши градната коска и ни го одзема здивот, а ние стоиме онемени и скаменети, како магепсани, гледајќи го плодот на нашата мака и жртвување.

Не, тоа не беше нашиот сон и престанете да не' лажете, вие измеќари на лагата и вечни сопатници на манипулациите, нечесноста и сејачи на магла. Погледнете од своите возила и канцеларии, можете ли да ги забележите празнините во очите, кои немаат никаква надеж, гладните и испукани усни, на кои единствена надеж им се контејнерите или питачењето, мајчините солзи по младоста која ни бега во неповрат, родителската грижа за судбината на децата без иднина и перспектива. Дали можете да видете насмевка, освен на своите гала-приеми, дали можете да слушнете спонтана песна на нивите и полињата. А како можете да видете насмевка и да слушнете песна од лица ограбени, обесправени и заробени во вечна лага, без иднина и сон за подобро утре? Дали мислите дека со фонтани, камени коњаници, нови храмови и лажни приказни и молитви ќе им помогнете да не чувствуваат глад, ќе им го вратите сјајот и вербата во нивните очи, ќе им го откамените срцето и ќе им продадете нов привремен лажен сон? А вие ќе продолжете да живеете како „бубрег во лој“, во неморал, лага и подлост? Еден народ може да го излажеш еднаш, можеш да го излажеш два-три пати, но не можете да го лажете вечно. И ќе завршам со големиот Јејтс: „A teribble beats is born“.