Како не ви е срам да ги замолчувате студентите?

Методиjа Таневски

Се' почна со она „Знаењето е сила, знаењето е моќ“. Но, се прашувам дали образование се стекнува со вака поставени услови во високото образование? Што навистина направи оваа Влада во изминатиот период? Одговорот е дека политиките на оваа Влада единствено водат кон разорување и уништување на образованието и образовниот систем, генерално.

Во изминатиов период сме сведоци како и на кој  начин оваа Влада ги замолчува студентите додека тие си ги бараат своите права. Владата и натаму продолжува со својот старо/нов негативно примитивен пристап. А, што е најтрагично, тој примитивизам е уште понагласен. Денес, студентите се доведени во таква ситуација да не можат да се изборат за своите уставни права. Денес, студентите се плашат дали некој ќе им забележи, се плашат да ризикуваат па случајно да не поминат на испит, да не добијат работа. Се плашат да побараат подобрување на очајниот студентски стандард, обновување на студентските медиуми како средство за автентично изразување на гласот на студентите...

Едноставно, во Република Македонија студентите се плашат да го побараат она што им припаѓа. Но, како сето тоа да се спречи или барем на некој начин да се ублажи? Во сите нормални држави зад барањата и интересите на студентите, односно оној што ги застапува е ССУКМ (Сојуз на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“). Но, се разбира, тоа не е случај во Република Македонија. И како би било кога кај нас се' функционира според паролата „Преродба во 100 чекори“.

Дали меѓу многубројните студенти немаше поспособен лидер од актуелниот лидер Иван Живковски? Или неговиот квалитет е тоа што е еден од најекспонираните млади лица на ВМРО ДПМНЕ?! 

Се прашувам дали сите овие причини ќе ги наведат студентите да го направат она најбитното?! А, тоа е, и покрај сите притисоци и закани што ги имаат, храбро да се борат за достоинствен живот, да даваат отпор и сила кон силите што ги обесправуваат, да живеат за идеите и идеализмот и да ја движат енергијата во вистинската насока.


#