Ќе станат ли барањата на Атина заклучоци на ЕУ?
Грција бара во заклучоците да влезе дека реформите во земјава не се постојани
Тамара Грнчароска
Министрите за надворешни работи на ЕУ, конечно, денеска ќе го усогласуваат заклучокот за Македонија, кој треба да биде усвоен на самитот на ЕУ. Дискусијата за Македонија се одложуваше од минатата недела поради неусогласеност, пред се', поради притисокот што го врши Грција во него да влезат заклучоци кои таа ги бара - дека спроведувањето на реформите во Македонија не се постојани и Советот да не поставува рок кога повторно ќе го отвора прашањето за Македонија.
Она што се дознава од Брисел е дека се прави нова верзија на текстот во кој во основа ќе биде наведено дека ЕУ е задоволна од прогресот на реформите, но со изразување на незадоволството дека тие се прават со непостојано темпо, повикувајќи се на извештајот од ЕК. Спорниот момент е дали Грција ќе успее да издејствува Унијата да не се навраќа на прашањето за Македонија на следниот самит, кога претседавач ќе биде Унгарија, туку да се даде безвременска рамка за тоа.
Доколку заклучокот ги содржи овие одредби, ќе значи дека недавањето датум за старт на преговорите со Македонија ЕУ го прави поради непостојаноста на реформскиот процес во земјава, а не само поради нерешениот спор околу името со Грција, т.е. неможноста да се обезбеди консензус во ЕУ да ни се даде датум за преговори. Министрите денеска ќе решат и дали да ја послушаат Атина, политичкиот став на ЕУ за изнаоѓање решение за спорот за името да се вметне како заклучок во документот, со што тој ќе се формализира во конкретен услов за земјава.
Ден пред расправата на министрите за Македонија, од Словенија пристигна одговорот на писмото на македонскиот шеф на дипломатијата, Антонио Милошоски, со кое тој бараше поединечно од секој свој колега Советот на ЕУ годинава да ни одреди датум за преговори. Во одговорот на словенечкиот министер Самиел Жбогар се наведува дека „што се однесува до пакетот за проширување во 2011 година, особено сум задоволен што ЕК ја повтори препораката до Советот за почеток на преговори“. „Знаеме дека препораката е повторена врз основа на постигнатите реформи и поради тоа сме подготвени да ја поддржиме одлуката на Советот за давање датум за почеток на пристапните преговори“, наведува Жбогар. Сепак, словенечкиот шеф на дипломатијата не испушта да потенцира дека во насока на продолжување на реформите за бенефит на граѓаните „изразува искрена надеж за изнаоѓање решение во врска со прашањето за името со Грција“. Од писмото на Жбогар до Милошоски не може да се насети во која насока ќе се движи дискусијата околу Македонија, но, сепак, се покажува промена на решението и од нашите најголеми поддржувачи во ЕУ, како што се Словенците, кои ако досега „се заложуваа Македонија да добие датум“, сега реториката ја модифицираа во „поддршка на одлуката на Советот за датум за Македонија“. Преведено од дипломатскиот речник, Македонија по малку ги губи земјите кои до скоро беа подготвени да стават рака во оган за неа.
И додека министрите за надворешни работи на ЕУ го финишираат заклучокот за Македонија, кој може да биде и пресвртница во досегашните ставови и заклучоци на ЕУ за пристапувањето на земјава, министерот Антонио Милошоски вчера отпатува во официјална посета на Андора, една од најневлијателните држави во Европа. Во соопштението од МНР за посетата на Милошоски се наведува дека со неа се остварува прва официјална посета на Андора од министер за надворешни работи на Македонија и таа „го одразува интересот и подготвеноста на нашата земја за натамошно развивање на билатералните односи и соработката со оваа земја“.
|