„ОПЕРАЦИЈА ТРИУМФ“

Александар спасен со СМС, но со критики од жирито
Пред истекот на последниот месец од годината, музичкото реално шоу „Операција триумф“ го делат уште три недели до крајот, со што конечно ќе се дознае кој од преостанатите кандидати ќе се стекне со титулата нова балканска ѕвезда.
Од номинираните студенти Никола Сариќ и Вукашин Брајовиќ, помалку гласови доби Никола, со што за него заврши натпреварувачкиот дел од шоуто, но членовите на жирито му предвидоа блескава рок-кариера, форсирајќи ја идејата да го видат како дел од групата што е планирано да се формира понатаму.
Иако според СМС-гласовите фаворит се' уште е Македонецот Александар Белов, тој веројатно ја имаше својата најлоша вечер во реалното шоу.
Најпрво се претстави во дует со босанскиот претставник Аднан Бабаиќ со темата од „Бијело дугме“ - „Има нека тајна веза“, а потоа соло ја изведе песната на легендарниот Тоше Проески „Тајно моја“.
При прогласувањето на резултатите жирито не ги штедеше зборовите на критика за сметка на неговата интерпретација, недостигот од мотивација и она што најмногу изненади - слабата интонација.
Двајцата членови на жирито Исмета Крвавац и Тончи Хулиќ беа согласни дека доколку не беше фаворит, Александар ќе ја добиеше својата прва номинација.
Сакајќи да експериментира, жирито ја повтори уште еднаш номинацијата на трите преостанати девојки во куќата, вклучувајќи го и Вукашин.
На таквата одлука негативно реагираше директорот на Академијата, Саша Драгиќ, кој по трет пат ја спаси Ана Бебиќ од Хрватска, со коментарот дека кога може публиката постојано да гласа за Александар, тогаш Ана оди понатаму.
За промена, студентите од куќата ја спасија Нина Петковиќ, иако се очекуваше таа привилегија да ја добие Соња Бакиќ, која остана номинирана за идната недела, заедно со Вукашин.
Од специјалните гости, присутни беа Каролина Гочева, која настапи во дует со Нина пеејќи ја песната „Мојот свет“, а потоа беше дел од женското трио што ја изведе песната од саундтракот за филмот „Мулен руж“, и Петар Грашо кој заедно со Даниел Павловиќ ја изведе песната „Уторак“, додека со Аднан Бабаиќ - „Веру од сувог злата“. (И.С.) |