Ме тепа, ме малтретира. .. ама мое чедо е

Родителите кријат за ќотекот што го добиваат од своите деца

Горан Адамовски


СОС за деца и младинци, Центар за женски права, Превенција од трговија со жени, СОС-телефон за жени и деца-жртви на семејно насилство, СОС-линија за помош на дрога, СОС бесплатна правна служба за деца и младинци... Во земјава можете да најдете телефонски линии за да побарате помош за различни проблеми, ама нема спас за родителите што се жртви на своите деца. Откако ќе го надминат срамот и ќе се одлучат да побараат помош од родените чеда, имаат две алтернативи: да пријават во полиција или да се пожалат во Центарот за социјални работи.

Злоупотребата врз родителите, кои најчесто вклучуваат ќотек, психичко насилство, изгладнување, во земјава е табу-тема, за која не сакаат да говорат ниту жртвите на овој вид насилство во семејството.

Насилничкото однесување на децата врз родителите неретко завршува и трагично, а тоа го покажува и неодамнешното убиство во дојранското село Николиќ, кога синот алкохоличар ги уби татка си и мајка си.

„Станува збор за менталитет, па неретко се случува родителот, кој е жртва на своето дете, да се јави на телефон и да побара помош за него, а не за себе“, вели Ана Панчева, социјален работник.

Во Центарот за социјални работи во Скопје месечно примаат по пет поплаки од родители што трпат психичко насилство, односно навреди, закани и понижувања и физичко насилство од своите деца. Во голем дел од нив, родителите имаат потреба само да се пожалат и информативно да слушнат што можат да преземат.

„Се' зависи од случај до случај. Неретко се случува родителите да се премислат од страв нивните деца да не дознаат дека тие ги пријавиле. Во такви случаи се обидуваме да ги смириме, да ги вразумиме, а на крајот, им велиме дека, ете, пријавата не била од нив, туку од пријатели, соседи“, вели Панчева. Родителите се особено чувствителни кога меѓу решенијата им се нуди и помош од полицијата.

А Центарот реагира на разни начини. Најчесто се прави напор да се стапи во контакт со насилникот. Прво се праќа писмена покана, па ако не се отповика, се оди на домашна адреса, а на крајот може и да се побара помош од полицијата. „При средбата му објаснуваме кои се последиците ако продолжи да ги малтретира родителите“, објаснуваат во ЦСР.

Според нивното искуство, децата-насилници најчесто се зависници од дрога или алкохол или, пак, имаат психички проблеми. Во такви случаи се контактира со матичниот лекар, се следи целокупната историја. Доколку социјалните работници забележат модринки или други видливи повреди кај родителите, предизвикани од нивните насилни деца, тогаш се алармира полицијата. И обратно, полицијата редовно бара помош од Центарот.

„Што да правам. Нон-стоп ме тепа, ме малтретира, ми бара пари, а знам дека му требаат за дрога. Пробавме да го излекуваме - не одеше. Никој дома не работи, живееме од социјална помош. Има 27 години, му викам да оди да работи, ама пуста дрога. Кога е во криза, продава работи од дома: телевизор, фрижидер. Еднаш се пожалив до полиција, ама потоа се премислив. Мое чедо е, не можам против него, ама, пак, не можам ниту да трпам повеќе. Не знам што да правам“, се јадосува една средовечна жена.

Поради неподготвеноста на родителите што трпат ваков вид насилство да зборуваат за своите семејни проблеми, но и поради неефикасноста на надлежните органи вистински да помогнат во случаите со злоупотреба, нема ни целосни податоци колку оваа појава е застапена во нашето општество.

Изминативе две-три години земјава се шокира од серијата убиства, во кои децата им пресудуваат на сопствените родители. Кире Терзиев (36) од дојранското село Николиќ пред две недели ги застрела своите родители Мито и Тана Терзиеви. Причини, како што што неофицијално се зборуваше, било тоа што родителите го укориле дека многу пие. Деветнаесетгодишниот Ѓорѓи Танев од Скопје беше префрлен во Психијатриската болница во Бардовци, откако кај него беше дијагностицирана тешка психичка болест. Нему му се судеше поради убиство на татка си 48-годишниот Благоја Танев што го изврши во семејниот дом во населбата Драчево. Момчето со 13 убоди од нож го уби својот родител, по што се истуширал и ги скрил крвавите алишта. Како што се правдаше момчето, тој со татка си честопати се расправал и се мразел.

Спасе Митрески (48) од охридско Слатино со камен ја усмрти својата мајка. Во гостиварското село Форино, 25-годишно момче, зависник од дрога, го уби татка си и побегна.

Искуствата од регионот велат дека меѓу најчестите причини за овој вид насилство на големо предничат нерешените имотноправни односи. Се случува потомците вербално, психички, економски, но и физички да ги „уверуваат“ своите родители при делбата на личниот имот. Освен тоа, многу влијаат тешките социоекономски прилики, злоупотребата на алкохолот и на опојните дроги, општествената деградација и изолација.

Според психолозите, семејните односи, исполнети со агресија и со насилство, отфрлање, студенило и занемарување на децата, како и тешката семејна психопатологија, се погодна средина за распламтување на разурнувачките стремежи.

Насилството во пораст

Период: Јануари - септември 2010 година
убиства: 5 (во 4 случаи извршителот е син, а во еден ќерка)
семејно насилство: 82 (74 синови, осум ќерки)
телесна повреда: 43 (37 синови, шест ќерки)
загрозување на сигурноста: 30 (28 синови, две ќерки)
присилба: 6 (сите сторители се синови)
тешка телесна повреда: 3 (сите сторители се синови)



Период: Јануари - септември 2009 година
убиства: 4 (сите сторители се синови)
семејно насилство: 53 (50 сина, три ќерки)
телесна повреда: 34 (33 сина, една ќерка)
загрозување на сигурноста: 16 (сите сторители се синови)
присилба: 2 (сите сторители се ќерки)
тешка телесна повреда: 1 (сторителот е син)

Извор: МВР

„Неретко се случува родителите да се премислат од страв нивните деца да не дознаат дека тие ги пријавиле.

Во такви случаи се обидуваме да ги смириме, да ги вразумиме, а на крајот, им велиме дека, ете, пријавата не била од нив, туку од пријатели, соседи“, вели Ана Панчева, социјален работник. Родителите се особено чувствителни кога меѓу решенијата им се нуди и помош од полицијата.

Годинава пет деца убија родители

Според податоците на МВР, во првите девет месеци годинава во земјава биле регистрирани пет убиства, во кои жртви биле родителите.

„Во четири случаи, убиствата се извршени од синовите, а жртви се двајца татковци и две мајки. Во еден случај, убиството е извршено од ќерка, која при семејна расправија ја усмртила мајка си“, велат од МВР. Податоците на полицијата покажуваат дека во истиот период лани биле регистрирани четири убиства. Во сите случаи, сторителите биле синови, а жртви биле мајките (три случаи) и еднаш таткото.

Според МВР, од јануари до септември годинава биле регистрирани 82 кривични дела извршени при семејно насилство, во кои 74 синови и 8 ќерки ги нападнале родителите.


#