31.07.2012, 20:24 Лепавцов и Еленовски - амбасадори на квадрат
Расфрлањето во дипломатијата почна да зема данок. По преамбициозното отворање на нови амбасади
Слободанка Јовановска
Расфрлањето во дипломатијата почна да зема данок. По преамбициозното отворање на нови амбасади, со што бројката на наши преставништва стигна и до педесет, сега се најавува обратен процес. Прва жртва ќе биде амбасадата на Македонија во Белгија која, заради рационалност и штедење, комплетно ќе се пресели во нашата мисија при Европската унија во Брисел. Тоа значи дека амбасадорите Андреј Лепавцов и новоименуваниот Лазар Еленовски ќе работат во исти простории и ќе си „дишат во врат“, но барем нема да се трошат дополнителни средства за изјнајмување на зградата за амбасада, бидејќи таа во која сега е мисијата при ЕУ е сопственост на Македонија. Спојувањето на амбасадите се планира за 1 октомври и, знаејќи колку пари има во касата на Министерството за надворешни работи во моментов, малку е веројатно дека оваа најава нема да се случи. Во прилог на тоа е и последното намалување на бројот на нашите дипломати делегирани во Брисел во двете амбасади, вклучувајќи ја и мисијата при ЕУ која важеше за најбитна и најбројна, поради желбата Македонија подготвено да ја дочека одлуката за почеток на преговори за членство во Унијата. Иако таква одлука благонадежно се навестува од Брисел во декември, бројот на дипломати е значајно редуциран во Брисел.
Според пресметките во МНР, ваквото спојување ќе донесе заштеда од 15.000 евра месечно или 50.000 евра годишно. Инаку и досега трите амбасади (со мисијата во НАТО) на Македонија во белгиската престолнина ги делеа ресурсите, а пред се возилата и на ист трошок ги подготвуваа приемите за националните празници и други поводи. Македонија практично ќе добие амбасада на квадрат и во неа ќе има амбасадор од ВМРО-ДПМНЕ и амбасадор предложен од ДУИ, кој самиот пред два дена јавно порача дека тој и натаму е социјалдемократ. Патем, Македонија на почетокот на државноста имаше еден амбасадор (Јован Теговски) кој ја претставуваше земјата и во НАТО и во ЕУ, а ја покриваше и Белгија, па дилемата е дали ова рационализирање ќе запре тука или по амбасадите ќе се спојат и амбасадорските функции во Белгија, барем на две. Дилема е исто така дали и некои од веќе именуваните амбасадори на егзотични дестинации ќе се најдат на удар на рационализирањата, откако еден од нив наводно најавил дека веќе не ја сака амбасадорската фотелја. |