СОНК од понеделник во штрајк и со глад
Цветановски за понеделник најави средби во Канцеларијата на ЕУ во Скопје и посета на претставници
Светлана Унковска
Претседателството и претседателите на регионалните одбори и на основните организации на СОНК на чело со синдикалниот лидер Дојчин Цветановски од понеделник стапуваат во штрајк со глад. Ова е последната одлука што беше донесена на вчерашните вонредни седници на Претседателството и на Советот на СОНК откако беше заклучено дека притисоците што се вршат од државните институции, преку локалната самоуправа и директорите на образовните установи за прекин на штрајкот се до степен на неиздржливост. Поради тоа, се' поголем е бројот на просветарите и на цели училишта кои одлучуваат да одржуваат настава, а како најранлива група кај која најмногу успеваат притисоците се наставниците со нерешен работен статус.
Како најеклатантен пример на притисок беше наведен писмениот допис од секретарот на Општина Карпош Хилда Ефтимова, доставен до директорите на основните училишта во кое се бара да достават списоци на членови во Советот на родители на училиштето, како и актуелни членови на училишните одбори, во кои треба да се наведат име и презиме на членовите на советите, односно училишните одбори, телефон и адреса, како што е наведено, за „потребите на градоначалникот на Општина Карпош“. Исто така, стои во дописот, потребно е секој класен раководител да достави број на ученици во класот, со име и презиме на ученикот и родителите, како и телефон. Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, вчера на прес конференција рече дека е изненаден од арогантниот однос на градоначалникот и неговите намери со „удбашки методи да ги заплашува граѓаните на општината“. Според него, децата мора да бидат заштитени од ваквите намери на градоначалникот кои се недозволени. Јакимовски додаде дека кога тој бил градоначалник на Општината, таа била гнездо на демократијата, што не е случај моментно.
Дали училиштата можат на своја рака да им достават списоци со лични податоци на општинските власти? Одговор побаравме од директорката на Дирекцијата за заштита на личните податоци Маријана Марушиќ, која ни изјави дека согласно со Законот што ја регулира оваа област, училиштата имаат право за собирање податоци за децата и нивните родители.
„Секое давање на овие податоци треба да биде поткрепено со законска основа, како и со согласност од родителите и членовите на училишните одбори. Доколку во дописот не е наведена законската основа, училиштата не би смееле да ги дадат податоците, зашто во спротивно го кршат законот и прават неовластено откривање на податоците“, вели Марушиќ.
Цветановски најави дека од понеделник ќе има средби во Канцеларијата на Европската унија во Скопје, а за испитување на состојбите пристигаат и високи претставници на Европската интернационала за образование.
„Од понеделник влегуваме во штрајк со глад. Претседателството донесе ваква одлука како најодговорно во Синдикатот за да се спротивставиме на ваков начин на се' пожестоките притисоци што се вршат врз професорите и врз синдикалното членство“, беше категоричен првиот синдикалец Дојчин Цветановски, кој ја соопшти одлуката вчера на вонредната седница на Советот на СОНК. На ова се приклучија и регионалните лидери на Синдикатот, кои најавија дека од понеделник и тие влегуваат во штрајк со глад. Советот на СОНК вчера не го изгласа предлогот на Цветановски да се донесе заклучок онаму каде што притисоците се неиздржливи, синдикалните основни организации сами да одлучат дали ќе работат или не, а СОНК таквата одлука да не ја смета како кршење на одредбите на Синдикатот.
„Кога синдикалците влегуваат во штрајк, мора да опстојат на какви било притисоци и уцени, а мора да бидат свесни дека патот што им претстои ќе мора да го изодат“, гласеше за��лучокот на Советот. Донесена е и одлука да биде поднесено барање до сите надлежни државни институции и организации веднаш да се проверат сите наводи на Синдикатот за постојните притисоците и да преземат санкции во согласност со законите, а доколку јавно не го направат тоа, ќе значи дека државните институции го толерираат и не го санкционираат насилството, беше заклучено на затворената седница.
„Не апелирам, туку ги потсетувам надлежните државни органи во Македонија веднаш да преземат мерки и да бидат казнети сите лица, директори, локални моќници или државни службеници, односно да бидат разрешени од функциите. Кој им даде право во оваа држава, која е демократска, да го крши и да го доведува во прашање правото на штрајк со невидени притисоци што ќе остават последици во државава“, порача Цветановски.
Претходно, претседателите на регионалните синдикати поединечно ги пренесуваа состојбите со штрајкот. Генерално, сите се пожалија дека директорите заедно со претставници од локалната самоуправа, а во некои општини засилени и со службеници од Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат, вршат постојан притисок врз професорите да одржуваат часови. Во некои училишта се забранувал и влезот на регионалниот синдикален лидер, кој сакал да согледа каква е состојбата со штрајкот во тоа училиште. Пример беа наведени и кога професори, најмногу помладите на кои договорот за работа им истекувал овој месец, биле принудени да држат и да заведуваат часови, иако наставата се водела само на двајца-тројца ученици. Заканите оделе и дотаму што на оние просветни работници кои одбивале да држат настава им се заканувале дека на нивно место од понеделник ќе бидат повикани да работат волонтери. Според регионалниот синдикалец на Општина Центар, директорка на едно основно училиште го вршела притисокот на таков начин што токму деновиве одржувала државни испити за наставници-приправници. (Св.У.)
|