26.12.2012, 17:29 Глобалист
Македонска галерија на срамот
Љупчо Поповски
Во соочувањето со моралните вредности на своите постапки, многумина по оној траурен ден треба да си го постават основното прашање – колку сме ние демократи во себе и колку веруваме во клучната заповед на секоја демократија – онаа за слободен печат
Повеќе луѓе треба да црвенеат од срам поради нивната улога во Вартоломејскиот ден што се случи овој понеделник. Лилјана Поповска, тој фалшлив борец за правата на жените и за еколошките стандарди, се обиде да ја спречи пратеничката на СДСМ, Маринела Тушева, да ja снима со мобилен телефон драмата кога опозициските пратеници беа брутално извлекувани од пленарната сала на Собранието од луѓе кои не се дел од обезбедувањето на законодавниот дом. Кога тројца луѓе ја влечеа по земја повредената Радмила Шекеринска, Лилјана Поповска се обиде да спречи овие вознемирувачки слики да се појават во јавноста. Наместо да се обиде да ја спречи оваа бруталност, Лилјана Поповска мирно седна во фотелјата (исто како и нејзините коалициски партнерки) и ги гледаше и слушаше пискотниците. Никогаш нема да дознаеме што се' поминувало тогаш низ главата на Поповска, но сега веројатно е свесна дека нејзината самоодредена улога на катализатор на правата на жените е загубена во немото соучесништво во овие сцени на ужасот.
Tаа вчера се обиде да тргне дел од срамот од својата наметка, но не кажа ни збор за драмата која бараше да не се снима, туку повеќе зборуваше за блокадата на буџетот и дека државата се бранела од неодговорни луѓе, јасно правејќи дистинкција дека таа е одговорната жена, а не оние што беа тепани.
Народниот правобранител Иџет Мемети уште вчера почна да ја преиспитува својата улога на општествен борец на правата на човекот, затоа што такво драматично нарушување на тие права се одвиваше токму пред неговите очи. Можеби си помислувал каква била таа негова злокобна среќа вториот мандат да го добие на денот кога Македонија западна во длабока конфузија. Како ништо да не се случило во салата пред тоа, бранителот на човековите права и' се заблагодаруваше на Владата што одобрила повеќе пари за институцијата што ја води. Зарем имало потреба да се мисли за невидениот преседан во пленарната сала, за спречувањето на опозициските пратеници да присуствуваат на седницата, да бидат кинети нивните палта, блузи, да бидат удирани по нозете, крвнички влечени за рацете. Мемети имаше други мисли – како да не ја упропасти шансата за нов мандат. Правата на пратениците можат да почекаат кога ќе се врати во старата фотелја.
Треба да се засрамат оние неколку сдсмовски пратеници кои рипаа преку масата на спикерот Трајко Вељаноски за да се обидат насилно да го спречат да ја води набрзина закажаната седницата, на која се разгледуваше буџетот за идната година. Моментите на гнев кај Стојко Пауновски можат да предизвикаат однесување кое не прилега, кое е надвор од регуларните постапки за избраници на народот. Скокањето по масата на спикерот беше од грдо погрдо. Гневот од играта на Вељаноски не може да биде оправдување за тоа што го ставија спикерот во неверојатна ситуација да мора да биде извлекуван од неговото обезбедување. Опозицијата може да вика, протестира, да ја напушти седницата и да го бојкотира Собранието, но не може да се доведе во ситуација да презема акции кои се заканувачки за спикерот.
Откако Трајко Вељаноски се смири во својот кабинет (а можеби испи чаша вода со шеќер за да го намали стресот), ја издаде наредбата новинарите да бидат исфрлени од галеријата, затоа што требаше да биде остварен клучниот дел од планот – да нема опозициски пратеници во салата, а никој од јавноста да не го види тоа. Начинот на кој беа исфрлени од галеријата (кога обезбедувањето се претставуваше како жртва на наредбите, а не како сатрапи на новинарските слободи) не може да се спореди ниту со третманот на новинарите во ужасната војна во Сирија. Ова е најтемната дамка, подобро речено, црна дупка за македонскиот журнализам и правата на слобода на печатот во последниве 20 години. Трајко Вељаноски ќе остане забележан во колективната меморија на новинарите кој единствен се осудил да примени (или да спроведе нечија наредба) таква постапка, со која засекогаш ќе остане на врвот на столбот на срамот каде што се забележуваат прекршителите на основната премиса на секое слободно општество – слободата на печатот.
Камерите од мобилните телефони го фатија во речиси филмска секвенција самопрогласениот демократ Илија Димовски како ги гризе усните и засрамено ја наведнува главата откако погледна кон галеријата и ја виде мрачната слика – како неколку луѓе од обезбедувањето насила го извлекуваат претседателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани, кој беше таму службено како репортер; како му ја виткаат раката и го исфрлаат низ вратата. Лошиот квалитет на сликата не можеше да покаже дали лицето на Илија Димовски било вцрвенето од срам. Но, сигурно си мислел – како утредента да им излезам на очи на луѓето со кои секојдневно сум во контакт поради функцијата што ја вршам. Утредента го немаше никаде, пропадна, не можеше да каже ниту еден збор.
Во оваа бригада на булките, за кои не знаеме дали ќе се вцрвенат, посебно место има Ермира Мехмети. Нејзините изјави остри како брич извираа како вруток кога требаше да ја нападне партиската колешка и јатрва Теута Арифи по заклучокот на Европската унија, кога не добивме датум за преговори. Но, смислуваше јазична еквилибристика да ги објасни страшните сцени од салата. Неброено пати сме слушале дека жената е поставена на посебно место во албанската заедница. Дали тоа се однесува само на албанските жени, а не и на оние од опозицискиот камп кои беа влечени по земјата од грубите агенти, не знаеме. Можеби Ермира Мехмети, како и нејзината јатрва Теута Арифи (која изјави само дека нема коментар за настаните во Собранието), го имаше на ум соопштението на нејзината партија ДУИ, во кое таа ги повика „политичките партии од македонскиот опозициски блок ’Сојуз за иднината‘ да ги спуштат тензиите со цел да се создаде амбиент за продолжување на реформите, согласно со препораките на ЕУ“. Ермира Мехмети, која важи за слободоумен глас во својата партија, се обиде да стави уште некоја лопата бетон во вазалската улога на нејзиниот лидер Али Ахмети во коалициската влада. Нејзината улога и онаа на Теута Арифи во овие срамни настани одат на сметката на директна штета на проектот на интегративците – тие да го скршат арктичкиот мраз за нашето членство во НАТО и во ЕУ. Би било интересно да знаеме какви одговори ќе смисли трустот на мозоци на ДУИ кога Теута Арифи или Фатмир Бесими ќе бидат прашувани во Брисел и во Вашингтон како е можно новинарите на клоци да бидат бркани од собраниската сала.
Двајцата англосаксонски питомци, човекот од Вашингтон, Зоран Ставрески, и магистерката од британски Кентербери, Гордана Јанкулоска, се специјални гости во оваа македонска галерија на срамот. Министерката за внатрешни работи влезе во собраниската сала за да го контролира на самото место развојот на настаните и да издава задолженија (иако се работеше за расправа за буџетот), а министерот за финансии даваше наредби со рака колку што е можно побрзо да се исчисти просторијата од „народните непријатели“ – пратениците од опозицијата. Како би реагирале неговите претпоставени во Светска банка во Вашингтон ако ја видат оваа слика кога министер за финансии дава налог за експресно чистење на опозициски пратеници од собраниската сала можеме само да претпоставиме. На професорите на министерката од Универзитетот Кент веројатно ќе им се крене косата на главата кога ќе видат дека нивен ученик може да гледа со мирна совест како се влечат жени по подот и тоа не кои било, туку меѓу нив и онаа што ја знаат сите во Европската унија и со радост ја чекаат за секој разговор. Но, така е тоа - ако учиш демократија во колепката на светската демократија, не значи дека си приврзан и решен да применуваш демократски начела. Затоа, во соопштението на на МВР ќе напишеш дека „собраниското обезбедување според сите протоколи за работа постапи крајно професионално и создаде ред во салата, овозможувајќи мнозинството пратеници да работат“ и дека „следеа обиди да се инсценира како некои пратеници, наводно, биле нападнати, иако од видеонадзорот јасно се гледа дека немаат контакт со обезбедувањето“. Срамно соопштен��е? Па, кој веќе мисли да се срами во оваа земја на целосно поништени вредности.
Претседателот на државата, како да е јапонски цар, беше скриен во одаите на Водно и одлучи само преку соопштение да му се обрати на народот. Не биле послушани неговите предупредувања во годишното обраќање целото општество да не биде заложник на неодговорно однесување. Но, не се осмели да каже дека она што им се случи на новинарите е скандал од највисок степен во една демократија, туку, исто како и премиерот, изрази само жалење. Доколку застане, како што му прилега на она што би требало да биде – совест на нацијата, Ѓорге Иванов, треба да отиде во Здружението на новинарите и заедно со неговите раководни луѓе да рече дека тој е прв на браникот за одбрана на основното начело – слободата на медиумите.
И на крај, за една посета што не' очекува по Божик. Медијаторот Метју Нимиц треба да дојде во Скопје и во Атина со можни нови предлози. Во обраќањето до нацијата во понеделникот вечерта, премиерот Никола Груевски изјави дека издржувал многу во неговиот живот, во што биле вклучени и притисоците за промена на името. Но, опстојал само од една причина - оти народот бил со него. Ваквата изјава однапред ја прави беспредметна посетата на Нимиц, а го поништува и заклучокот на Европскиот совет за можните фази за стигнување до датум за преговори. Освен ако тоа не била испревртена порака за да ја сврти наклоноста на јавноста кон себе.
|